И српските и косовските власти изразуваат сериозна загриженост од најновиот развој на настаните околу Косово и предупредуваат на опасноста од натамошна ескалација. Дека состојбата е крајно ризична потврдуваат и воените вежби што ги започнуваат силите на КФОР за да гарантираат слобода на движење во време на криза, кои вклучуваат тешка опрема и хеликоптери

ВО СОСЕДСТВОТО ОДНОВО ВРИЕ

Тензиите на Косово деновиве повторно ескалираа по протестите во Јариње, на српската страна од границата со Косово. Претходно мировните сили на НАТО го зголемија своето присуство на северот на Косово поради продолжувањето на блокадата на косовските Срби, но и поради протести во Јариње. Демонстрантите се обидоа да влезат во Косово, но беа спречени од српската полиција. Протестот беше организиран од десничарски групи од Србија. За овие случувања од КФОР информираа дека зголемувањето на силите е резултат на можното присуство на организирани криминални групи кај демонстрантите.
Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека Србите на северот на Косово се на барикадите, бидејќи бараат основни човекови права и ништо повеќе од тоа. Таа истакна дека се плаши од ескалација, но дека Србија ќе направи сѐ за да го зачува мирот. Таа исто така нагласи дека е длабоко разочарана од реакцијата на меѓународната заедница и одговорот на меѓународната заедница на, како што вели, низата провокации од Албин Курти кон Србите.
– Србите во Косово се слушаат во Брисел и Вашингтон само кога се на барикадите. И дури и тогаш не нè слушаат многу добро. Србите на северот бараа само да се почитуваат основните човекови права и да се знае каде е приведен Дејан Пантиќ и дека добива лекови. Ги имате сите европски институции што немо гледаат сѐ, немо набљудуваат. Се плашам од ескалација, ќе направиме сѐ за да ги зачуваме мирот и таа некаква стабилност, иако, за жал, не гледам дека има стабилност за Србите на Косово. Очекуваме меѓународната заедница, пред сѐ Брисел, но и Вашингтон, да изврши притисок врз Приштина што поскоро да започне со спроведување на Бриселскиот договор. Тоа значи формирање заедница на српски општини. И американскиот претставник Ескобар нѐ увери дека тоа треба да го направат што е можно поскоро- изјави Брнабиќ за српските медиуми.
За актуелната состојба со свој став излезе и косовскиот премиер Албин Курти, кој ситуацијата на Косово ја оцени како тензична. Во контекст на барањето за враќање до 1.000 српски војници и полицајци во Косово, Курти изјави дека српскиот претседател Александар Вучиќ има цел да се врати во минатото, но дека тоа не е можно.
Според него, Меѓународниот суд на правдата пресудил во корист на прогласувањето на независноста на Косово. Албин Курти рече дека нема повисок суд на оваа планета и додаде дека косовската влада е загрижена за ситуацијата на северот, но внимава на моменталната ситуација
– Европската Унија и САД вршат голем притисок врз Србија да избере меѓу демократскиот Запад и Русија – рече Курти. Д.Ст.


Почнуваат воени вежби на КФОР

Во меѓувреме КФОР информира дека се целосно фокусирани на спроведување на својот мандат, врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, да обезбедат безбедна средина за гарантирање и слобода на движење, во корист на сите заедници што живеат на Косово. Мировните сили на КФОР најавија и дека во наредните денови ќе вршат редовни воени вежби во близината на базата во Новосело на север.
– Вежбите имаат цел да ги обучат единиците на КФОР да гарантираат слобода на движење во време на криза и се состојат од серија тактички симулации и логистички активности, кои вклучуваат тешка опрема и хеликоптери – се вели во соопштението на КФОР.