Кои прашања и теми во кампањите НЕМА да носат гласови?

При секои избори повеќебројни се прогнозите за тоа кои се адутите на партиите за да остварат победа. Повеќебројни се и партиските и улично-кафеанските дебати на таа тема. Денешниот текст ќе направи обид да анализира обратно, ќе читате кои НЕ се адутите што може да доведат до победнички резултат. Поточно, кои прашања и теми во кампањата нема да носат гласови

Македонски избори – 2024 година

Не треба човек да биде политичар или голем стручњак за да може да оцени како ќе се одвива изборната кампања и какви се предвидувањата за резултатите од самите избори. Не мора да се читаат обемните програми на партиите, кои, искуството нѐ учи, набрзо по изборите стануваат „мртво слово на хартија“. Во политиката, како и во животот, една работа се желбите друга можностите, а тие најчесто се на две спротивни далечни страни.
При секои избори повеќебројни се прогнозите за тоа кои се адутите на партиите за да остварат победа. Повеќебројни се и партиските и улично-кафеанските дебати на таа тема. Денешниот текст ќе направи обид да анализира обратно, ќе читате кои НЕ се адутите што може да доведат до победнички резултат. Поточно, кои прашања и теми во кампањата нема да носат гласови.

На прво место е таканаречениот француски предлог

Францускиот документ, таков каков што е, не може да донесе мнозински гласачи. Потврда е расположението на македонските граѓани, кои во процент од над 70 отсто се противат на тој предлог. Дека е лош и неповолен за македонските интереси признаваат самите негови креатори и поддржувачи од стројот на македонските политичари, вклучувајќи го и претседателот на државата. Него го сметаат за неприкладен речиси сите странски дипломати, кои бараат да се „затне носот“ и на слепо да се проголта.
Францускиот предлог наместо да ги подобри, ги влоши односите со Бугарија. Наместо да ја релаксира, уште повеќе ја усложни политичката сцена во Македонија, внесе нов раздор не само меѓу партиите туку и меѓу граѓаните. Со еден збор – не понуди ништо добро, ветувачко и охрабрувачко.
Не е претерана оцената дека тој предлог им го даде на Македонците третманот на најнесреќниот и најпонижуван народ што бил или е кандидат за членство во Европската Унија. Наместо со радост и гордост, како што личи за такви европски процеси, на државата Северна Македонија и на нејзините граѓани им е наложено да го свиткаат ’рбетот, да ја прифатат присилата, да ги поддржат двојните аршини и да ги затворат очите пред чудовиштето што сака да ги голтне.
Предлозите на Макрон наместо да ги цементираат, ги оживеаја и наметнаа заборавените историски дискусии за бугаризација и асимилација и внесоа сомнежи кај новите македонски поколенија. На Македонците им понудија тест-прашања колку се подготвени да жртвуваат од својот национален идентитет, од својата историја, јазик и писмо. Го вратија на маса македонското национално прашање што се влече речиси еден век и ги отворија дебатите за балканските поделби.
Расположението за него јасно беше изразено и во јавноста и во Собранието на седница што никогаш не заврши и не се изгласаа уставните амандмани барани во предлогот. Претседателот на Собранието, во договор со владејачките партии, примени антидемократски методи, не завршувајќи ја седницата и не дозволувајќи гласање, кое, секако, ќе донесеше негативен резултат. Неуспехот се покри со демагошки трик, а таквиот насилно наметнат епилог остави горчлив и кисел вкус кај јавноста,
Заклучокот на овој дел е прост. Влезот во Европа како желба е суштинска позитивна определба на Северна Македонија и тоа, секако, е изборен адут. Но условите што се поставуваат, не за членство, туку само за почеток на преговорите, не се столбот на кој би се потпирала надежта за изборна победа. По мамката дека со промената на името ќе почнат преговорите и со Европската Унија тешко е да се претпостави дека измамата што ја нуди европската политика ќе функционира двапати.

На второ место се уставните амандмани

Ако исполнувањето на обврската за впишување на Бугарите во Уставот што ја презеде актуелната влада, претставена преку СДСМ и ДУИ, се наметне како еден од значајните фактори во изборната кампања, тогаш е реално да се претпостави дека тој фактор не води кон позитивен скор. Во текот на последниве две-три години народот не само што се изнаслуша туку и се засити од тоа прашање. Двете споменати партии не најдоа ниту начин ниту аргументи да ги убедат граѓаните, особено Македонците, дека внесувањето на Бугарите во Уставот е сонцето што ќе ја огрее Северна Македонија.
Наместо со факти, целата уставна игра се играше (и се игра) со лажни, ситни и крупни, постапки, изјави и дејства. Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија наместо бистрина, донесе матни води. Македонската влада, особено Министерството за надворешни работи остави впечаток дека е впрегнато да ги оствари бугарските интереси во Македонија наместо македонските. Тоа важи особено за прифаќањето и потпишување на двата протокола што Македонија ја ставаат на европската маса како жртвено јагне што не треба да преживее, а ако преживее, да живее тешко и во неизвесност.
Заблудените политички овци сѐ уште не се откажале од трката да влезат во туѓо стадо или да донесат овде надворешен овчар, речено метафорички. Тие сѐ уште брзаат да се стори тоа, спомнуваат времиња, термини, испуштени возови, потонати бродови, свесни дека ја губат подлогата меѓу граѓаните, дека полека им умираат тезите и им секнуваат привилегиите. За тие привилегии и разни кариеристички и материјалистички придобивки тие би се бореле до последниот Македонец.

Влезот во Европа како желба е суштинска позитивна определба, и тоа секако е изборен адут! Но условите што се поставуваат, не за членство, туку само за почеток на преговорите, не се столбот на кој би се потпирала надежта за изборна победа. По мамката дека со промената на името ќе почнат преговорите и со Европската Унија, тешко е да се претпостави дека измамата што ја нуди европската политика ќе функционира двапати

Третиот фактор е НАТО

Иако на прв поглед изгледа контрадикторно, но НАТО не е меѓу клучевите што можат да донесат гласачки успех. Никој не може да го оспори успехот на Македонија и на тогашната македонска влада за придонесот за членството во НАТО. Со членството државата има гаранции за територијалниот интегритет и безбедноста на граѓаните и можности за поголема демократија, мир и стабилност како услови на натамошен развој. Многу околности потврдуваат дека Македонија донела вистинска одлука, дека била на вистинската страна, во сојуз со најмоќната одбранбена воено-политичка алијанса во светот, најмоќниот воен сојуз што е гарант на мирот на над милијарда граѓани.
Армијата на РСМ се развива и модернизира по НАТО-стандарди, процесите на опремување ќе продолжат еднакво како што ќе продолжи и највредната инвестиција, инвестирањето во човечкиот капитал, учесник во мултинационалните сили на НАТО во Летонија, Бугарија и Романија. Сигурно има и други подзатскриени предности и воени поволности.
Но, гледано од друга страна, иако поминаа четири години откако е остварен сонот на новата, млада македонска генерација, за постарата НАТО не е замена за големите политички жртви со името и со сѐ друго поврзано со него. Исто така, тука се изневерените ветувања и очекувања дека со НАТО ќе растат економијата и стандардот, дека ќе бидат надминати политичките поделби, дека ќе се обессилува национализмот и Македонија ќе почне нов циклус на просперитет.
Меѓу обичните луѓе неизбежни се мислењата дека со НАТО дојде и скапотијата, НАТО не ја елиминира сиромаштијата како што некои се надеваа, иако е познато дека Алијансата не се занимава со тие социјални прашања на која било држава. Од тие причини НАТО, неговата позиција и моќ во Македонија не може да бидат надежен фактор за изборен успех. НАТО е успешна приказна, но не онаква како што се идеализираше.

Четвртиот фактор е рускиот фактор

Од Демократската унија за интеграција (ДУИ) порачуваат дека на овие избори ќе се види кој е за интеграција, а кој за изолација. „Кој за Европа, а кој за Русија, кој за перспектива, а кој за уназадување“. Откако во минатите 20 години ги исцрпи сите адути во постигнувањето на правата на Албанците во Македонија, Али Ахмети, немајќи што друго, ги уфрли во игра Русите како главна закана за мирот на Западен Балкан и во Северна Македонија. И како главен актер во поставувањето кочници кон европската интеграција. Уфрлувајќи ја во игра Русија, а преку неа и Србија и Косово, Ахмети како да ја наметнува состојбата на Македонија како „буре барут“ на Балканот.
ДУИ смета дека руската политика е присутна, не се откажува и продолжува секој ден сѐ повеќе во обидот да го загрози европскиот пат на Северна Македонија и да уништи сѐ што земјата постигнала во последните неколку години. Во руското сценарио на Путин, политичките партии во Северна Македонија веќе долго време гласно се набројуваат. Во тоа црно сценарио ја уфрли и албанската опозиција „Вреди“, која наводно секојдневно ги клевети, навредува и дезинформира граѓаните дека ДУИ е злото на земјата, а не ВМРО-ДПМНЕ и Левица“.
Демократската унија најавува дека ќе биде главниот клуч во процесот за членство во Европската Унија, за што и формира таканаречен „Европски фронт“, коалиција од повеќе мали партии, чии членови се главно од исламска вероисповед. Некои аналитичари, настојувајќи да го обезвреднат, побрзаа на тој европски фронт да му дадат муслимански предзнак. Најавата дека тој фронт нема да биде за еднократна употреба може да претпостави идни заеднички акции во политичкиот живот и во уставното устројство на државата. Засега од тоа нема ништо, но не е исклучено во иднина.
Избраната реторика на ДУИ е наменета најверојатно за „домашна“ употреба, односно само и исклучиво во албанскиот политички блок, за албанското гласачко тело. Кај другите партии таа реторика или не врви или е застапена во мали политикантски количества. Дел од аналитичарите смета дека Ахмети ги користи Русите за да се приближи до антируската политика на западните земји, да им се додвори на Американците, сѐ со цел да се спаси од можниот пораз и од последиците што би произлегле потоа. ДУИ можеби е сѐ уште фактор број 1 меѓу Албанците, но таа партија и нејзиниот лидер одамна ги имаат загубено симпатиите на Македонците, а во голем дел и кај самите Албанци.

Петто – лошо искуство со европските коалиции

Треба да се потсетиме дека во почетокот на годинава беше замислуван еден поинаков „Европски фронт“, составен од СДСМ и ДУИ. Од тие навестувања остана само прашина, а зашто не дојде до тоа здружување останува нејасно. Коалицијата на ДУИ носи име „Европски фронт“, а на СДСМ името ѝ е „Коалиција за европска иднина“. Кога веќе ги спомнуваме коалициите од европски тип, треба да се каже дека тие не се нешто ново, не се измислица на сегашните политички кадри.
На пример, коалиција за Европа под името „Сонце“ беше формирана во 2008 година од тогаш опозицискиот СДСМ, предводен од Радмила Шеќеринска, во која беа и бардовите на македонската политика Стојан Андов и Тито Петковски.
Знаете ли што се случи? На вонредните собраниски избори таа година коалицијата за Европа доби 23, 31 отсто од гласовите и освои само 27 пратенички места, губејќи од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. И тогаш се декламираше Европа, Европа, а Европа остана предалеку. Последниве податоци ги посочувам како наук за тој што треба да научи. Кој сфатил и научил, ќе се види набрзо.