Фото: „Нова Македонија“

Ако луѓето што на 27 април упаднаа во македонското собрание, кое исто е објект од посебна важност, беа осудени за тероризам, по правна аналогија идентичен третман и процедура треба да има за поведението за упадот во Контролата на летање, при што беа нападнати контролорите додека ја извршувале својата работна задача. Ист третман треба да имаат и оние што овозможиле непречен пристап на неовластените лица на стратегиски важното место, бидејќи повеќе од очигледно е дека се работи за добро организиран оркестриран напад со луѓе однатре и однадвор, кои направиле упад во безбедносниот систем на државата

Инцидентот во М-НАВ има многу пошироки размери од она што некој сака да го прикаже

Македонската јавност со големо внимание го следи развојот на настаните во М-НАВ по неовластениот упад на лица однадвор, кои физички ги нападнале контролорите на летови во време додека тие ја вршеле својата должност, со што директно предизвикаа безбедносна криза, вклучувајќи и на македонското небо.
Ситуацијата во М-НАВ ескалира во оној момент кога дел од раководните структури во ова важно тело јавно и гласно ставија забелешки на обидите за вработување нестручни партиски војници, спротивно на предупредувањата на странските инструктори, а сето тоа мотивирано од желбата целосно да се стави под партиска контрола уште една важна државна институција.

Зошто Синдикатот на контролори на летање
најави целосно затворање на воздушниот простор

Синдикатот на контролори на летање најави целосно затворање на воздушниот простор над земјава од 10 јануари доколку државата не преземе заштитни мерки, односно доколку не бидат откриени и приведени сите учесници во нападот врз Контролата на летање, доколку МВР не почне физички да го обезбедува објектот, доколку тројцата извршни директори не бидат сменети и потоа да се изберат нови раководни структури. Ова се барањата што ги испорача Синдикатот, притоа најавувајќи уште оставки од страна на техничкиот персонал, кој се противи на уништувањето на оваа исклучително важно тело.
И додека фокусот на целиот настан се сведува на барањата на синдикатот и обвинувањата за партиски вработувања, она што се занемарува е дека не се работи за обичен инцидент, туку за индикатори и елементи за класичен терористички напад врз државен стратегиски објект од посебна важност каква што е Контролата на летање.
Ако луѓето што на 27 април упаднаа во македонското собрание, кое исто е објект од посебна важност, беа осудени за тероризам, по правна аналогија идентичен третман и процедура треба да има за поведението за упадот во Контролата на летање, при што беа нападнати контролорите додека ја извршувале својата работна задача. Ист третман треба да имаат и оние што овозможиле непречен пристап на неовластените лица на стратегиски важното место, бидејќи повеќе од очигледно е дека се работи за добро организиран оркестриран напад со луѓе однатре и однадвор, кои направиле упад во безбедносниот систем на државата.

Самоволието оди дотаму што државата се става во позиција да биде заложник на теснопартиски и лични интереси

Неофицијалните информации говорат дека во моментот на нападот македонските контролори на летови опслужувале меѓу 40 и 70 авиони, при што животите на најмалку 15.000 патници на некој начин биле загрозени при насилничкиот упад во Контролата на летање.
Очигледно самоволието на одредени партиски структури оди дотаму што државата се става во позиција да биде заложник на нивните теснопартиски и лични интереси, да вработат што повеќе луѓе само затоа што во оваа институција има највисоки плати, занемарувајќи ги целосно процедурата за прием, обуката и стручноста на кадрите.
Дополнително, Македонија како држава инкасира огромни средства од прелетите над македонското небо, така што нападот врз Контролата на летање може да предизвика и одредени санкции од страна на Евроконтрол и на Меѓународниот систем за управување со воздушен сообраќај.
Ова е втора криза во овој чувствителен сектор од кој директно зависи безбедноста на авионскиот сообраќај, откако претходно во ноември 2022 година раководството на М-НАВ не ја прифати листата на селектирани кандидати од страна на тренинг-центарот во Данска, бидејќи не влегле членови на нивни семејства и сакаше да ја поништи постапката за прием.
Силни реакции има и од граѓаните, кои реагираат на ваквиот насилнички упад во оваа стратегиски важна државна институција и бараат казни за одговорните за нападот.
– Јас сум планинар и често одам на планинарење на Солунска Глава. На самиот врв има објекти што се од стратегиски интерес за државата и таму немаме ниту пристап, а не е дозволено ниту да фотографираме. Замислете што ќе се случи да се собереме цела група планинари и насилно да упаднеме во тој објект? Ќе нè обвинат за терористички активности. Па ова со упадот во Контролата на летање е класичен терористички напад. Навистина не знам до каде ќе оди ова разградување на државните институции од страна на партиски насилници за кои не важат ниту закони ниту казни – вели Душко Гроздановски, економист и планинар рекреативец во слободно време.

Силна реакција и на правните експерти

Жестоко реагираше и универзитетската професорка Мирјана Најчевска, за која нема никаква дилема дека упадот во Контролата на летање е терористички чин.
– Ова е терористички напад и така треба да се третира (член 394-б од Кривичниот законик).
Терористичката организација ДУИ треба да биде соодветно процесирана и отстранета од местата каде што може да нанесе непоправлива штета. Луѓе, Али Ахмети е мафијаш кој спроведува терор во Македонија. Мора да застанеме во одбрана на сè што е професионално и посебно на професионалците Албанци кои се изложени на рекет и малтретирање од страна на мафијашите од ДУИ – порачува Најчевска.
Ставот на аналитичарите во делот на безбедносниот сектор е дека чашата е прелиена и државата мора да преземе сериозни мерки додека не биде предоцна.
– Ова е класичен пример по учебник како се освојува една држава. Во сите стратегиски планови на секој што сака да нападне некоја земја, тоа е прво, да ги освои и обезбеди аеродромите. Тие се стратегиски важни објекти. За време на конфликтот во 2001 година, терористите од Арачиново се закануваа дека ќе ги гранатираат скопскиот аеродром и рафинеријата, два стратегиски важни објекти од посебен интерес. Тогаш тоа не се случи под притисок на меѓународната заедница, но истиот терористички напад беше направен сега со упадот на партиски војници во Контролата на летање. Државата тука мора жестоко да реагира, не коалиционен договор, каков сака нека биде нивниот договор, преку вакви работи не се преминува. Ако ова сега се заташка, тогаш сè е отидено во неповрат – велат аналитичарите од областа на безбедносните прашања.
Според нив, упадот не можел да се случи ако за тоа напаѓачите немале внатрешна логистичка поддршка.

Елементи на политичко насилство?

– Станува збор за организирана група од одредена партиска провениенција што е во владејачка структура, која загрозила животи на 20 илјади патници, преседан невиден во македонската историја. Се плашам дека со вакво обвинителство во кое царуваат партиски намесници, сето ова ќе се заташка брзо со некоја нова афера, чисто да се дефокусира јавноста. Но јавноста ова не смее да го проголта, ако луѓе гнијат во затвор за тероризам за нападите од 27 април, тогаш овие треба уште пожестоко да бидат осудени бидејќи ризикуваа да се случи меѓународен инцидент по кој Македонија ќе се соочеше со несогледливи последици – посочуваат соговорниците.
Нивен став е дека ДУИ и по 20 години практикување на власта, едноставно не може да се ослободи од насилничките методи со кои дојде на власт, но и со кои го практикува политичкото насилство.
– Почнаа со терористички напади врз државата и безбедносните сили, а кога странците ги направија политички фактор во државата, уште повеќе се окуражија уживајќи ја постојано нивната поддршка. Попусто им се скапите костуми, кога насилниот менталитет кај нив остана и натаму и го применуваат секогаш кога ќе бидат загрозени нивните позиции. Затоа насилнички ги запоседнаа сите институции, ги полнат со партиски и нестручни кадри, но очигледно тоа во Контролата на летање не им поминува, па се обидоа да го направат онака како што најдобро знаат, со класични методи на политичко насилство – заклучуваат безбедносните аналитичари.