Долг список на бугарскиот иредентизам, негирање на македонскиот идентитет и јазик
Бугарија е полноправна членка на Европската Унија од 1 јануари 2007 година, но нејзината политика кон Македонците сѐ уште е предалеку од принципите и темелните вредности на Унијата. Оваа констатација е уште поочигледна ако се земат предвид постапките, активностите, зафатите на Софија, како и документите и реториката на бугарските политичари кон Македонија и Македонците. Ноторен факт е нивното постојано негирање на македонските национални особености, непочитувањето на одлуките на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, непризнавањето на македонското малцинство, како и забраната за регистрација на организациите и здруженијата на Македонците во Бугарија, со што се кршат основните демократски вредности и човекови права
Преспанскиот договор даде импулс за негаторството од Софија кон Македонија
Антимакедонските активности имаат длабоки корени во бугарското општество, меѓутоа тие особено се заострија и засилија токму по потпишувањето на Преспанскиот договор од 2017 година, кога Македонија, под притисоци на меѓународната заедница и со ветувањата за побрза асоцијација во ЕУ, го промени своето име. Заострената, засилена и динамизирана негаторска реторика и постапки, токму по потпишувањето на Преспанскиот договор, е евидентна кај сѐ поголем број бугарски политичари, вклучувајќи и високи државни претставници.
Демонстрирање иредентизам и хегемонизам од најниските до носителите на највисоки државни функции
Д-р Милен Михов од ВМРО-БНД во бугарскиот парламент, по повод 101 година од потпишувањето на Нејскиот мировен договор, ја прочита декларацијата на парламентарната група „Обединети патриоти“. Покрај ревизијата на историјата, говорот на Милен Михов во одредени моменти вербално демонстрираше и територијални претензии кон соседите на Бугарија.
– Земјите за кои Бугарија војува, Добруџа и Македонија, се населени со над 1.400.000 души, кои остануваат повторно во границите на Романија, Југославија и Грција. Од старите земји од царството се откинати… целите реони Царибродско, Босилеградско и Струмичко… 25 бугарски села се поделени на половина… Западна Тракија со 250.000 Бугари е предадена на Грција… Бугарија се третира како несуверена држава – истакна Милен Михов пред бугарските пратеници.
Слична реторика имаше и Ангел Џамбаски од партијата ВМРО-БНД, но и бугарски европратеник. На неговиот фејсбук-профил постојано може да се прочитаат антимакедонски содржини. Во една од објавите, Џамбаски напиша дека една нација живее на двете страни од границата Деве Баир, а тоа е бугарската.
Особено активен со својата антимакедонска реторика беше Красимир Каракачанов, поранешен бугарски вицепремиер и министер за одбрана, кој постојано настапуваше со остар и агресивен тон.
– Не можеш да ја касаш раката што те поддржува и која ти е подадена со една братска добронамерност, во буквална смисла. Братска, затоа што ние сме еден народ и говориме ист јазик. Што и да ми зборуваат и објаснуваат за идентитетот, кој бил многу древен, секој нормален човек што прочитал повеќе од пет страници историја поврзана со Македонија, знае дека таков идентитет, македонски, посебен од бугарскиот, пред 1944 година не постои – изјавил Каракачанов за бугарските медиуми.
Антимакедонската реторика не е карактеристична само за претставниците на помалите бугарски партии. Иредентизмот е забележлив и кај високите државни претставници. Ова е забележливо и во искажувањата на бугарскиот претседател Румен Радев, кој во една пригода истакна дека Бугарите имаат непопустлива волја, патриотизам и посветеност, чиј живот и дело не се вклопуваат во граници и епохи. Само неколку месеци по нејзиното воскреснување во 1878 година, слободна Бугарија била распарчена, а Македонија и Тракија повторно биле поробени. Но Берлинскиот конгрес не успеа да ја угаси ниту вербата на македонските и тракиските Бугари во нивните сопствени сили да го одбранат своето право на достоинствен живот, ниту надежта за слобода. Затоа што имаше луѓе, револуционери како Гоце Делчев, рече Румен Радев во своето обраќање, кое беше пренесено од Бугарската национална телевизија (БНТ).
Ќе имаа ли институционална реакција од Брисел за експлицитното негирање на македонскиот идентитет во „заедничката комисија“?
Негирањето на македонските национални особености е карактеристика и на членовите на македонско-бугарската комисија за историски прашања, како што се Ангел Димитров и Кирил Топалов. Ангел Димитров, кој е копретседател на споменатата комисија, во едно од своите интервјуа за БНТ отворено го негираше постоењето на македонскиот народ и македонската држава низ историјата.
– РС Македонија покажува неподготвеност да работи врз основа на историските принципи, наука, историја… Не постојат историски докази што говорат за постоењето на македонскиот народ, македонската држава и дека Самуил е македонскиот крал – рече Димитров за БНТ.
Флагрантно негирање на македонското малцинство
Софија не ги исполнува Копенхашките критериуми, а Македонците не живеат подобро во смисла на остварување на основните човекови права по зачленувањето на Бугарија во Европската Унија. Непризнавањето на македонското малцинство е забележливо и во изјавите на високите државни претставници. Во овој контекст Кирил Петков, поранешниот бугарски премиер, за телевизијата БНТ изјави дека никогаш нема разговарано со амбасадата на САД во Бугарија за признавање на т.н. македонско малцинство во земјата.
– Нема такво малцинство и за такво малцинство дури не може да се зборува – одговори бугарскиот премиер Кирил Петков на прашање на бугарската телевизија БТВ, за тоа дали бугарската влада разговарала со амбасадата на САД во однос на оваа тема.
Екатерина Захариева, поранешната бугарска министерка за надворешни работи, се закани дека Бугарија ќе го блокира патот на Македонија кон членството во Европската Унија, доколку не признае дека нејзиниот национален идентитет и јазик имаат бугарски корени.
– Нашата загриженост доаѓа од бесконечните тврдења за македонско малцинство во Бугарија. Признавањето на бугарските корени ќе стави крај на ова – изјави Захариева за „Ројтерс“.
Со негирањето на македонскиот јазик ги изгнасија фундаментите на демократијата, цивилизациските достигнувања и меѓународното право
Екатерина Захариева, поранешната бугарска министерка за надворешни работи, во интервјуто за бугарската телевизија Канал 3, кога говореше за темата поврзана со Македонија, на новинарското прашање дали тука треба да се додаде и македонскиот јазик, Захариева одговори дека оваа тематика е поврзана.
– Да, и јазикот, тоа е сѐ поврзано. Толку документи има. Напишан е во 1945 година, на основа на западнобугарскиот дијалект. Смениле единствено некои… малку граматика, малку додале зборови од еден друг соседен јазик – истакна Захариева во интервју за бугарската телевизија Канал 3.
Кирил Топалов, член на македонско-бугарската комисија за историски прашања, има идентична реторика. Според него, Македонците и Бугарите до 1944 година биле еден народ со еден јазик – бугарски народ со бугарски јазик.
– Потоа ја создадоа оваа српско-македонска-дијалектно-бугарска мешавина што ја нарекуваат македонски јазик. Тие може да си го нарекуваат како што сакаат. Но наше право е да го признаеме како таков или не – изјави Топалов во интервју за БГНЕС. Д.Ст.