Коле Манев: Детство

Иако одамна се знаеме, кога ќе прочитам некое твое писание ми се чини како да не се знаеме или се познаваме од скоро. Имаш други случки што ти се случиле во детството и не само во детството, настани на кои се сеќаваш, ти значеле во професијата и воопшто во животот, настани што мислиш дека можеш и треба да ги раскажеш? И уште нешто, сега почна кампањата за претседателските избори, нели е нормално приказните од детството да ги оставиш малку настрана, не да ги заборавиш, туку извесен период да се посветиш на кампањата за претседателските избори, која штотуку почна. Нели треба збор-два за кандидатите, кои се седуммина, нели тоа е предизвик за пишување и плус актуелно е за сите нас. Што мислиш?
Види, не сум ниту новинар уште помалку сум писател. Ова што го правам со текстовите за писанија или колумни ми остана навика од пишувањето сценарија иако досега само четири се реализираа во филмови. Искрено и со тоа сум задоволен. Кога пишувам теми од детството или за сѐ што е важно и актуелно за мене и за читателите, се трудам текстот да ги задоволи основните критериуми што ги бара еден весник. Многу се потпирам на ликовните прилози, цртежите, колажите или сликите што ги нудам покрај текстот. Тоа ме храбри и дури ќе оди така, ќе терам. Навистина ми претставува радост кога ќе видам мој цртеж во весник придружен со соодветен текст.
Ме прашуваш, дали има уште настани од детството, јас мислам дека детството е богата ризница од настани, јас штотуку почнав со спомени од детството или воопшто од тоа што сме го поминале. Претседателските избори се важни, многу важни, особено кога знаеме во каква состојба се наоѓа државата. И што да ти кажам. Ако овој пат ние граѓаните не постапиме сериозно како одговорни граѓани, прво масовно да излеземе на гласање и да го одбереме тоа што е најдобро за нас и државава. Друг избор немаме. Тоа е мое мислење. Со сиот почит кон кандидатите, но ова почна да ми личи на изборна лакрдија. Бујар Османи се претставува како „европски кандидат“, заборава дека се кандидира во Македонија не во Европа. Башка иконографијата е напишана само на албански јазик, тек-тук по нешто и на македонски. Истото тоа се случува и со господинот Таравари, кој како да се претставува во Албанија. Тажно, колега Петре, тажно и срамно. Не ми е јасно кого Османи и Таравари сакаат да измамат, себеси или македонските граѓани, етнички Албанци. Реков со сета почит кон кандидатите, но мојот избор е Гордана Силјановска-Давкова. Сѐ друго ќе биде трагично. Дојдовме до степен да се запрашаме да не случајно ја изгубиме државата. Политичките прошетки на Заев, Ахмети, Ковачевски, Џафери или на Димитров се опасни игри.
Овој цртеж ќе биде како прилог во наредната колумна? Ликот ми личи на тажно „Егејче“. Не си далеку, тоа е гваш, ликовна техника меѓу акварел и темпера, направен како илустрација за книга, а темата се токму Македонците од Егејот. Кога веќе ја споменавме егејската тема, повторно ќе се вратам во детството и мислам дека нема да биде досадно или премногу со таа тема.

Во 1955 година, заедно со моите блиски се вративме од домовите од Романија, наредната година се запишав во Уметничкото училиште. Во тоа време сиромаштијата беше присутна насекаде, не само за нас дојдените од разни краишта од Европа туку и за Македонците што беа родени овде, во Републиката. За да ја ублажам сиромаштијата отидов во „Детска радост“ каде што во тоа време работеа Славко Јаневски, Васил Куновски, Видое Подгорец, Славчо Темков често наминуваше и Блаже Конески. Како ликовен соработник работеше Димитар Кондовски, чест гостин беше и Мазев.
Кога го посетив седиштето на „Детска радост“, уредникот Васил Куновски го подготвуваше новото неделно издание на „Наш свет“, за мене тоа беше добра можност да им објаснам дека се нудам како илустратор на што било, а за возврат да добијам некаков хонорар. А Славко ме запраша дали знам да цртам. Ако ми дадете еден текст, ќе го илустрирам, по што ќе видите дали знам да цртам или не, му одговорив.
Васил Куновски ми даде текст и ми рече: „Во ’Наш свет‘ ќе излегуваат илустрирани биографии на наши познати историски личности, ако го изработиш овој текст квалитетно, ќе можеме да соработуваме. Ајде со среќа“.
Неколку дена работев на илустрираната биографија на една наша историска личност и право во „Детска радост“. За среќа или за чудо, во просториите беа Кондовски, Мазев и сите други што работеа во издавачката куќа.

На Васил му го дадов цртаниот материјал, Васил добро го разгледа, а потоа му го подаде на Славко и тој да го види условно речено „стрипот“. Го виде Кондовски, а потоа и Мазев, на што додаде. Од каде си? Учам во Уметничкото училиште, пред две години дојдов од домовите во Романија. Ти си Егејче, ме запраша Мазев? Славко и ти Василе, треба да му дадете работа на Егејчето, видите како го нацрта ликот на Пиколомини, кој од Водно го гледаше Скопје како гори. Конде (кон Кондовски) ти што мислиш, треба да го ангажираат Егејчето, нели, со емоција заврши Мазев.
Колега Петре, додека бев во Средното уметничко училиште соработував со луѓето од „Детска радост“ и во годините додека бев на Ликовната академија во Белград, на разни начини ми испраќаа текстови, а јас им враќав цртежи. Благодарение на таквите луѓе, кои беа чесни, стамени, несебични туку со полно срце дарежливи, сега се занимавам со ова професија. Без нив не ќе можев. Ова не е никаква мелодрама, ова е вистинска животна приказна. Сакам да те прашам, драг Петре, мислиш ли дека денес има такви личности како тие од дамнешната „Детска радост“? Тешко е да се каже дека ги нема, но потешко се наоѓаат.
Да ги оставиме носталгичните приказни настрана, што мислиш, кој ќе биде новиот претседател на Македонија? Петре, прашањето ти е на место, ќе победи тој за кого граѓаните најмногу ќе гласат. Јас се изјаснив за кого ќе го дадам мојот глас. Нели мислиш дека е време да му се порадуваме на животот, да бидеме малку горди?

Коле Манев