Фото: Киро Кипровски

„ГАЛИЧКА СВАДБА 2023“: Историска традиција, адети, ритуали…

Викендов Галичник ечеше од писокот на зурлите и тапаните. Стројни моми и момци, облечени во прекрасната живописна и филигрански изработена галичка носија, оро виеја и на големиот број посетители, дојдени од сите страни на светот, автентично им ги презентираа уникатните свадбарски обичаи и ритуали, дополнети со изворна свадбарска песна, „а капела“ исполнета од сватовите, што кај присутните предизвикуваше воодушевување. Во центарот на вниманието и на годинешното одбележување беше големиот јубилеј, шеесет години од одржувањето на првата туристичко–културолошка манифестација „Галичка свадба“ (1963 год.), а со тоа се одржа 49-то издание. Сите присутни се веселеа, пееја, играа и уживаа во следењето на дел од свадбарските обичаи и ритуали, кои во минатото траеле шест-седум дена, а беа изведени над триесетина на повеќе локации. Во центарот на вниманието беа младоженците Оливер Андреевски, дипломиран етнолог и антрополог, и неговата избраничка Елисавета Булоска, дипломиран психолог и гешталт-терапевт, по потекло од Охрид.
Младенците го изговорија судбоносното „да“ во монументалната црква „Св. Петар и Павле“, која се наоѓа во центарот на Галичник, со сите црковни церемонии со кои чиноначалствуваше надлежниот дебарски архијерејски намесник од Дебарско-кичевската епархија на МПЦ–ОА.


– Животната желба ми се исполни, се чувствувам прекрасно заедно со мојата Елиcавета. Мечта ми стана јаве. Не е лесно да бидеш зет на Галичка свадба, тоа го „обработив“ како учесник – сват на неколку Галички свадби – рече младоженецот Оливер. И невестата Елисавета беше пресреќна што по познанството со Оливер, Галичник им ја пламна нивната љубов, а Петровден им ја круниса со брак.
Покровител на годинешната „Галичка свадба“ беше председателот на републиката, Стево Пендаровски.
Во петокот навечер, на платото пред опеаната чешма Упија и пред црковниот храм „Св. Петка и Павле“, каде што беа изведени свадбарските ора „тешкото“, „невестинското“ и други, триото сестри „Караџозовски“ го промовираа носачот на звук со осум свадбарски песни што се изведуваат на свадбарските обреди.


На нашиот новинар Киро Кипровски врачена благодарница

За долгогодишната посветеност и несебичен ангажман за зачувување и афирмација на Галичник, Александар Костиќ, претседател на Месната заедница Галичник, му врачи благодарница на нашиот новинар Киро Кипроски, во чест и повод на 60-годишниот јубилеј од одржувањето на првата туристичко-курторолошка манифестација „Галичка свадба“. Колегата Кипроски, како ревносен хроничар, новинар, радиорепортер, фоторепортер и учесник во организацијата, е единствен што присуствувал на сите досега одржани 49 изданија на „Галичка свадба“, на манифестациите „Галичка ликовна колонија“ и „Галичка книжевна колонија“ и на сите случувања и настани во Галичник. Пишувал и пишува за богатото и исклучиво културно богато наследство, за Галичник и Мијачијата, создавано низ десетвековната опстојба, прави портрети за исклучителните и неповторливи галички великани: преродбеници на 19 век, копаничари, иконописци, создавачи, негуватели и продолжувачи на неповторливите, содржајни мијачки песни од многубројни извонредни интерпретатори и фолклористи, видни сточари, печалбари, бизнисмени, од непроценливо разновидно, содржајно и неповторливото галичко милје. По повод полувековното опстојување на туристичката манифестација, во 2013 година, Киро Кипроски беше автор на луксузната монографија „Галичник засекогаш“, со колор – црно-бели фотографии, единствен летопис, исклучителна енциклопедија за Галичник, кој во 19 век се споменува и како град.
По истиот повод благодарница им беше врачена и на Томо Черепналкоски и на Дамјан Ѓозински.

Костиќ му ја врачува благодарницата на Кипроски