Фото: Игор Бансколиев

И додека во уредените држави на пописот се гледа, пред сѐ, како на сѐ понапредна евиденција на податоците за основните географски, социоекономски, демографски и други карактеристики, заради управување со ресурсите и унапредување на планирањето на општествено-економските дејности во целост, во Македонија, како впрочем и во повеќето соседни земји, тоа сѐ уште се третира како примитивно оружје за „тепање на противникот“ што има различен партиски дрес… А непосредно пред најавеното објавување на резултатите, претпремиерно се продуцираат плагирани изведби потпишани од повеќе или помалку познати автори преокупирани само со една веќе потрошена тема – пребројувања и постројувања според националната припадност…

Во очекување на претставувањето на резултатите од пописот во зградата на Филхармонијата

Ритмички, мелодиски и хармониски промени на темата за пописот на населението, домаќинствата и становите во Македонија и нивните вкрстувања, деновиве, непосредно пред најавеното објавување на резултатите, повторно, претпремиерно, продуцираат плагирани изведби потпишани од повеќе или помалку познати автори преокупирани само со една веќе потрошена тема – пребројувања и постројувања според националната припадност. Таквите мошне силни напори на очекуваните пописни резултати да им се даде исклучиво етнонационалната димензија, но и горчливото искуство од неуспешниот попис во 2011 година, според веќе видените сценарија, ги поткренаа тензиите во јавноста пред нивното „премиерно“ претставување в среда, навечер, во зградата на Филхармонијата.
И додека во уредените држави на пописот се гледа, пред сѐ, како на сѐ понапредна евиденција на податоците за основните географски, демографски, социоекономски и други карактеристики, во Македонија, како впрочем и во повеќето соседни земји, тоа сѐ уште се третира како примитивно оружје за тепање на противникот. Ситуацијата дополнително ја вжештија наводното истекување на податоците за бројот на Македонци и на Албанци во земјава од Државниот завод за статистика, како и неодамнешното јавно изнесено стравување на неговиот директор Апостол Симовски дека ќе биде прогласен за државен непријател по објавувањето на резултатите. Впечатокот битно не го сменија ниту неговото подоцнежно објаснување дека во претходната пригода само се шегувал и не сакал да сугерира никакви резултати, ниту последната изјава дека веќе нема да одговора на прашањата до објавувањето на резултатите.
– Сега не е време за разговор. Гледате дека се злоупотребува секое зборче што ќе го каже човек. Се извртуваат зборовите и затоа сметам дека нема потреба да давам изјави сѐ додека официјално не бидат објавени резултатите од пописот. Сега немам коментар за ништо – кратко изјавил тој, потенцирајќи дека пописот е спроведен професионално и според стандардите на Евростат.
Дека е така потврди и министерот за правда Никола Тупанчески.

– Она што беше стандард на ОН и препораките на Евростат се прифатени и нивните оцени беа дека пописот е добро спроведен. Без оглед на тоа какви ќе бидат резултатите од пописот, во секој случај ќе има коментари и реакции. Но тоа се официјални податоци – рече Тупанчески.
Зошто тогаш во државата што е членка на НАТО и претендира да стане полноправен член на Европската Унија, националното пребројување е главна преокупација, дури и во услови кога веќе две децении се чека на податоците врз основа на кои можат да се креираат сите понатамошни политики и стратегии?
– За жал, политичките елити кај нас три децении ги злоупотребуваат етничките бројки од пописите за своја цел. Најчесто за да манипулираат со чувствата и емоциите на граѓаните, и тоа да го прогласат како победа или пораз, во зависност од етничката диоптрија со која се гледаат резултатите – објасни политикологот Благојче Атанасоски.
И бизнис-заедницата веќе со години реагира поради упорното политизирање на пописот и немањето основни податоци врз основа на кои стопанството ќе ги гради своите развојни планови и ќе се обезбеди еден од најбитните фактори за подобрување на деловниот амбиент – предвидливост.
– Пописот ни треба не само за да се преброиме по националност или семејства туку заради економските импликатори. Не може да се направи никаква економска прогноза, ако се немаат базичните основни бројки – напиша во една од неговите колумни претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.
А дека тоа не е слабост само на Македонија, туку и на речиси целата регија, потврдува и професорот по демографија од Природно-математичкиот факултет во Загреб, Стјепан Штерц.

– Пописот, всушност, е темел на сите можни планирања во земјата. Тој се спроведува за да се добие моменталниот пресек на популацијата, нејзиното богатство, потенцијал… за да може да се планира идниот развој на целиот простор. Тоа е главната причина за попис – објасни тој.
Поконкретно, со добивањето на точната слика на населението, неговата возраст, образованието, квалификациите, местото на живеење и сл., државата ќе може да планира изградба на соодветна инфраструктура, а инвеститорите ќе знаат каде можат да почнат со своите бизниси, со каква работна сила располагаат и слично. И локалните власти ќе можат повтемелено да ги планираат развојот, бројот на ученици, штитеници на разни социјални установи…
Токму затоа, наместо етничките бројки, бизнисмените и научниците очекуваат пописот да донесе огромен и значен фонд на податоци што ќе бидат корисни за натамошното креирање на економските, образовните, здравствените, локалните, развојните, инвестициските, земјоделските и други политики.
А за да бидат поуверливи, од Заводот за статистика тврдат дека сите се попишани бидејќи, како што рекоа, податоците за оние што не се попишале, затоа што не биле најдени дома во повеќе наврати, а не се одзвале на поканата да дојдат во центрите за попис, се преземени од регистри со податоци. Во пописната база влегуваат седум регистри на податоци – од министерствата за внатрешни работи, за информатичко општество и администрација, образование и наука и за труд и социјална политика, како и од Фондот за ПИОМ, УЈП и од Агенцијата за вработување. Д.М.М.