Играњето фудбал во државна институција само покажува до каде отиде арогантниот однос на министрите од редовите на ДУИ, кои не само што во повеќе наврати изјавија дека поднесуваат отчет само пред партискиот лидер туку со ова само потврдуваат дека не ја почитуваат ниту сопствената држава и граѓаните што ги плаќаат
Бурни реакции за спортските егзибиции на министрите од ДУИ во државна институција
Секој политичар кога стапува на функција дава свечена заклетва дека чесно и одговорно ќе ја врши својата функција, но и дека како носител на извршна функција ќе води сметка со своето однесување да не им наштети на интересот или угледот на Република Македонија, на Владата, како и на институциите со кои раководат, односно во чие раководење учествуваат.
Но, очигледно, по стапувањето на функцијата се забораваат обврските преземени со заклетвата, па македонската јавност сè почесто е сведок на неодговорно и непримерно однесување токму на оние што треба да бидат пример за државничко однесување.Имено, последниот настан во Министерството за политички систем и односи со заедниците, кога владини министри од редовите на ДУИ во службени простории играа фудбал, најдобро го демонстрира тој несериозен и омаловажувачки однос на функционерите кон државните институции.
– Не гледам ништо неморално, коментарите не се долични. Едноставно шутиравме, си игравме фудбал пет минути и баскет, толку, ништо посебно. Сме станале општество на хистерични реакции за сè и сешто – изјави првиот вицепремиер Артан Груби, по многубројните реакции во врска со спортските активности во неговиот кабинет.
Нема ништо неморално и спорно министрите да се релаксираат по напорниот ден, но само доколку тоа се прави во соодветни простории за релаксација во рамките на објектот, ако ги поседува, или во некој друг спортски центар, но не и во кабинетите каде што се примаат странски делегации.
Играњето фудбал во државна институција само покажува до каде отиде арогантниот однос на министрите од редовите на ДУИ, кои не само што во повеќе наврати изјавија дека поднесуваат отчет само пред партискиот лидер туку со ова само потврдуваат дека не ја почитуваат ниту сопствената држава и граѓаните што ги плаќаат.
– Мислам дека е крајно несериозно министри да играат фудбал во државна институција, тоа за мене е непочитување на државата. Дали нам некој утре ќе ни дозволи, еве, на пример, додека чекаме да ни се исправи некој погрешен документ во некоја државна институција, да си носиме топка и да поиграме сервис додека чекаме исправка? Нема што друго да додадам, освен дека однесувањето на политичариве од ДУИ надмина секаква граница на пристојност. Најтрагично е што ниту еден од нив нема да понесе никаква одговорност за ваквиот несериозен однос – вели Иван Трајчев, правничка.
Исклучително жестоки реакции имаше и на социјалните мрежи, во кои јасно се посочува дека задача на министрите е да работат во интерес на граѓаните, а не да се однесуваат незрело.
„Прво почнете да ги средувате општините каде што има ваш кадар за градоначалник, па после играјте фудбал и сè друго. Чаир ви е затрупан со ѓубре и кал“, „Народот едвај преживува, а овој наместо да работи си играл фудбал“, „Министрите на ДУИ играат фудбал во канцелариите на министерство бидејќи со толкави чкембиња не смеат да се појават пред народот што ги гласал“, „Дел од работната атмосфера во Министерството за политички систем“, „Фраерите во нашето општество, си набацуваат, си нè дриблаат, ние ги плаќаме… Сè е во совршен ред. И после ние сме хистерични!“, се наведува во дел од реакциите на социјалните мрежи.
Поранешниот дипломат Драган Јањатов смета дека ова само е манифестација на политичка дрскост на луѓе што знаат дека никој ништо не им може.
– Тоа е еден вид политичка дрскост. Кога знаеш дека никој ништо не ти може, тогаш добиваш сила и го покажуваш тоа што е вистинското во себе, така што мене тоа не ме изненадува. Работите се развиваат во негативен правец за Македонија – вели Јањатов.
И професорката Мирјана Најчевска потврдува дека со ваквото несериозно однесување на првиот вицепремиер Груби и на другите министри од редовите на ДУИ во државна институција, всушност, се омаловажуваат државата и нејзините граѓани.
– Некој има да му каже дека канцелариите што ги плаќаат граѓаните не се за играње фудбал, исто како што службените автомобили не се за партиски митинзи ниту, пак, законите се тоалет-хартија? За вакво нешто сите овие млади полетни момци треба веднаш да летаат од функциите што ги држат. Дајте, бре, доста веќе од измотавање со државата и со граѓаните – реагира Најчевска.