Фото: Игор Бансколиев

Колку на новинарите и медиумските работници, кои се секогаш во првите борбени редови за сите случувања во државата, им се признаваат и вреднуваат трудот и пожртвуваноста. Дали терминот седма сила, како што обично се вели за медиумите, е само на хартија и какви се правата на новинарите во Македонија во споредба со нивните колеги од Европа и од светот?

КОЛКУ СЕДМАТА СИЛА Е НАВИСТИНА СИЛА КОГА СЕ ВО ПРАШАЊЕ СОПСТВЕНИТЕ ПРАВА

Изминативе денови, македонското општество е заплиснато од бран протести и незадоволство. Државната администрација бара ниту една плата да не биде под минималната од 18.000 денари, матичните лекари побараа ургентно покачување на капитацискиот бод, штрајкуваат вработените во образованието, а за Први мај се најавува и сеопшт работнички протест за поголеми права. Очигледно, различни структури на работници се незадоволни од својот статус во општеството. Сите овие протести, но и редица други актуелни настани во државата се следени и пренесувани од медиумите и новинарските работници.
Но каков е, всушност, нивниот статус во државата? Колку на новинарите и медиумските работници, кои се секогаш во првите борбени редови за сите случувања во државата, им се признава и вреднува трудот? Дали терминот седма сила, како што обично се вели за медиумите, е само на хартија и какви се правата на новинарите во Македонија, во споредба со нивните колеги од Европа и од светот?
Сите досегашни истражувања укажуваат дека новинарството се вбројува меѓу најопасните и најстресни професии. Впрочем, на скалилото на најстресни професии во светот над новинарството се наоѓаат само воениот персонал, пожарникарите, пилотите и полицијата. Прекумерниот стрес со кој се соочуваат новинарските работници може да го зголеми ризикот од разни видови заболувања, мозочни удари, срцеви напади, чиреви и ментални болести, како што е депресијата. Не случајно, Стенли Вокер, уредник на „Њујорк хералд трубјун“, уште во почетокот на 20 век тврдел дека некои од новинарите биле „изгорени и бескорисни“ на возраст од дваесет и пет години, посочувајќи дека „нервните сломови“ се вообичаени во новинарската професија.

Превисока старосна граница за толку стресна професија

Затоа, сосема е легитимно прашањето зошто стресот и хроничните заболувања не се земаат предвид за евентуално предвремено пензионирање на новинарите и давање можност за бенефициран стаж, како што имаат некои други професии во државата. Зошто редовното пензионирање на 64-годишна возраст за мажи и 62 за жени, според многумина аналитичари, е превисока граница за напорна и стресна професија каква што е новинарството? За оваа тематика, здруженијата на новинари велат дека сочувствуваат со потребите и проблемите на новинарите, меѓутоа укажуваат дека тие немаат надлежност и го посочуваат Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ).
Во консултациите со ССНМ ни беше укажано дека класичниот бенефициран стаж за новинарите не е возможен. ССНМ неколкупати се обидел да се избори, но велат дека е потребна поголема поддршка и од новинарите. ССНМ исто така посочува дека е потребно дополнување на Законот на работни односи, со подзаконски акт, но целиот процес е премногу сложен. Од ССНМ досега неколкупати преговарале со Владата и со Министерството за труд и социјална политика, со намера да изнајдат решение, но сите нивни обиди биле неуспешни. Од ССНМ посочуваат дека решението може да се бара во регулативите на некои од земјите-членки на Европската Унија, како што се Полска или Унгарија, каде што новинарите се вбројуваат во групата од јавен и општествен интерес, како што се учителите.

Видувања и искуства на новинарите

Околу оваа проблематика побаравме мислење и од неколкумина искусни доајени во македонското новинарство. Според Панде Колемишевски, поранешен директор и уредник во некогашната НИП „Нова Македонија“ и сѐ уште активен новинар и колумнист, најголемата тежина паѓа врз плеќите на главните уредници.
– Политиката никогаш не е задоволна од новинарството, а новинарите се воздржуваат од барањата за подобрување на својот статус. Во минатото, новинарските работници имале одредени бенефиции, а синдикалните здруженија се грижеле и за другите основни потреби на новинарите. Но никогаш не сме имале силен синдикат што ги заштитувал новинарите, но тие секогаш имале силна поткрепа од редакциите – посочува Колемишевски.
Марија Таушанска, која повеќе од три децении е во новинарската фела, вели дека ретко кој новинар ја дочекува заслужената пензија.
– Јас ја имав таа среќа или несреќа 35 години да работам во дневното новинарство и, еве, ги одработувам последните месеци. На шега велам дека по сѐ што поминало и добро и лошо сум заслужила орден за издржливост. Иако не сум работела во политичката рубрика, освен неколку кратки излети, сум ги поминала забавната, културната рубрика и дескот како школа што многу ми помогна. Она што ние го работиме е постојано на увидот на јавноста и бара голема посветеност – вели Таушанска.
Според Таушанска, новинарите контактираат со многу луѓе и не секогаш тие средби се пријатни. Роковите, секако, ја зголемуваат напнатоста, како и фактот дека треба секојдневно да сме инвентивни и докрај професионално да ја завршиме работата, често и кога нема услови за тоа. Но дали и колку тоа се цени од општеството?
– Често слушаме во последно време за омаловажувањата на новинарите, за судските спорови против нив, па дури и за физички напади. На почетокот на мојата работна кариера новинарите многу повеќе се почитуваа. Имавме и дополнителен годишен одмор во зима, како и повеќе бенефиции – вели Таушанска.
Во минатото имавме синдикална организација и едно новинарско здружение, а не како сега повеќе, кои не соработуваат меѓу себе. Се правеа напори за добивање бенефициран стаж, но општествените околности го стопираа сето тоа. За жал, новинарството денес спадна на ниски гранки. Се надевам дека сега, младите новинари ќе најдат сили да се изборат за статусот на новинарите во општеството и ќе се потрудат да се врати дигнитетот на оваа важна професија, вели Таушанска.


Новинарството е меѓу најстресните професии

Линда Класен од Одделот за информации од јавен карактер при УНЕСКО констатира дека новинарството е опасна професија. Според неа, во изминатите години во просек на секои четири дена се убивал по еден новинар. Податоците укажуваат дека од 2016 година, повеќемина новинари се убиени надвор од конфликтните зони отколку во земјите каде што има оружени конфликти, а во периодот помеѓу 2020 до крајот на јуни 2021 година биле пријавени осумдесет и шест убиства на новинари низ светот. Кон овие бројки треба да се додадат и осумнаесет новинари што досега се убиени во воениот конфликт во Украина.
Досегашните истражувања исто така покажуваат дека новинарството се вбројува меѓу најстресните професии. Фред Федлер од Универзитетот во централна Флорида посочува дека речиси 40 отсто од уредниците во Соединетите Американски Држави се соочуваат со здравствени проблеми што се поврзани со работата, како што се несоница, алкохолизам и хипертензија. До сличен заклучок доаѓа и Бетси Б. Кук од универзитетот „Отербејн“, која вели дека исцрпеноста на уредниците и новинарите е многу голема, дури и многу над нормите во споредба со другите професии.
Истражувањето на д-р Тара Сварт, во соработка со Лондонскиот новинарски клуб, покажува дека новинарството е стресна професија и честопати новинарските работници се соочуваат со одговорност, непредвидливо оптоварување и кратки рокови. Но и покрај тоа, за новинарството како стресна професија не се дискутира толку широко како за другите професии со слични притисоци, заклучува Тара Сварт.


Светски и европски примери

Истражувањата покажуваат дека новинарските работници се соочуваат со безбедносен ризик и постојан стрес што се одразува на нивното здравје, оттука на светско и на европско ниво постојат различни практики, преку директно дејствување на владите или активности на новинарските синдикатите.
Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор рече дека Владата ќе насочи четвртина од својот буџетот за здравственото осигурување и пензиите за посиромашните новинари, чекор што ќе влијае врз приходите на традиционалните медиуми. Во 2021 година, канадската влада предложи закон што предвидува даночни мерки за поддршка на новинарството.
Парламентарното собрание на Советот на Европа, еден од двата главни органи на Советот на Европа, искажа загриженост за несигурноста на професијата новинар. Парламентарното собрание во својата резолуција забележа дека синдикатите треба да ги застапуваат сите новинари во колективните договарања и договори, пред сѐ за основните права, како што се работното време, платеното отсуство по одреден стаж и придонесите за социјалното осигурување што покриваат пензии, социјално осигурување и невработеност.
Слични видувања има и Комисијата за култура, наука, образование и медиуми при Парламентарното собрание на Советот на Европа, односно дека синдикалните организации треба да имаат придонес во подобрување на условите за новинарите.