Фото: Маја Јаневска-Илиева

Државен проект или јавно-приватно партнерство?

Хидроцентралата „Чебрен“, како еден од најголемите и најважни енергетски проекти на државата, ја разбранува јавноста последниов период. Владата по повеќе од три децении и 13 неуспешни тендери, во септември годинава донесе одлука за реализација на хидроцентралата „Чебрен“. Проценетата вредност е една милијарда, сите средства за изградбата ќе бидат на грчкиот концесионер „Архиродон“. Обврска на земјава е да ја даде ХЕЦ „Тиквеш“ како удел кога „Чебрен“ ќе почне со работа, а за возврат Македонија ќе добие 33 отсто од сопственоста. Прашањето е зошто стратегиски инвеститор, а не државен проект? Зошто 14-от тендер ги налути експертите? Грешки на државата или задоцнети реакции? Кој што добива, а што губи?
Од една страна инженерите професори тврдат дека „Чебрен“ треба да биде државен проект, а не да им се подарува или распродава на странски интереси бидејќи таа има стратегиско значење за енергетската независност на Македонија и може да придонесе за остварување на домашните енергетски цели и потреби, додека од друга страна државните институции се со контраставови дека најдоброто решение за „Чебрен“ е по пат на јавно-приватно партнерство и дека тоа не е штетно, ниту пак се нарушува електроенергетската независност на земјава. По исклучително плодната дебата на соочување на телевизијата Телма во емисијата „Топ тема“, а во интерес на јавноста, во пишана форма ги презентираме ставовите на двете страни за да може поширокиот аудиториум да анализира и да побара аргументи што ќе натежнат кон општиот поширок јавен интерес.

1. За јавно-приватно партнерство на „Чебрен“

Каја Шукова – министерка за животна средина

– Постапката е во тек, во моментов очекуваме грчката компанија да пристапи кон министерството, односно во случајов кон „Електростопанство Македонија“ и да потпише договор за заедничко вложување, со што може да продолжи постапката и да се продолжи со реализација на овој проект. Мора да се формира заедничка компанија, која потоа ќе пристапи кон спроведување на одредбите за Законот за води, меѓу другото една од првите работи што ќе треба да ја направат е добивање дозвола за води. Се жалеше компанијата што беше избрана за најдобар понудувач во процесот во однос на тоа дали прво треба да се добие концесија за дозвола за води или да се додели концесијата, меѓутоа нашиот закон за води е јасен, прво треба да се добие дозвола за води, а потоа да се пристапи кон потпишување договор за концесија, во случајов Законот за води е лекс специјалис, кој е правен и е според европските регулативи – потенцира Шукова.
Како што вели таа, јавно-приватното партнерство се дава како еден од подобрите модели за раст на економијата на државата за капитални инфраструктурни проекти и ова нѐ поттикнува она што не можеме како држава да го финансираме да го даваме на јавно-приватно партнерство со тоа што ќе направиме добри услови во рамките на проектот.
– Иако ова е 14-ти повик и во изминатите години условите се скоро исти, ништо концепциски не се менува и овој момент кога сме буквално пред врата за да склучиме договор за јавно-приватно партнерство со инвеститор во државата, првпат има реакции на експертската јавност, а претходно немало. Ние не му го даваме „Тиквеш“ никому, не го подаруваме. Ние во рамките на овој тендер имаме 33 отсто. „Тиквеш“ за разлика од претходните постапки, сега се вклучува во системот откако ќе се изгради „Чебрен“, така е по проектот. „Чебрен“ треба да се изгради во рок од седум до осум години, откако ќе биде изграден и ќе стане ефикасен, тогаш се приклучува „Тиквеш“ на системот, и тоа не значи дека ние го даваме, туку дека ќе биде дел од системот – укажува Шукова.
Според неа, како министерка, Законот за води е многу јасен, кога се добива дозвола за вода во таа дозвола се напишани сите услови под кои ќе се користат водите за производство на електрична енергија, и Црна Река ниту ја даваат, ниту може некој да ја земе, ниту ќе ја изгубиме водата.
– Напротив, кога има брана може да ги контролираме водите, таа вода во иднина може да се користи и за наводнување во зависност како ќе се изгради системот и дозволата за води точно ќе ги утврди сите услови под кои ќе работи хидроцентралата. Дозволата за води ќе регулира сѐ и од аспект на наводнување, и од тоа не се отстапува, водата нема да се изгуби, напротив, под точно утврдени услови ќе се управува, односно ќе се користи водата – посочува Шукова.
Како што информира таа, до крајот на годината ќе има конкретни информации дали ќе продолжи проектот. Рокот за потпишување на договорот е продолжен поради жалбената постапка од страна на грчката компанија „Архиродон“, а банкарската гаранција истекува на 31 декември.

Виктор Андонов – советник во ЕСМ

– Вкупната потрошувачка на електрична енергија во Македонија е околу 8-9 илјади гигават-часа бруто-потрошувачка, производството на „Тиквеш“ е 100, со тоа тврдам дека е неточно дека ќе се изгуби енергетската независност. Тој што ќе исклучува и ќе вклучува во системот и ќе го управува системот врз основа на расположливите капацитети е МЕПСО без разлика дали се работи за „Тиквеш“ или „Козјак“ или „Шпилје“. Според студијата, карактеристиките се дека „Чебрен“ ќе произведува 840 гигават-часа, а „Тиквеш“ сега произведува 100, значи ние ќе имаме 33 отсто во 950 гигават-часа и тоа е многу повисоко од тоа што сега е „Тиквеш“. И воопшто не е подобро да купуваме струја од берза отколку од приватен инвеститор – воочува Андонов.
На прашањето зошто се прифаќа јавно-приватно партнерство за изградба на „Чебрен“, а не изградба со наши средства, тој вели дека ЈПП е само начин на финансирање за обезбедување реализација на проектот, македонски компании ќе го градат, секако, како и македонски инженери.
– На „Чебрен“ ќе работат илјадници вработени во градежниот сектор, сите наши фирми ќе бидат на располагање. Ние и сами да го градиме, финансираме, пак според сите законски процедури, бидејќи ќе чини милијарда евра, мора да објавиме меѓународен тендер и на тој тендер може да се пријават компании само што имаат вакви референци, што значи главен изведувач пак ќе биде странска компанија, а нашите компании ќе бидат подизведувачи затоа што немаат искуство – вели Андонов.


2. „Чебрен“ треба да биде стратегиски државен проект

Атанаско Тунески – професор

Какво е тоа јавно-приватно партнерство кога зад себе го имаме грчкото електростопанство? Кое е тоа приватно партнерство што му овозможува на грчкото електростопанство да му го дадеме на подарок „Тиквеш“ и грчкото електростопанство да го изгради „Чебрен“ и струјата да ја дава на берза? Што е тука добро за нашиот народ, бидејќи јавно-приватно партнерство се прави за да биде добро за нашиов народ, не се прави добро да биде за грчкиот партнер.
Тој истакнува дека „Тиквеш“ дава струја 100 единици, а „Чебрен“ 150, значи заедно 250.
– Тоа е исто како вие да му речете на грчкото електростопанство јас имам куќа на еден кат и, еве, изгради уште еден над мене и уште пола. Третина од два и пол ката е 0,8, не е ниту кат. Третина од два и пол ката ѝ останува на државата, сега сме газди, а потоа ќе бидеме кираџии на своето – потенцира Тунески.
Според него, се добива погрешен впечаток дека во оваа држава постои само голем „Чебрен“, а постои и мал „Чебрен“, кој е сјаен проект со ниска брана од 120 метри, додавајќи дека овие документи ги има и во Владата и во електростопанство и секаде во државата.
– Овој проект никој не го сака, сметам дека ако биде овој проект, тогаш не мора „Тиквеш“ да се дава. Оние сакаат неоправдано голем „Чебрен“, економски тежок за реализација, за да речат исплатливоста на проектот ќе се зголеми ако го дадеме „Тиквеш“. Но „Тиквеш“ не е за давање, тоа е наше национално богатство, не смее да се даде ниту Црна Река. Ако се направи голем „Чебрен“, со толку голема акумулација нема да имаме Црна Река веќе, со толку голема акумулација реката ќе престане да тече, ќе има само биолошки минимум, што практично нема да биде река. Значи ја губиме Црна Река и го губиме „Тиквеш“. „Тиквеш“ е многу важен за нашиот електроенергетски систем, во центарот на државата е, и држи напонски прилики, дава врвна енергија, хавариска енергија, кога блок на Битола ќе падне, „Тиквеш“ се вклучува. И сега ако е наш, ние ќе го вклучиме, а ако е грчки ќе треба да платиме многу пари за да го вклучат – нагласува Тунески.
Тој додава дека „Тиквеш“ дава 2 отсто од она што на Македонија ѝ треба, а „Чебрен“ дава 3 отсто, значи, како што тврди, ништо значително повеќе не дава од аспект на количеството струја.
– Од аспект на квалитетот на струјата, многу се важни и „Тиквеш“ и „Чебрен“, даваат врвна енергија, најскапа можна при најмали трошоци, балансирачка енергија, хавариска енергија и држат напонски прилики во центарот на Македонија. И ние му ја подаруваме некому „Тиквеш“ што работи одлично, нова ревитализирана што ќе изгради еден и пол од неа и ќе бидеме задоволни со третина од збирот, а тоа значи дека губиме како држава – истакнува Тунески.
Како што вели тој, 13 тендери пропаднале, а сме имале и подобри понуди од оваа, на пример, понудата од Германците за 47 отсто во таа нова компанија и Германците ќе ги врателе „Чебрен“ и „Тиквеш“ по 39 години. А сега е 33 отсто од Грците и тие ќе ги вратат објектите по 60 години, тоа, според него, како што тврди, е многу поштетен договор.

Константин Димитров – професор

Имаме многу забелешки што ги доставивме во писмена форма, но една од нив е многу сомнителна и почнува од постапката на подготовката и затоа сме против јавно-приватно партнерство од ваков тип што се турка на Владата. Ние се обративме до надлежните институции за да видат дали ова наше сомневање е оправдано или не. Сметам дека овој проект треба да го води државата, а не да ѝ се дава на која било друга држава или, ако веќе се прави партнерство, Македонија треба да биде најмалку 51 отсто сопственик, за да може да управува, да раководи и профитот од тоа сепак да остане, генерално, во Македонија – укажува Димитров.
Тој вели дека со јавно-приватното партнерство Македонија губи 60 години суверенитет во управување со тие води и смета дека државата треба да го гради „Чебрен“, затоа што колатералните придобивки се неверојатни, вели тој, нашите фирми ќе стекнат искуство, ќе се вработат многу млади луѓе, ќе има млади инженери од факултетите да растат со овој објект!