Премиерот на Бугарија Николај Денков / Шефицата на бугарската дипломатија Марија Габриел

Ако до пред извесно време бугарскиот премиер Николај Денков велеше дека Бугарија нема нови услови за Македонија, освен уставните измени, со надеж дека земјава ќе го реализира тоа до крајот на годината, сега се слушаат поинакви тонови од источниот сосед. Откако на официјална Софија ѝ стана јасно дека промена на македонскиот устав во овој парламентарен состав е невозможна, како и тоа дека спласна и странскиот притисок врз земјава, шефицата на бугарската дипломатија Марија Габриел неодамна јасно кажа дека Бугарија нема да остане само на барањето за уставни измени, туку има три инструменти на кои ќе инсистира, а со четвртиот ќе оди и многу подалеку

Бугарскиот премиер Денков со тврдење дека нема нови барања за земјава, вицепремиерката Габриел дека има

Уставните измени се само првиот чекор со кој Македонија ќе ја отвори вратата за големобугарската експанзионистичка политика и тоа повеќе не го кријат ниту официјалните бугарски власти.
Ако до пред извесно време бугарскиот премиер Николај Денков велеше дека Бугарија нема нови услови за Македонија, освен уставните измени, со надеж дека земјава ќе го реализира тоа до крајот на годината, сега се слушаат поинакви тонови од источниот сосед. Откако на официјална Софија ѝ стана јасно дека промена на македонскиот устав во овој парламентарен состав е невозможна, како и тоа дека спласна и странскиот притисок врз земјава, шефицата на бугарската дипломатија Марија Габриел неодамна јасно кажа дека Бугарија нема да остане само на барањето за уставни измени, туку има три инструменти на кои ќе инсистира, а со четвртиот ќе оди и многу подалеку.
– Не се само уставните измени, туку и Договорот за добрососедство и двата протокола. Ние имаме три заемно сврзани инструменти, кои се дел од таканаречениот компромис од јули 2022 година. Уште повеќе, пак, ние имаме и многу јасна позиција на народното собрание – порача Габриел, одговарајќи на прашањето што се случува со преговарачкиот процес на Република Македонија за присоединување со ЕУ, на седница на собраниската комисија за прашања на Европската Унија, шенген-зоната и за еврозоната.
Во нејзината изјава нема ништо ново и поразлично од досегашните бугарски настапи и позиции, но еден момент се чини дека остана недоволно забележан во јавноста, а тоа е дека Бугарија одново ја вклучува „јасната позиција на народното собрание“.
Официјална Софија досега избегнуваше да ја спомене директно оваа позиција во условите што ги наметнуваше за Македонија, свесна дека бугарските позиции зацртани во Декларацијата усвоена во бугарското народно собрание во 2019 година се целосно негаторски, асимилаторски и несвојствени за земја членка на ЕУ и дека на тој начин нема да добие поддршка од европските партнери. Сега очигледно бугарските власти, незадоволни од непоминувањето на уставните измени, продолжуваат со агресивната кампања кон земјава.

Навраќањето на декларацијата од бугарското народно собрание е само потврда дека дури и да се случеа уставните измени, Македонија повторно немаше да го започне процесот на отворање поглавја, туку ќе следуваа нова блокада и ново бугарско барање.
Дипломатот во пензија Драган Јањатов смета дека ваквиот настап на Габриел и споменувањето на бугарските позиции утврдени во Декларацијата од 2019 година во народното собрание, всушност е реакција на критиките што ги добива Бугарија за тоа дека не ги исполнува заклучоците на Европскиот совет во врска македонското малцинство во оваа земја.
– Се работи за реакција од бугарска страна за тоа што во заклучоците на Европскиот совет беше посочено дека Бугарија не ги исполнува обврските кон македонското малцинство. Изјавата на Габриел е контрагард. Нема никаква дилема, на тоа уште поодамна предупредувам, дека Бугарија ќе излегува со нови и нови барања. Ова е крајно перфидна игра од бугарска страна, немаме други барања, ама имаме позиција зацртана од народното собрание. Па во таа позиција се сите барања. Премиерот Денков до пред некое време зборуваше дека нема нови услови, освен уставните измени, но тоа очигледно беше мамка само да помине промената на Уставот во Македонија. Сега, Габриел го демонстрираше вистинското лице на бугарската политика и на нивните планови – истакнува Јањатов.
Според него, Бугарија по никоја цена не сака Македонија да стане дел од ЕУ и затоа излегува со вакви максималистички барања бидејќи очекува секоја нормална држава, која се држи до сопствените национални интереси, во еден момент да каже „стоп“.
– На Бугарија не ѝ е во прилог Македонија да стане членка на ЕУ. И натаму ќе измислуваат услови, ќе ја инструираат историската комисија, ќе инсистираат на заеднички празнувања, а во меѓувреме ќе продолжат да издаваат бугарски пасоши. За ова вината треба да се бара кај нашите политичари. Националната, државна, односно стратегиска политика на една земја ја водат институции, а не поединци. Кај нас поединци тргнаа да решаваат за клучни работи од национален интерес. Во Собрание треба да се донесе стратегија и да знаеме што сакаме, а што не. Не личи секој да прави што сака, па потоа да го лаже народот дека немало други бугарски барања, кога гледаме дека има – констатира Јањатов.
Најголемиот лобист за проширување на ЕУ, Австриецот Гералд Кнаус, кој своевремено живеел и работел во Бугарија и многу добро ја познава шемата на бугарската политика и на нивните политичари, сигурен е дека бугарските власти никогаш нема да се задоволат само со уставните измени, туку ќе одат многу подалеку.

– Јас живеев во Бугарија, напишав книга за таа земја. Добро знам кога некои бугарски лидери велат да го признаете бугарското малцинство во Македонија, но она што вистински го имаат на ум не се неколку илјади луѓе, туку половината од вашето население. Велат дека секој што зел бугарски пасош е Бугарин, што значи дека колку подолго сте надвор од ЕУ, толку повеќе луѓе ќе земат бугарски пасош и за тие ќе тврдат дека сите тие се Бугари. Значи, во моментот кога ќе ја направите таа отстапка со уставните измени, нема да завршите во ЕУ, туку со нов вечен конфликт – вели Кнаус.
Тој, говорејќи во интервју за емисијата „Заспиј ако можеш“, само го потврди она на што сега одново се навраќа бугарската министерка за надворешни работи и вицепремиерка Габриел, дека во оној момент кога Македонија ќе ги направи уставните измени, тогаш бугарските власти ќе почнат со испорачување нови барања. Сите тие барања се јасно утврдени во бугарската Декларација усвоена во народното собрание, од која произлегува бугарската позиција во однос на Македонија, а која Габриел сега ја споменува откако не поминаа уставните измени онака како што Бугарија се надеваше.

– Тогаш Бугарија ќе каже: „Сега кога имате 30 отсто Бугари, потребни се бугарски јазик во училиштата, бугарски книги по историја“. Ќе имате глупава дебата за идентитетот, нешто за што ниту една земја не треба да биде притисната од соседот. Ова ни беше јасно уште пред три години. А го гледаме и сега. Прашањето е што е решението? Решението е да кажете: „Нема да прифатиме уцена од вас, не го правиме ова. Но не сме тврдоглави. Немаме проблем со бугарското малцинство сè додека не се користи за уцени. Ќе го ставиме во Уставот кога ќе влеземе во ЕУ, тогаш ќе стапи во сила.“ Да бидеме објективни, секој обид за наметнување идентитетски прашања како дел од процесот за влез во Унијата е осуден на пропаст. Не се работи за обична техничка отстапка со тоа што ќе се впишат Бугарите во Уставот, туку за отворање на Пандорината кутија. ЕУ направи грешка откако властите во Скопје побараа од неа помош околу компромисот. Мора да признаеме дека тоа не успеа. Затоа, сега можете поинаку – порачува Кнаус.