Фото: Приватна архива
Сите црковни песни на албумот „Терирем“ секој различно ги доживува, а јас ги испеав како што мојата душа ги чувствува. Би сакала песните да допрат до луѓето, до верниците, љубителите на црковната музика, до младите, вели Сузана Спасовска

Божиќно интервју со Сузана Спасовска, по повод објавувањето на нејзиното цеде со духовна музика

Зад Сузана Спасовска, музичка уметница, која цели 38 години не одушевува со својата интерпретација на македонски народни песни, е убава, активна, креативна година на професионален план. Изминатите 365 дена таа ги заокружи со издавањето на албумот „Терирем“,што е снимен со благослов на архиепископот оридски и македонски г.г. Стефан, кој во себе содржи православни црковни химни и песнопеења кои припаѓаат на жанрот на таканареченото источно-црковно пеење. Музичките химни, претставени во ова аудио издание се дел од богатата богослужбена традиција на православието. Застапени се песнените коишто се пеат за време на чинот на осветување на: Петтолебие, Празничната Утрена на Рождеството Христово и на Воскресението, Литургијата на Претходно осветените дарови и Светата литургија на Св. Јован Златоуст. Како што вели Спасовска, претставените песнопеења отвораат прозорец кон огромниот океан на изворното и древно пеење на Православната црква.

Фото: Привана архива

Дали успеавте да реализирате се што планиравте или се случија многу повеќе проекти изминатата година, кои се надоврзуваа едни на други?

– Да, 2023 година за мене беше многу убава, активна, но и многу напорна. Секоја наредна година сакам да направам нешто ново што ќе остане зад мене, да оставам трага за едно време, за македонската музичка историја и затоа многу напорно работам. Оваа година се случија два големи проекти, едниот беше поддржан од Министерството за култура како проект од национално значење, тоа е црковниот концерт што се одржа во Прилеп во храмот „Света Петка“, со православни црковни песнопеења. Во исто време постудиозно го работев и цедето „Терирем“. Зошто баш таму, затоа што моите соработници интензивно работат во тој храм, тоа се мојот консултант, протопсалт м-р Георгиј Секулоски, членовите на црковниот клирос „Пелагониста“, Алекснадар Трајкоски и Бранче Трајкоски, и секако членовите на црковниот хор „Света Петка“. Таму се случи и првото јавно претставуавње на цедето „Терирем“.

Уште кога се појавивте на музичката сцена, велеа дека пеете со ангелски глас. На новиот албум тоа доаѓа до израз. Зошто го одбравте токму овој наслов „Терирем“?

-Според православното предание, „Терирем“ била приспивна песна која Пресвета Богородица му ја пеела на својот Божествен Син Исус Христос. Тоа е уникатна композија која има различни верзиии, начини на пеење. Ја немаат многумина снимено во светот, а јас ја избрав компизијата што је пејат монасите од Симонопетра. Другите композции што ги одбрав исто така ми се многу драги, и од времето тлеат во мојата душа, тоа се песни што се пејат на литургиите. Впрочем, цел на овој проект е тие да допрат до народот, дури и до оние што не можат да дојдат во црквата, за да си направат свој храм каде и да се. Јас неколку години интензивно истражував пред се да се реализира. Заедно со благословот од дедо Стефан, и поддршката што ја добив од директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, уште од самиот почеток ми даде надеж и ветер во грб за да работам на проектот „Терирем“. Продуценти на албумот се: Љупчо Соколовски и Георгиј Секулоски, извршен продуцент сум јас, фотографиите се на Маја Динеска, а концепт и дизајнот се дело на: Дејан Величковиќ и Душко Трифуновски.

Секогаш сте пионер во она што го работите, храбра сте и пред себе поставувате високи цели, големи предизвици, па така беше и овојпат.

– Храбра сум, да, секогаш сакам да направам нешто што не направиле други во Македонија и пошироко и горда сум на тоа. Бидејќи со тоа си докажувам дека се развивам, напредувам, се надградувам и никогаш не ми е доста од љубов и убавина. Не се натпреварувцам со другите, туку со себеси. На секои неколку години сакам едно скалило повисоко да се искачам. Искрено, многу повеќе ме исполнуваат уметничките проекти што сега ги правам. Во младоста сме ведри и расположени, незапирливи, а кога ќе навлезете во зрелоста душата си бара нешто поспокојно, помирно и поблагородно. Оваа музика со години тлееше во мене и сакав да им ја подарам на луѓето.Се надевам дека и претстојните концерти ќе бидат доближување на оваа црковна музика до народот и негово враѓање во црквите.Јован Кукузел тоа го правел пред 600 години, со тоа што народните пејачи ги внел во црквите да ги пејат духовните песни и така да ги шират меѓу луѓето.

Какви се првите реакции по објавувањето на албумот „Терирем“?

-Концертот во Прилеп беше божествен и самите присутни почувствуваа дека јас сега чекорам по некоја друга патека. Како да патувам сега низ едно друго време. Самиот амбиент предизвика сите со насолзени очи да ја слушаат музиката. Веќе имаме понуди и за други настапи,секако, се планира и концерт во Скопје. Јас и додека интензивно работев на проекти за народната музика, снимав песни и за верските празници . „Од Велигден се до Спасовден“ е моја песна, му благодарам на Господ за неа, едно рано утро ја напишав. Имам снимено и прекрасна Бижиќна песна. Сите црковни песни на албумот „Терирем“ секој различно ги доживува, а јас ги испеав како што мојата душа ги чувствува. Би сака песните да допрат до луѓето, до верниците, љубителите на црковната музика, до младите.

Фото: Привана архива

Годинава имавте ангажман околу реализацијата на „Лешочкиот фестивал“ на народни песни, на кој сте му многу лојална. Што е она што ве поврзува со оваа манифестација?

– Јас имам благослов од владиката Кирил, со мојот пријател Борче Брзанов да го подготвуваваме фестивалот во Лешок, а ако нешто ветите тоа треба да го исполнувате. Оваа почит се уште ни дава сила да го организираме фестивалот. Тешко се наоѓаат спонзори, но ете 13 години го одржуваме фестивалот. И кога снеможуваме, ненадејно ќе дојде помош и фестивалот ќе се одржи, се надевам така ќе биде и во иднина.

Деновиве завршувавте уште еден албум, овојпат со народни песни. За што станува збор?

– Тоа е етно проектот насловен „Судбо моја“, бидејќи народната песна е моја судибина, а така е насловена и песната со која Васка Илиева ми го остави аманетот да продолжам по нејзината музичка патека на последниот концерт. Ова издание се разликува од сите мои досегашани носачи на звук, има модерен призвук и специфични аражмани, што ги изработи талентираниот музичар Александар Јовевски, мој колега од нашата матична куќа, националниот ансамбл „Танец“.

На цедето има внимателно избрани, не многу познати песни од репертоарот на: Александар Сариевски,Васка Илиева, пејачките групи „Костурчанки“ и „Воденки“, Вања Лазарова, Петранка Костадинова…Проектот е поддржан од Министерството за култура.

Само ако постојано ги снимаме и пееме нашите народни песни, ќе ја сочуваме нашата традиција, нашата убава народна муика. Исто така потребно е повеќе македонска музика да се пласира во медиумите, на радио, во телевизики емисии, за да допре до младите. Еден таков голем успешен проект, чиј дел бев и јас, беше „Македонијо во срце те носиме“, што публиката го поддржа во цела Македонија со своето масовно присуство.

Потребна е цела стратегија, како да се заштити нашата музика, нашата култура. Мора се од корен да почнеме да менуваме, како што тоа веќе одамна го направија нашите соседи.

Фото: Привана архива

Ја споменавте Васка Илиева, која своевремено ве нарече нејзина наследничка, што секако е голем комплимент.

– Да таа ме нарече нејзина наследничка на големиот концерт во Универзлана сала, шест месеци пред нејзиното заминување. Имав среќа со Васка Илиева да настапувам заедно и на турнеја низ Австралија. Јас таму ги слушнав тие нејзини бисер-песни кои и денес се пеат, и како што допираа до нардот, допираа и до мене. Тоа се „Народе македонски“, „Земјо македонска“, Судбо моја судбино“, „Сношти појдов мила мамо на седенка“…Таа имаше голем репертоар, многу рубато песни, дуети, нејзини авторски мелодии. Но, како што кажа Васка на последниот концерт „Македонија раѓа и ќе раѓа нови луѓе кои и во иднина ќе ги пеат македонските убави народни песни и ќе чекорат по тој пат“.

Семејството е тука да ви даде мир и нова сила. Веројатно најголема радост ви е дружбата со тригодишната внука Клара?

– Таа е мојот живот и горда сум што сум супер бабичка. Сега таа мене ми пее песни. Многу е музикална, и вели дека кога ќе порасне ќе биде и пејачка и глумица. И за мене сцената отсекогаш била театар, но без глума, зашто музиката за да допре дод ругите треба да се доживее. Искреноста е многу важна, бидејќи публиката чувствува кога некој лаже. Затоа некои ѕвездички брзо згаснуваат, а мојата трае 38 години, активно пеење, без паузи.

Младите за да допрат до ѕвездите, треба максимално да се вложат себеси и финансиски да не размислуваат дали ќе им се врати нешто или не, важно е да остават впечаток, да бидат забележани.

Фото: Приватна архива

На што сте особено благодарна?

– Благодарна сум му на Бога што ми ги донесе тие луѓе што навистина ми беа потребни за да го снимам албумот „Терирем“. Веројатно дошло времето јас да можам оваа музика да ја пренесам до луѓето. Пред се мислам на м-р Георгиј Секулоски, тој е црковен композитор, хорски диригент и автор на публикации од областа на православната музика. Автор е на музиката на службата на Св.Јоаким Крчовски, како и на музиката во тритомното издание на манастир Св. Јован Крстител, с.Слепче, „Слепчански пролог со химнографија“. Секако упатувам голема благодарност до сите што се дел од овој проект.

Што ќе посакате за Божиќните празници?

– Приспивната песна на Мајката Божја „Терирем“ да го облагороди и смири светот.

Да има здравје за сите, да можеме да продолжиме да работиме, да твориме, Да оставаме трага за ова време во кое живееме. Посакувам „Терирем“ да се слушне секаде низ светот каде има православен народ, да се пее повеќе за Бога.

За Божиќните празници и рождеството Христово ќе им подарам на верниците преку црковното списанието „Премин“ илјада примероци од аудио изданието „Терирем“. Исто така сакам да ги известам сите заинтересирани дека „Терирем“ може да се најде на сите дигитални платформи, поставен е и на Јутјуб, каде може бесплатно да се слуша. Тоа се православни химни и песнопеење, а народот ќе може да ги научи, па кога ќе отиде на литургија, да може да ги пее. Значи цедето има образовна цел, а може да се слуша и на часовите по веронаука. Исто така целта на „Терирем“ е на концертите да ги промовира и црковните хорови кои работат и творат со години во нашитете македонски свети храмови.

Народот вас многу ве почитува, како се манифестира тоа?

– Ми приоѓаат деца, со родители, па и со баби и дедовци. Возрасни кои растеле со моите песни, ми покажуваат фотографии со мене, направени кога тие биле мали, кои ги чуваат како нешто свето. Тоа е голема радост за мене.