Фото: Влада

Процесот на евроинтеграција на Македонија не смее да запре и верувам дека ќе преовлада разумот кај сите политички субјекти во државата и тие ќе го разберат историското значење на овој момент – порача словенечкиот премиер Роберт Голоб на денешната заедничка прес-конференција во Љубљана со неговиот македонски колега Димитар Ковачевски.

Како што јави известувачот на МИА од Љубљана, Голоб посочи дека промената на Уставот е тежок процес, кој мора да се случи, како и дека станува збор за историска можност која нема врска со партиска припадност, но потенцира дека евроинтегративниот процес на Македонија не смее да запре со внесување на дополнителни билатерални прашања во агендата.

– Верувам дека тоа е тешка задача, но се надевам дека ќе преовлада разумот во Македонија кај сите политички субјекти и дека тие ќе го разберат историското знаење на овој момент и дека овој процес мора да биде завршен што побрзо како што е предвидено. Се работи за историска можност која нема врска со партиска припадност, туку има врска со иднината на целиот македонски народ. И затоа сметам дека партиите тоа мора да го имаат предвид. Словенија на кој било начин ако може да помогне, дали со дијалог или со презентација, тоа ќе го направи – рече Голоб.

Ние, додаде тој, ќе стоиме цврсто на ставот дека сегашниот процес на преговори не смее да запре со внесување дополнителни билатерални прашања во агендата.

-Ќе инсистираме да одиме понатаму со оние процеси кои веќе беа договорени со промената на Уставот и дека не смее да се внесуваат од друга страна никакви дополнителни барања во процесот на продолжување на преговори. Овој аспект е многу значаен бидејќи, за жал, се покажа дека соседите и ние имавме такво искуство, се обидуваат да добијат нешто повеќе од државата членка и тука ќе стоиме на овој став, не смееме поради влијанието на европската пропаганда да се согласиме со тоа – рече словенечкиот премиер.

Тој изрази надеж дека до крајот на ноември ќе се исполнат сите услови и дека во декември ќе биде констатирано дека Македонија ги исполнила сите услови од договорот.

Македонија, како што рече, е еден од позначајните фактори на стабилност во Западен Балкан и единствениот начин на стабилизација на регионот е неговото приклучување кон Европската Унија.

Премиерот Димитар Ковачевски истакна дека граѓаните во Македонија ја препознаваат својата улога во регионалениот и европскиот контекст.

– Силно верувам дека ќе останеме посветени и успешно ќе чекориме на европскиот пат иако некои внатрешни и надворешни сили можеби го посакуваат тоа. Поддршката на Словенија на нашиот пат кон ЕУ не е само декларативна туку конкретна и практична – рече Ковачевски.

Посочи дека Македонија е пример како се решаваат билатералните отворени прашања и дека во изминатиот период ги има затворени сите отворени прашања со соседите.

Двајцата премиеро претходно потпишаа заедничка декларација за зајакнување на соработката меѓу двете држави. Тие договориоја зајакнување на билатералната соработка преку редовен политички дијалог и одржување на меѓувладина седница, која доколку е можно, би се одржала во текот на оваа година.

Договорено е и продлабочување на економската соработка, која е оценето дека е на солидно ниво, но дека има потенцијал за унапредување во делот на телекомуникациите, производството на органска храна, енергетиката, туризмот и дигитализацијата.

Двете земји ќе тежнеат трговската размена да дојде на ниво од околу 500 милиони евра. Статистичките податоци покажуваат дека Словенија е на петто место по директните странки инвестиции во Македонија. Во земјава работат над 40 словенечки компании кои вработуваат над 2.500 лица.