Се одбележува на 23 мај затоа што на овој ден османлискиот султан Абдул Хамид Втори го објавил т.н. влашки милет, но официјално Власите за посебен милет (народ) биле признаени еден ден порано, односно на 22 мај 1905 година. Оттука, еден дел од влашката народност всушност го одбележува 22 Мај како национален ден. Поради важноста на самото признание, празникот понекогаш се слави на 22 мај

Националниот ден на Власите е национален празник на Власите, етничка група што живее на Балканскиот Полуостров, поточно во Албанија, Бугарија, Грција, Македонија, Романија и во Србија. Се одбележува на 23 мај затоа што на овој ден османлискиот султан Абдул Хамид Втори го објавил т.н. влашки милет, но официјално Власите за посебен милет (народ) биле признаени еден ден порано, односно на 22 мај 1905 година. Оттука, еден дел од влашката народност всушност го одбележува 22 Мај како национален ден. Поради важноста на самото признание, празникот понекогаш се слави на 22 мај.
Овој ден се совпаѓа со денот на годишнината од тогашната романска декларација за независност. Според еден дел од историчарите, создавањето на влашкиот милет било постигнато со помош на Романија и надворешни сили, особено Австро-Унгарија и Германската Империја, односно Власите добиле право на свои цркви и да имаат поголема автономија во образованието, меѓутоа Власите и понатаму биле под јурисдикција на Цариградската патријаршија, односно немале сопствена црква во Османлиската Империја
Според историчарот проф. д-р Никола Минов, признавањето на влашкиот милет бил дипломатски пораз за Грција, поради што прогрчките Власи одбивале да го прослават денот, кој симболизира пораз на нивната перципирана „татковина“. Друга причина веројатно била фактот дека влашкиот милет бил основан од османлиски султан, поради што неговиот збор не бил широко прифатен или почитуван поради лошите односи меѓу Грција и Турција.
Во Македонија, празникот е познат како Национален ден на Власите, односно е официјален државен празник во Македонија од 2007 година и неработен ден за македонските граѓани од влашка етничка припадност според закон од 2007 година издаден од Министерството за труд и социјална политика на Македонија. Д.Ст.


Власи – староседелци на Балканскиот Полуостров

Власите се народ од романската група, населени низ Балканскиот Полуостров. За нивното потекло има повеќе тези. Некои истражувачи велат дека Власите се остатоци од Ромеите, односно потомци на Римјаните, а други, пак, сметаат дека Власите се потомци на Трако-Илирите, Епирците или Тесалијци‎те, но сепак без сомнение е тезата дека тие се староседелско население на Балканскиот Полуостров. Власите зборуваат на влашки јазик, кој е доста близок со италијанскиот јазик и романскиот јазик, а и со албанскиот, а има и поголемо влијание од грчкиот јазик.
Во почетокот на 14 век, Власите како еден од најбогатите балкански народи го формирале градот Москополе во кој постоела „Нова Академија“, првата академија на Балканот, повеќе од 70 цркви и училишта како и печатница. Подоцна Москополе било разурнато од албанските банди, по што голем бран Власи здружени со Власите од околината на планината Грамошта се населиле во Македонија (Крушево, Осоговските Планини, Овче Поле, Штипско итн.).
Познати влашки племиња се: Власи Каракачани (во Македонија, Грција и Бугарија), Краински Власи (во Србија), Истарски Власи (во Хрватска), Мегленски Власи (во Мегленската Котлина во Егејска Македонија – Грција) итн.