Како се избираше првиот претседател на независна Македонија

Во ноември и декември 1990 г., во три изборни термини, се одржани првите повеќепартиски собраниски избори. По формирањето на првите политички партии, секако дека најинтересно и најпривлечно за граѓаните беше прашањето кој ќе биде претседател на државата. Беа спомнувани имиња на познати политичари од старата гарда, академици, универзитетски професори, успешни стопанственици (уште не беше во употреба терминот бизнисмени). Сепак, меѓу најчесто споменуваните беа имињата на Васил Тупурковски, Петар Гошев, Киро Глигоров, Лазар Мојсов, Блаже Ристовски…

Сеќавање за првите претседателски избори

Во пресрет на актуелните претседателски избори не пречи да се навратиме на историските бурни времиња од изборот на првиот претседател на независна и самостојна Република Македонија, сега Северна Македонија. Текстот е прилог кон сеќавањето, не е прилог кон историјата, но може да ѝ послужи и на таа учителка на животот. Ќе читате една кратка хронологија на тој избор проследен со имиња на тогашните претенденти за таа функција, галерија на политички и други личности што учествувале во првичните процеси на воведувањето на демократијата и плурализмот во државата.

Многу кандидати – ниту еден сигурен

Во ноември и декември 1990 г., во три изборни термини, се одржани првите повеќепартиски собраниски избори. По формирањето на првите политички партии, секако дека најинтересно и најпривлечно за граѓаните беше прашањето кој ќе биде претседател на државата. Беа спомнувани имиња на познати политичари од старата гарда, академици, универзитетски професори, успешни стопанственици (уште не беше во употреба терминот бизнисмени). Сепак, меѓу најчесто споменуваните беа имињата на Васил Тупурковски, Петар Гошев, Киро Глигоров, Лазар Мојсов и Блаже Ристовски. Извесни, но минимални шанси му се даваа и на професорот Димитар Димитров, дисидент во социјализмот.
Во анкетите што почнаа да се прават убедливо водеше Васил Тупурковски, тогаш член на Претседателството на СФРЈ. Се сметаше за фаворит, нему му се предвидуваа најголеми шанси, но во крајниот епилог немаше никаква партиска поддршка и не се најде меѓу сериозните кандидати. Со дупла разлика зад него котираше Киро Глигоров, кој дискретно влезе во трка и не покажуваше јавни амбиции за таа функција.
Кај ВМРО предничеше името на историчарот Блаже Ристовски, форсиран и од прогерманската група и Задграничниот комитет. Една група на ВМРО-ДПМНЕ, која немаше врска со реалноста, го имаше предвид и Драган Богдановски, еден од основачите на партијата, претставен како македонски патриот во емиграција, кој одлежа повеќегодишна казна затвор, поради антијугословенска и антимакедонска дејност. Меѓу имињата што го збогатуваа прогнозирачкиот фолклор и го развеселуваа народот беше и најавената кандидатура преку српски весници на Велибор Џаровски–Џаро, познато лице од организирањето забави, концерти и лажирање спортски натпревари. Во еден момент се јави со амбиции и Тодор Петров, пратеник од Гевгелија, но тој експресно се откажа.

Пратениците го избираа претседателот

Првото повеќепартиско Собрание на Република Македонија е конструирано на 8 јануари 1991 г. Според тогашниот закон, претседателот на независна Република Македонија требаше да биде избран во рок од осум дена по конституирањето со двотретинско мнозинство гласови од пратениците. Двотретинското мнозинство се правеше со 81 глас (не со 80 гласа!). Предлог можеа да дадат партиите или 20 пратеници.
Повеќето од партиите уште од основањето најавуваа свои можни кандидати за највисоките функции, можни и неможни сценарија во таа смисла. Нo на општо изненадување во јавноста, наместо некој од споменуваните можни кандидати, се појави ново неочекувано име како најсериозен кандидат – митрополитот повардарски Михаил, Методи Гогов по световно име и презиме. На неговата светост ВМРО како предлагач му ја понуди претседателската функција и тоа беше јавно објавено. Владиката Михаил беше познат како свештеник и вероучител, даровит црковен оратор и мудрец, запаметен по огнениот глас и прекрасните беседи.
Како се случи идејата дедо Михаил да биде претседателски кандидат и зошто не беше прифатена?
Во редовите на ВМРО–ДПМНЕ дефилираа многу самокандидати, во самата партија не можеа да постигнат согласност за ниту еден од таквите аспиранти. Се бараше личност што би била општо прифатена, но сепак, според својата биографија наклонета кон идеите на ВМРО. И личност што е позната, но не се занимавала со политика, која не е дискредитирана во очите на јавноста.

Изненадувањето со митрополитот Михаил

Идејата за Михаил била изнесена во кабинетот на Божин Павловски, угледен, иницијативен и влијателен директор на издавачката куќа „Мисла“. По негова иницијатива, неформално, на кафе, се состанале претседателите на партиите – Љупчо Георгиевски, Петар Гошев и Стојан Андов и се согласиле со идејата владиката Михаил да биде кандидат. Нивното согласие стана и официјална понуда на ВМРО. Дедо Михаил беше претставен како обединувачки фактор на Македонците.
Предлогот колку што наиде на разбирање и приемливост, толку и на отпор. Реагираа помали партии со граѓанска ориентација, реагираа институции, граѓаните беа поделени – и за и против. Загриженост од таков избор најави и партијата на Албанците, што беше разбирливо. Намерата за избор ја спречија младите кадри од СКМ – ПДП, иако нивниот претседател Гошев се согласил со таков предлог. Во официјалното образложение зошто се против како главна причина ја наведоа неспоивоста на световната и духовната функција, дека господин Михаил не може да биде и свештеник и претседател истовремено.
Во кулоарите се слушна дека, освен отпорот од комунистите, имало отпор и во Светиот синод. Наводно, еден друг влијателен член на Синодот, по препорака на некои политичари, му пренел ултимативна порака – или прифаќање на функцијата или фрлање на мантијата. Доколку прифати ќе му биде симната мантијата, ќе му се одземе епархијата и ќе му престанат сите принадлежности од црковната и свештеничката функција. По неколкудневно двоумење и анализирање на аргументите за и против, митрополитот самиот се откажа од укажаната чест. Дефинитивно се определи за Црквата, не за политиката. Кратко потоа беше избран за архиепископ на Македонската православна црква.

ВМРО против Глигоров

Неизвесноста траеше неколку дена проследени со разни нагаѓања, но со јасни назнаки дека кандидат ќе биде Киро Глигоров. Дури девет дена подоцна, на 17 јануари СКМ–ПДП (Партија за демократска преобразба) официјално го предложи Глигоров, со потпис на 22 пратеници, меѓу кои и Петар Гошев, кому младите кадри не му ја простија дадената согласност митрополитот да биде претседател. Кон официјалниот предлог доставен до Собранието стоеше и изјавата на Глигоров дека се согласува со предлогот и ја прифаќа кандидатурата.
Во пошироката јавност кон Глигоров се гледаше како на човек што го претставува континуитетот на самобитноста на македонскиот народ потврдена од АСНОМ и како на искусен политичар што поминал долг пат низ сојузните политички лавиринти на Југославија. Претходно подзаборавен на македонската политичка сцена, кратко пред тоа беше вратен од Белград каде што ја имаше поминато речиси целата своја политичка кариера. Кога се врати имаше 73 години.
Кон предлогот на СКМ–ПДП веднаш се придружи и Социјалистичката партија на Киро Поповски, подоцна и Реформските сили на Андов, откако Андов стана сигурен претседател на Собранието. Од ВМРО–ДПМНЕ најавија дека ќе се спротивстават на предлогот и со закана, ако треба, ќе одат во опозиција. А беше јасно дека без поддршката од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ изборот на Глигоров е невозможен.
На 19 јануари, ден Водици, како точка на дневен ред на Собранието беше поставен предлогот Киро Глигоров да биде избран за претседател на Република Македонија. Се водеше жестока дискусија во која предничеа пратениците на ВМРО наведувајќи контроверзни делови од неговата кариера и служејќи се со непристоен и навредлив речник кон неговата личност. По долги натегања предлогот беше ставен на гласање. Броењето на ливчињата (сѐ уште не беше почната ерата на дигитализација) покажа дека Глигоров не го доби потребното мнозинство.
По соопштувањето на резултатот првин настана молк, па се слушна понекој аплауз, но општо земено завладеа збунетост од една страна, еуфорија од друга. Интересен е бројот на гласовите. За Глигоров гласаа 60 пратеници, што значи за него гласаа СКМ-ПДП, Сојузот на реформски сили, социјалистите, Југословените и тројцата независни пратеници, таканаречениот лев блок. На 37 ливчиња, број што одговара на бројот на пратеници на ВМРО името беше пречкртано, а на 23, бројот што одговара на бројот на пратеници на ПДП, немаше никаков знак. На ниту едно ливче не пишуваше против.

Денови на пресвртот

Веднаш по овој епилог во јавноста нагрна лавина од реакции. Со поддршка за Глигоров се јавуваа малите политички партии, институции, големите стопански организации, општини, видни поединци од сите сфери на животот, разочарани граѓани. Не можејќи да го издржи притисокот, гледајќи ја големата поддршка, раководството на ВМРО се премисли. На 22 јануари осамна изненадувачка вест. Централниот одор на ВМРО–ДПМНЕ испрати соопштение до јавноста во кое се соопштува дека му се дава целосна поддршка на Глигоров. Тоа беше вистински пресврт.
Но, сепак, пресвртот не бидна случајно. Тој беше плод на нов договор меѓу партиите, според кој, за да се согласи ВМРО-ДПМНЕ, беше понудено функцијата потпретседател на претседателот да ја добие лидерот на партијата, Љупчо Георгиевски. По тој договор, Стојан Андов свика нова седница на Собранието. Киро Глигоров за претседател на Република Македонија официјално беше избран на 27 јануари. На повтореното гласање доби 114 гласа.
На истата седница на дневен ред беше и предлогот за Љупчо Георгиевски, но не го доби потребниот број гласови. И тоа гласање беше повторено, вториот пат успешно. Георгиевски не ја вршеше долго таа функција, самиот даде оставка. Во овој контекст, неизбежно е да се спомене дека во сите тие преговарања, договарања, премислувања, предлагања Глигоров не учествуваше. Тој трпеливо чекаше што ќе се случува, но секогаш имаше вистински информации како се движат преговорите.

Другата, заткулисна игра

За дадената согласност од страна на ВМРО–ДПМНЕ исплетена е зад кулисите и друга приказна, најверојатно точна и веродостојна. „Стариот лисец“ побара помош од другата страна. Се обрати до влијателниот штипски клан на ВМРО-ДПМНЕ, кој го сочинуваа стари вмровци, дел судени за Македонија, дел на позиции во социјалистичка Македонија, дел претенденти за министерски функции. Со нив, познавајќи се и дружејќи се како роднокрајни штипјани. Наводно, тие го убедиле Љупчо Георгиевски да се прифати кандидатурата на Глигоров со ветување дека ќе биде на нивна страна. Гласаа сите вмровци.
Ете така господинот Глигоров стана првиот претседател на самостојна и суверена Република Македонија. Подоцна, во 1994 година, тој доби уште еден мандат, но овој пат со нов закон, на општи и непосредни избори. Тогаш Глигоров доби 52,60 отсто од гласовите, кои беа победнички уште во првиот круг. ВМРО–ДПМНЕ не ги призна изборите и го бојкотираше претседателот. Но тоа е друга долга приказна.

ВасилТупурковски        Петар Гошев                  Киро Глигоров              Г.г. Михаил                   Лазар Мојсов