Македонскиот Че Гевара

Животниот пат на Стојан Везенков е интересен од неколку аспекти, меѓутоа особено е забележлив неговиот прагматизам. Воден од идејата за слобода на македонскиот народ и независна Македонија, Везенков соработувал со многумина, вклучувајќи ги и тогашните српски и албански водачи, како и руските дипломати, обидувајќи се преку овие контакти да организира оружени востанија за извојување слобода на повеќе народи поробени од Османлиската Империја

Од историските архиви: Стојан Везенков, Македонец што својот живот го посветил на идеалот на слободата

Создавањето на современата македонска држава е вековен процес во кој учествувале илјадници знајни и незнајни Македонци, а меѓу нив е и Стојан Везенков, кој потекнувал од мијачкото село Тресонче. Меѓу првите што го истакнале значењето на овој македонски деец од 19 век е и Димитрија Чуповски (еден од најистакнатите афирматори на македонската национална мисла), кој соработувал со неговиот син Владимир. Дека Чуповски бил фасциниран од ликот и делото на Везенков потврдува и фактот дека голема слика на овој Македонец била постојано покрај бирото на Чуповски, а во овој контекст се и пишувањата на весникот „Македонски глас“ (издаван во Санкт Петербург од Чуповски, како орган на приврзаниците на независна Македонија), во кои Везенков се велича како македонски водач и борец за независна Македонија. Во современата македонска историографија има неколку труда што се посветени делумно или целосно на овој Македонец, а тука може да се споменат пишувањата на Христо Андонов Полјански, Загорка Присаѓанец-Тодоровска, Блаже Ристовски, Максим Стојановски и др. Но и покрај ова, ликот и делото на Стојан Везенков се непознати за пошироката македонска јавност.

Идеалот за слобода на човештвото како водилка на Везенков

Животниот пат на Стојан Везенков е интересен од неколку аспекти, меѓутоа особено е забележлив неговиот прагматизам. Воден од идеалот за слобода на поединецот и народот, вклучувајќи го и македонскиот народ во независна Македонија, Везенков соработувал со многумина, вклучувајќи ги и албанските и српските водачи, како и руските дипломати, обидувајќи се преку овие контакти да организира оружени востанија против Османлиската Империја.
Неговите први револуционерни активности може да се забележат во 1859 година, кога се обидува да создаде револуционерен комитет во Крушево. Во почетокот на 60-тите години остварил контакти со руските дипломати во Османлиската Империја, меѓу нив биле рускиот конзул во Солун, Алексеј Лаговски, рускиот дипломатски претставник во Цариград (Истанбул), Ростовски, како и со Хитрово, руски конзул во Битола. Преку овие средби успеал да издејствува неговите браќа Петар и Константин да студираат во Русија, а при неговата посета на оваа словенска држава договорил и средба со рускиот цар Александар Втори, со намера да ја претстави положбата на христијаните во Османлиската Империја. Меѓутоа Везенков не ја ограничил својата соработка само со претставниците на руската држава, имено, се запознал и со Јован Ристиќ, српскиот дипломатски претставник во Цариград. Во овој период, српската држава предводена од Михајло Обреновиќ се стремела кон формирање балкански сојузнички систем, а споменатиот српски владетел од Србија направил центар на востаничката и националната активност на Балканот. Во овој правец, Јован Ристиќ го поттикнувал и помагал Везенков во неговите антиосманлиски активности, односно систематско спроведување револуционерна пропаганда во Македонија и пошироко.
Тука треба да се спомене и неговата соработка со Албанците. Имено, Везенков покрај своето сопствено македонско име, го употребувал и конспиративното албанско име Зека Бисов. Одлично го говорел албанскиот јазик и стекнал приврзаници за ослободителната идеја и кај Македонците и кај Албанците. Затоа Димитрија Чуповски го именува како македонско-албански водач, а кај албанското население бил познат и како новиот Скендербег.

Везенков како револуционерен агитатор

Револуционерната дејноста на Стојан Везенков се засилила по избувнувањето на Критското востание во 1866 година. Русија во координација со српската држава одлучила да го искористи ова востаничко движење за дестабилизација на Османлиската Империја со нови оружени акции на Балканот. Во овој правец била и средбата од април 1867 година во Цариград помеѓу рускиот дипломатски пратеник Игњатиев и Јован Мариновиќ, на која било решено да се организира востаничко движење во Албанија. Предвиденото востанието требало да започне во мај, со тоа што први на востание ќе cе дигнеле Албанците, со што би била оневозможена Високата порта да ги ангажира во задушувањето на другите можни востанија. За раководител бил одреден Стојан Везенков, кој претходно во придружба на двајца или тројца соработници требало да замине за Белград за договор со српската влада. Меѓутоа Игњатиев го изменил планот и наместо во Белград, Везенков најпрво заминал да го организира востанието во Албанија.
Везенков во април 1867 година ги започнал своите подготовки да ги организира македонскиот и албанскиот народ за востание. Најпрвин ги започнал подготовките во Дебар, а потоа се префрлил во Мат и во Малесија. Во Дебар се сретнал со влијателниот албански првенец Сали Марко. Во Мат преговарал со Асан Кока, Сул Кулета и Џелал-паша. Меѓу нив агитирал за организирање востание против османските власти. Во овие договарања биле преземени само мерки за подготовки на востание. Овие преговарања продолжиле и во 1868 година. За овие активности Стефан Верковиќ (српски фолклорист, етнограф, нумизматичар и археолог) соопштил дека Везенков имал средби кај поглаварите на разни фисови во Арнаутлукот.
Христо Андонов Полјански, историчар и поранешен ректор на универзитетот „Кирил и Методиј“, нагласува дека оваа револуционерната дејност на Стојан Везенков оставила траги, а неговата соработка за активирање на македонскиот и албанскиот народ на востание против османлиската власт служена како поттик за натамошното раздвижување на заемното ослободително дело.

Обид за востание во Македонија

Во 1867 година, Стојан Везенков се обидел да организира оружено востание во Крушевско заедно со Спиро Џеров (Ѓеров)-Македонски (македонски револуционер, учесник во ослободителните борби во Србија, Романија и во Бугарија, каде што и загинал), а во овој период ги продолжил и контактите со рускиот дипломатски пратеник Игњатиев. На патување во Грција за купување оружје бил фатен од властите. Бил одведен во Ниш и осуден на смрт со бесење, но бил помилуван и казната му била заменета со 101 година затвор. Неговиот брат Константин, кој во тоа време бил лекар во Русија, напишал излагање до рускиот цар, кое било потпишано и од 50 истакнати руски јавни личности и достоинственици. Оттука рускиот цар Александар Втори, кој лично го познавал Везенков, испратил писмо до султанот во кое барал помилување.
По ослободувањето од страна на султанот, Везенков заминал во Белград, каде што ги поминал наредните години од својот живот. Во српската престолнина, Везенков заедно со дедо Иљо Малешевски, Ѓорѓија Пулевски, Димитар Беровски и други македонски дејци учествува во борбите со турскиот гарнизон до неговото распуштање истата година. Во Србија, Везенков соработувал со српскиот деец Милош Милојевиќ, кому му обезбедил македонски народни песни за објавување, поради што дошол во судир со Љубен Каравелов (бугарски поет, писател, енциклопедист, новинар, етнограф, национален херој, поборник за ослободувањето на Бугарија од турско ропство). Во 1876 година, учествувал во Српско-турската војна, но бил заробен. По војната бил ослободен и во 1877 година заминал во Букурешт, од каде што подоцна продолжил во Одеса.

Активен борец против Османлиската Империја

Кога Везенков пристигнал во Одеса, руската држава напорно се подготвувала за војна со Отоманската Империја. Со воен конвој, Стојан заминал за Кишинев и тука им помогнал на грофот Игњатиев и Хитрово во формирањето доброволни чети и одреди. Помеѓу другите задачи, на инсистирање на Хитрово, тој започнал со агитација и регрутирање доброволци во Романија и Србија. Во текот на Руско-турската војна, високата руска воена команда му доделила задача да обезбеди инженерски премин на руските трупи низ Стара Планина. Стојан Везенков присуствувал на потпишувањето на Санстефанскиот мировен договор.
За неговото херојство во војната, Стојан Везенков за храброста бил одликуван со рускиот офицерски крст Ѓурѓовден, кој му бил врачен од рускиот цар Александар Втори. Во овој период започнува и Македонското востание (познато и како Кресненско востание), а според некои податоци, Стојан Везенков организирал чета во Охрид. По неуспешното востание се вратил во Русија со синот Владимир и ќерките Рајна и Косара. Постепено се повлекол од револуционерната дејност и почина во Одеса, 1897 година. Д.Ст.


Стојан Везенков како градител

Роден е во македонскиот град Крушево, но во семејството на иселеникот од мијачкото село Тресонче, мајсторот Иван (Јован) Везенков. Во младоста ја продолжил семејната традиција и станал градител, постепено се издигнал до мајстор. Работел 25 години како градежник во државна османлиска служба. Неговото име станало познато откако изградил две турски касарни во Битола и Сараево, по што станал устабашија (надзорник) и изградил јавни османлиски објекти низ Балканот. Тој изградил и неколку значајни мостови, како што е оној над реката Нишава во Ниш и над Марица во Одрин. Во близината на Битола изградил прекрасна црква. Стекнал голема слава и се зближил со Високата порта, примајќи подароци лично од султанот и често престојувајќи во Цариград.