Методија Патчев

Оформувањето на Македонија како самостојна и суверена држава беше рожба на неколку македонски генерации. Водени од идеалите за слобода и независност, илјадници знајни и незнајни Македонци бескомпромисно се бореа против сите непријатели на македонскиот народ. Многумина ги положија своите животи за македонската слобода и државност, а меѓу нив е и македонскиот војвода Методија Патчев. Како држава, општество и нација не смееме да ги забораваме овие херои, затоа што без нивната пожртвуваност немаше да постои современата македонска држава

Од историските архиви: По повод 122 години од херојската жртва на војводата Методија Патчев

Меѓу илјадниците знајни и незнајни Македонци што се бореа и жртвуваа за македонската слобода треба да се спомене и Методија (Патче) Патчев. Тој е роден во Охрид, а потекнувал од сиромашна рибарска фамилија. Неговите родители Јаќим и Марија биле трудољубиви и чесни луѓе. Бидејќи родителите на Методија биле крајно сиромашни, не можеле да го пратат својот син на школување надвор од Охрид, иако за тоа мечтаеле и тој и тие. Од тие причини Патче го прекинал образованието токму тогаш кога навлегол во книгата, кога почнал да ги вкусува нејзините плодови. И тој, како и неговите тројца браќа, со татко му се борел за животен опстанок. Работел извесно време во ќуркчиските дуќани, а работел и како рибар со татко си, борејќи се со езерото за парче леб.
Во почетокот на 1886 година го напуштил родниот град и тргнал да бара помош. Прво отишол во Солун, а оттаму во Софија. Ниту во Солун, ниту во Софија не добил потребна парична помош за понатамошно школување во некое средно училиште. Во Самоков почнал да го посетува специјалното училиште. Во училиштето ги посетувал сите занаети што се изучувале, а истовремено работел и во револуционерниот кружок, во чија активност веднаш се вклучил. Овој ученички кружок бил мошне активен, бидејќи бил посетуван од раководителите на Македонската револуционерна организација (МРО), како и од Гоце Делчев. Поради материјални причини, Методија набрзо го напуштил Самоков, бидејќи не можел да обезбеди стипендија за да учи во некое средно училиште.
Во 1896 година се вратил во Охрид и се занимавал со учителска дејност во основното училиште „Св. Кирил и Методи“ во маалото Кошишта. Во истото училиште за учител бил назначен и неговиот сограѓанин Христо Узунов. Истата година влегол во редовите на МРО. Тој добивал специјални задачи – ликвидирање на непријателите на македонското ослободителното дело, како и на предавниците. Во 1894 година, само една година по формирањето на МРО во Солун, се формирала и охридската револуционерна организација. До 1900 година во револуционерниот комитет влегле Христо Узунов, Методија Патче, Кирил Прличев, Лука Групче, Климе Заро, Анастас Каневче и други. Узунов и Патче многу придонеле за омасовување на револуционерното движење во Охрид и Охридско. Двајцата им давале заклетва на новите членови на вообичаениот начин – пред евангелие, крст и кама. Честопати Узунов, за да не биде забележан од турските власти, по куќите каде што требало одел облечен како поп, а Методија Патче му го носел како клисар котлето со светена вода.
Посебно место во развојот на МРО во тој период имале т.н. терористички групи. Тие групи покрај следењето на одредени луѓе и справувањето со уличните шпиони, собирале пари за потребата на организацијата, го помагале нејзиното вооружување и вршеле агитациско-организациски задачи. Најчесто тие групи биле со повремен карактер и биле составени од лојални, храбри, снаодливи луѓе, каков што бил и Методи Патче.
Во спомените од Ѓорѓи Тасиќ, учител од Охрид што се борел за ширење на српската пропаганда во Охрид, има дадено многу податоци и за другите пропаганди во Охрид, како и караниците меѓу граѓаните на Охрид, а пред сѐ учителите. Во ширење на српската пропаганда најмногу се експонира охриѓанецот Димитрие Грдан. Охридското раководство на МРО решило енергично да се бори против српската пропаганда. Тие одлучиле да го отепаат Грдан, а тоа се случило на 5 август 1898 година. Таа задача паднало да ја реализира учителот Методија Патчев. Тој го реализира тоа кај стариот дел на градот, кај денешната Самоилова улица.
Првата акција на МРО во Охрид е убиството на србоманот Димитар Грдан, кој бил осуден како разбивач на единството на македонското движење. Ликвидацијата на турскиот шпион Димитар Грдан била една од позначајните акции што ги извршил Методиja Патче. За да одредат кој ќе го убие предавникот, групата во која биле Иван Нелчин, Христо Узунов и Кирил Прличев, влечела ждрепка. Иван Нелчин, кому му паднала ждрепката се откажал правдајќи се дека нема нерви за такво дело и дека не е доволно вешт за ракување со нагант. По тоа се јавил Методија Патче и рекол дека ќе го изврши убиството доколку Нелчин дадел 10 наполеони за организацијата. Откако предложената сума била дадена, бил направен друг план за убиство на Грдан. Со помош на Христо Узунов и Кирил Прличев, на 5 август 1898 година го застрелал предавникот Димитар Грдан во центарот на Охрид, по што сите тројца биле уапсени од турските власти. Иако немало сведоци на убиството, тој бил уапсен од турската власт и осуден на 15 години затвор. Методија Патче бил затворен во битолскиот затвор, каде што останал до 1901 година, кога бил амнестиран.
По излегувањето од затворот, во учебната 1901/1902 година Методија Патче бил назначен за учител во Прилеп. Но, откако турската власт му забранила да работи како учител, тој преминал во илегала и се приклучил на четата на Марко Лерински. Во октомври 1901 година Методија Патче бил назначен за војвода на првата агитациско-организациска чета во Прилепско. Со намера да привлече и зачлени поголем број комити во организацијата, патува низ Прилепскиот Регион и за релативно кусо време, доаѓаат до израз неговите организаторски способности. Во текот на март 1902 година, поради разврат, го ликвидирал и прилепскиот војвода Тале Горанов.


Херојската саможртва на Патчев и неговите комити

Но, откако на 6 април 1902 година, на селскиот празник Благоец, отишол со шестмина соборци во Кадино Село, Прилепско, за да покрсти нови членови за организацијата, бил предаден и опкружен од турскиот аскер и башибозук. Додека војводата и четата биле сместени во старата кула, а народот за тоа време бил во црква, околу пладне во селото дошле околу 500 вооружени луѓе, меѓу кои аскер од Битола и познатиот разбојник Расим со 25 луѓе.
Претходно четата не била известена за движењето на силниот аскер кон Кадино Село и немала ниту време ниту можност да се извлече од кулата и селото. Опколена од сите страни, четата се забарикадирала во кулата. Започнала нерамноправна јуначка борба, која траела до наредниот ден (7 април 1902 година), сѐ до моментот кога на четата ѝ снемало муниција. На Патче и комитите не им преостанало ништо друго освен да се предадат или да умрат. На повикот од аскерот да се предадат одговориле дека македонски борци не се предаваат. Со песна, по 24-часовна борба, Методи Патчев и неговите соборци со последните куршуми извршиле групно самоубиство.
По престанокот на пукотниците, кога Турците влегле во кулата, глетката била потресна и величествена. Со прострелни смртоносни рани, со радосни лица во пресрет на смртта, комитите како да им оддавале последен поздрав на својата мајка земја и на својата татковина Македонија. Командантот, потпоручникот Нијази-бег, подоцна еден од истакнатите членови на Младотурската револуција, покажувајќи на положените тела на комитите, пред аскерот изјавил: „Тоа се херои. Гледајте како се бореа за својата идеја. Сами се убија.“ Потоа со плотун преку мртвите тела, Турците им оддале почит на загинатите македонски борци.
Турците кај Патче пронашле шифрирани документи од кои ја откриле целата револуционерна мрежа на организацијата во Прилепско. Османлиската војска правејќи голем зулум, извршила претрес и апсења во 18 прилепски и шест мариовски села, при што биле затворени 92 припадници на организацијата. На судењето во Битола, на разни затворски казни биле осудени 16 луѓе, а другите биле ослободени. Врз основа на разни добиени податоци се смета дека предавството го извршиле Станко Ачкоски, кмет на селото, познат врховист и турски шпиони, и неговиот заменик Јонче Врбоски. Ачковски бил осуден на смрт од организацијата и истото лето бил убиен. Селаните ги закопале македонските херои во црквата „Света Богородица“, а подоцна ги откопале и ги погребале во заедничка гробница на селските гробишта.


„Јас, Методи Патче од Охрида“

За војводата Методија Патче се испеани повеќе песни. Најпозната од нив е и песната „Јас, Методи Патче од Охрида“, која гласи: „Јас, Методи Патче од Охрида, ослободен од битолски затвор. Па, си тргнав за Охрида града, там’ не најдов ни мајка, ни татко. Там’ си најдов верната бисерка, верната бисерка, малихерка. Па, си тргнав за Прилепа града, за Прилепа, село Кадиново. Там’ си најдов верната дружина, верната дружина, договорна. Слово држи Методија Патчев: Напред браќа, борба да водиме. Се зададе силната потера, силната потера, кавалерија. Поарџија сите си куршуми, оставија само еден куршум. Слово држи Методија Патче: Ајде браќа да се убиеме. Навртија пушки во градите. Прв се уби Методија Патче, а по него целата дружина“.