Претседателот Стево Пендаровски во своето годишно обраќање во македонското собрание се осврна на повеќе актуелни теми, ставајќи го фокусот на односите со Бугарија, нефункционалните институции, евроинтеграциите, состојбите во правосудството, а проговори и за негрижата за македонскиот јазик, зачестените хибридни закани, проблемот со иселувањето, ширењето дезинформации итн. Во продолжение ги пренесуваме клучните поенти од годишното обраќање на претседателот на државата

Клучни поенти од годишното обраќање на шефот на државата

Еден поглед врз целиот период од нашата независност до денес ќе покаже дека, за жал, во овие триесет и една година не сме имале подолг период на мирен развој на државата, истакна претседателот Стево Пендаровски на почетокот на говорот во рамките на своето годишно обраќање пред пратениците во Собранието. Тој, правејќи еден тридецениски историски пресек, ги спомена катастрофалните ефекти на приватизацијата, ембаргата и санкциите во 1990-тите, конфликтот во 2001-та, светската финансиска криза во 2008-2009 година, длабоката внатрешна политичка криза што заврши со упадот во Собранието и, на крајот, пандемијата и војната во Украина, кои, според него, го лимитираа нашиот развој и ги исцрпуваа ресурсите на нацијата.
– Генерално, за неповолните внатрешни состојби во државата, од кои граѓаните во висок процент со право не се задоволни, реално, најголем дел од одговорноста паѓа врз грбот на домашните политичари и политички партии, почнувајќи од првите гарнитури во раните 1990-тите, па до нас денес, кои сме на чело на институциите на централно и локално ниво – рече Пендаровски.


Нема никакви гаранции дека промената на Уставот ќе биде последното бугарско барање

Понатаму во говорот порача дека е потребна кристално јасна и чиста правна и политичка процедура за промена на Уставот, притоа додавајќи дека нема никакви гаранции дека тоа ќе биде последното бугарско барање.
– Сакам од ова место да порачам дека нам ни е насушно потребна кристално јасна и чиста правна и политичка процедура за промена на Уставот, каква што ѝ прилега на една европска демократија. Никој никого не треба да притиска, ниту да условува за да гласа спротивно на својата волја, но притоа на сите пратеници треба да им се пред очи две работи: прво, дека самата содржина на конкретниот предлог, впишувањето на Бугарите и делови од други народи во Уставот, на ниту еден начин не го руши македонскиот идентитет и, второ, тие што се денес против, ако навистина веруваат дека ЕУ е нашата стратегиска цел, нашата стратегиска константа од 1991-та до денес и ако се денес против, како ќе гласаат за оваа уставна промена кога ќе бидат на власт – праша Пендаровски.
Според него, никој не може да даде гаранции дека вметнувањето на Бугарите во македонскиот устав ќе биде последно барање од Бугарија во процесот на преговори со ЕУ.
– Никој не може да ѝ даде гаранции на земја-кандидат, која тукушто ги почна преговорите, кои не се праволиниски. Затоа, ние во процесот треба да влеземе со самодоверба и да се фокусираме на исполнување на критериумите што ќе им обезбедат подобар живот на нашите граѓани. Одамна помина времето кога го меревме успехот во интеграциите според бројот на усвоените закони – кажа претседателот.
Тој побара од пратениците да го направат тоа , како во случајот со гласањето со резолуцијата за македонските црвени линии во однос на спорот со Бугарија минатата година.


Поради францускиот предлог се поделивме до невидени граници

За македонскиот претседател одлуката да се прифати модифицираниот француски предлог не е ниту историски триумф ниту историски дебакл и денес може да издржи аргументирана критика.
– Имено, модифицираниот француски предлог поради кој се поделивме до невидени граници предизвика голем број контроверзии, но сите беа директно или индиректно поврзани со стравот од идентитетска закана, за Македонците и македонскиот јазик. Реферирајќи на тезата дека само како Бугари можеме да влеземе во Унијата, сакам да потенцирам дека апсолутно не постои начин од Македонец да направиш Бугарин. Тоа се два различни идентитетски кодови, два различни народа со своја специфична етногенеза. Во историјата нема таков пример, со договор да му биде сменето националното чувство на цел народ. Притоа, одбивам да поверувам дека политичка цел или приоритет на претседателот на Француската Република или, на пример, на германскиот канцелар им е да го обезличат македонскиот народ за како Бугари да нѐ внесат во Унијата – порача Пендаровски.


Бугарските клубови не придонесуваат за градење доверба

За македонскиот претседател, отворањето на бугарските клубови низ земјава не придонесува за градење доверба помеѓу граѓаните.
– Нашата обврска за промена на Уставот не е поврзана со отворањето на клубовите на Бугарите во Македонија, меѓутоа останува впечатокот дека станува збор за временски темпирана и организирана активност, која не придонесува за градењето доверба меѓу Скопје и Софија. Со тензиите што ги крена отворањето на овие клубови, за жал, другата страна одбра конфронтациски наместо кооперативен пристап, кој е целосно на линија со јавната реторика на бугарските историчари во заедничката комисија, кои инсистираат историјата да доминира над целокупната билатерална агенда, наместо да биде само еден нејзин сегмент. Фактот дека не постои никакво системско нарушување на правата на бугарското малцинство не треба да ја лимитира нивната можност да отвораат клубови каде сакаат и колку сакаат, но со стриктно почитување на македонските закони, кои се компатибилни со европските – додаде Пендаровски.


Нефункционални институции

Македонскиот претседател понатаму се осврна на горливиот проблем со кој се соочуваат граѓаните, а тоа е нефункционалноста на институциите во земјата.
– Кога довербата во институциите е на ниско ниво, демократијата е во сериозна опасност. Во таков амбиент, популизмот и авторитарните тенденции, кои се во подем, полесно ја реализираат својата цел, бидејќи демократијата не покажува доволно ниво на резистентност – истакна Пендаровски.
Според него, во клиентелизмот и партиската лојалност како критериум за вработување и напредување треба да се бараат причините за слабоста на институциите.


Да не се загуби поддршката на граѓаните за евроинтеграциите

Пендаровски уште додаде дека се наоѓаме на критична точка, бидејќи поддршката за ЕУ меѓу граѓаните опаѓа, и дека сега е последната шанса таа да се задржи.
– Од оваа говорница сакам да упатам апел, повик до Европската Унија дека очекуваме новиот фокус кон регионот да не биде само епизода, предизвикана од војната во Украина, која ќе трае додека Украина е во фокусот. За одржување на кредибилитетот на интегративниот процес, Европа не смее да дозволи Западен Балкан да го држи во фокусот само кога има војни или мигрантски кризи. Поддршката за Унијата меѓу граѓаните драматично опаѓа, се наоѓаме на критична точка и ова е последната шанса да ја зачуваме мнозинската поддршка – потенцираше Пендаровски.


Нема правда со корумпирани судии и обвинители

Претседателот Пендаровски во годишното обраќање истакна дека нема да има правда сè додека се на слобода судиите и обвинителите што носат скандалозни одлуки зад кои стојат коруптивни мотиви. Тој потсети на тезата дека нема правда ако нема актуелни политичари во затвор, но дека истото тоа треба да важи и за луѓе од правосудството, за кои рече дека се спогодуваат со ликови за кои целата јавност знае дека се збогатиле со пари од народот.
– Државата или ќе ги стави криминалците во затвори од затворен тип или некои од нив и понатаму со пари украдени од народот ќе продолжат да градат имиџ на чесни и доблесни граѓани и ќе ги исмеваат сите други од безбедна дистанца. Не треба да има само апсења за јавноста, туку изречени долгогодишни затворски казни и враќање на украденото. Но истовремено да се почитува пресумцијата на невиност, да не ги осудуваме луѓето во јавноста пред да ги осуди надлежниот суд. Но сите наши напори ќе паднат во вода ако правосудните органи се спогодуваат со ликови за кои целата јавност знае дека со пари од народот ги имаат обезбедено своите сè уште неродени деца и внуци. Нема правда ако нема актуелни политичари во затвор за корупција, меѓутоа нема да има правда и сè додека на слобода се судиите и обвинителите што носат скандалозни одлуки зад кои верoјатно стојат коруптивни мотиви – кажа Пендаровски.


Стравуваме од надвор, а дома не го чуваме македонскиот јазик

Претседателот потсети и за негрижата за македонскиот јазик дома, што, според него, носи поголема опасност за негово опстојување отколку од нападите од Бугарија.
– Дали беше потребно да го чекаме јубилејот 100 години од раѓањето на Конески, за да се соочиме со нашата негрижа за јазикот во јавниот простор, дали знаеме за драстично намалениот број на лекторати и македонисти во светот, имаме само неколку преостанати паралелки со македонски деца што го изучуваат македонскиот јазик во дијаспората или очајната состојба со младиот наставен кадар, кој со години не е обновен на факултетите и институтите по македонски јазик – рече Пендаровски.


Ѝ помагаме на Украина бидејќи препознаваме хегемонистичко однесување и кон нас

Претседателот се осврна и на војната во Украина и помошта што Македонија ѝ ја дава на оваа земја во рамките на своите можности, појаснувајќи зошто воопшто ѝ помагаме на украинската страна.
– Малите држави мораат да поддржуваат меѓународен поредок заснован на правила и принципи, затоа што во свет што се потпира врз аргументите на силата, нашите шанси да опстанеме се еднакви на нула. Второ, аргументите на Русија за воената агресија воопшто не се разликуваат од големодржавничките резони на балканските држави од почетокот на 20 век и нивниот понижувачки третман кон помалите народи, меѓу кои спаѓаме и ние. Во колективната меморија на Македонците е длабоко врежано сознанието зошто меѓу последните сме направиле држава на Балканот и токму поради тоа денес многу добро знаеме предвреме да ги препознаеме тие модели на хегемонистичко однесување кон нас – истакна Пендаровски.


Белата чума, хибридните закани, дезинформациите…

Во годишното обраќање, претседателот Пендаровски се осврна и на проблемот со иселувањето, јасно потенцирајќи дека ако продолжи ваквата динамика, Македонија до 2050 година ќе има само еден милион жители. Понатаму се задржа и на хибридните закани со кои се соочува земјата, како и со интензивни и организирани пропагандни кампањи за дезинформирање на јавноста во однос на виталните прашања и дилеми. С.Т.