Собранието е должно да распише референдум по сите прашања доколку предлагачи се 150.000 избирачи!

И ВМРО-ДПМНЕ и Левица создаваат погрешна практика: не се прави референдумско прашање по волја на претседателот на Собранието или парламентарното мнозинство, СО КАЛКУЛАЦИИ ДАЛИ ЌЕ ГО ОТФРЛАТ ИЛИ НЕ, туку според волјата на предлагачот! Но Собранието Е ДОЛЖНО да распише референдум на државно ниво по предлог на најмалку 150.000 граѓани

Тодор Петров

По една одбиена референдумска иницијатива на опозицијата од страна на Собранието, а по десетина дена се доставува друга иницијатива, дилемата што се наметнува во јавноста е во што е поразлично референдумското прашање на Левица, од претходното на ВМРО-ДПМНЕ, во смисла на стеснување на маневарски простор на собранискиот спикер Талат Џафери за да го отфрли.
Всушност, и ВМРО-ДПМНЕ и Левица создаваат погрешна практика: не се прави референдумско прашање по волја на претседателот на Собранието или парламентарното мнозинство, СО КАЛКУЛАЦИИ ДАЛИ ЌЕ ГО ОТФРЛАТ ИЛИ НЕ, туку според волјата на предлагачот! Не постои надлежност или ненадлежност на Собранието поради содржината на референдумското прашање! Во членот 28 од Законот за референдум, Собранието утврдило прашања за кои на државно ниво не може да се распише референдум! Меѓутоа, Уставниот суд по иницијативи на Светскиот македонски конгрес и други за поништување на членот 28 од Законот за референдум повеќепати се изјаснил со исто образложение, кое се повторува во решение У.бр.197/2005 од 13.09.2006 година, решение У.бр.260/2009 од 26.05.2010, решение У.бр.51/2013 од 08.04.2015 година, решение У.бр.16/2015 од 23.09.2015 година и решение У.бр.28/2017 од 17.05.2017 година. Имено, Уставниот суд не повел постапка за оценување на уставноста на членот 28 од Законот за референдум, со образложение: Собранието ги утврдило прашањата за кои не распишува референдум кога САМОТО распишува референдум на државно ниво ПО СОПСТВЕНА ИНИЦИЈАТИВА. Но, Собранието Е ДОЛЖНО да распише референдум на државно ниво по предлог на најмалку 150.000 граѓани! Односно, според членот 21 став 2 од Законот за референдум, Собранието е должно во рок од 30 дена од поднесувањето на предлогот за распишување на референдумот да донесе одлука за распишување на референдум! Значи, Собранието Е ДОЛЖНО да распише референдум по секое прашање за кое ќе бидат собрани 150.000 потписи. Собранието не е надлежно да ја оценува содржината на прашањето, за тоа се надлежни предлагачите, односно граѓаните, бидејќи во државата Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и ним им припаѓа, а власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување!
Уставниот суд смета дека според членот 73 став 3 од Уставот, Собранието е ДОЛЖНО да распише референдум кога предлог за распишување ќе поднесат најмалку 150.000 избирачи! Уставниот суд, истовремено вели „Според Судот, ставот 3 на членот 73 од Уставот треба да се толкува во смисла дека, распишувањето на референдумот од овој став на член 73 е задолжително не според предметот односно прашањето поради кое треба да се распише референдумот, туку според својството на предлагачот (150.000 избирачи)! Имено, во овој случај Уставот не остава можност Собранието да одлучува или проценува дали треба или не, да распише референдум, туку едноставно е обврзано да го распише референдумот за предлог-прашањето за кое се собрани 150.000 потписи!“

Претседателот на Собранието САМО ја испитува уредноста на предлогот за поведување граѓанска иницијатива за донесување закон, за распишување референдум на државно ниво и за поднесување предлог за пристапување кон измена на Уставот. Претседателот на Собранието, по добивањето на предлогот за поведување граѓанска иницијатива за донесување закон, за распишување референдум на државно ниво и за поднесување предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија, веднаш ја доставува до претседателот на Законодавно-правната комисија и до претседателот на матичното работно тело. Законодавно-правната комисија и матичното работно тело во рок од два работни дена до претседателот на Собранието доставуваат мислење за УРЕДНОСТА на иницијативата. Запаметете: САМО ЗА УРЕДНОСТА! Ако претседателот на Собранието утврди дека иницијативата е уредна, за тоа го известува овластениот предлагач, во рок од три дена од добивањето на мислењето од работните тела. Ако претседателот на Собранието утврди дека иницијативата е неуредна, прашањето во врска со иницијативата го става на дневен ред на првата наредна седница на Собранието. Собранието со заклучок утврдува дали иницијативата е уредна. Запаметете: и Собранието е надлежно да ја утврди САМО УРЕДНОСТА на иницијативата, ништо повеќе! Претседателот на Собранието го известува овластениот предлагач за заклучокот на Собранието во рок од три дена! Уредност на иницијативата не значи согласност за содржината на прашањето што се иницира, туку дали е предложена од најмалку 100 граѓани, кои потписите ги дале пред надлежен државен орган за избирачкиот список! НИШТО ПОВЕЌЕ! Да, по заклучокот на Собранието се води уставна постапка! Но отфрлање на граѓанска иницијатива за референдум на државно ниво поради несогласување со содржината на референдумското прашање е кривично дело, суспензија на Уставот и законите, тоа значи суспензија на правата и слободите на граѓаните и на уставноправниот поредок на државата Македонија!

Претседателот на Собранието не е надлежен да толкува Устав! Ако се сеќавате, Талат Џафери така постапи и со Законот за ратификација на Договорот Димитров – Коѕијас од 17 јуни 2018 година, двапати гласан во Собранието на седниците одржани на 20 јуни и 5 јули 2018 година. Претседателот на Републиката не го потпиша указот за негово прогласување, но Талат Џафери го објави Законот за ратификација на Договорот Димитров – Коѕијас во „Службен весник“ на 14 јануари 2019 година без потпис на претседателот Ѓорге Иванов на указот за прогласување на законот, со негово лично толкување, дека претседателот на Републиката го прекршил Уставот! И никој во оваа држава на тоа не реагираше. А објавата на Договорот Димитров – Коѕијас беше повод за уставните амандмани 33, 34, 35 и 36 со кои пратениците ги сменија името на државата и идентитетот на македонскиот народ! Поднесов иницијатива до Уставниот суд за поништување на указот за прогласување на Законот, но иницијативата сѐ уште седи во фиока, поради злосторничко здружение на уставните судии со премиерот и министрите, кои вршат флагрантно кршење на домашното и на меѓународното право!

Што би предизвикало во правна смисла неговото прифаќање, а што одбивањето

Ако парламентарната опозиција е решена за референдум, прашањето на ВМРО-ДПМНЕ ја мобилизира владината коалиција СДСМ – ДУИ да го отфрли и бојкотира референдумот, бидејќи се преоценува договор што самата го склучила со Бугарија, па неоспорно е дека ќе го брани. Неуспешен референдум на поставено прашање од ВМРО-ДПМНЕ „Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија објавен во Службен весник број 12/2018 од 18 јануари 2018 година?“ е одговорност на предлагачот ВМРО-ДПМНЕ.

За мене лично, несоодветно е и предлог-референдумското прашање на Левица „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ, со прифаќање на собраниските Заклучоци од 16-ти јули“? Зошто? Затоа што е конфузно и затоа што се заборава дека граѓаните со двотретинско мнозинство од вкупниот број избирачи НЕ ГЛАСАА „за членство во ЕУ и во НАТО“ и НЕ ГЛАСАА за „прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција“ од 17 јуни 2018 година! Одлуката на референдумското прашање, по предлог на Владата и парламентарното мнозинство, НЕ БЕШЕ ДОНЕСЕНА! Па како да продолжат преговорите со ЕУ, кога граѓаните НЕ ГЛАСАА за членство во ЕУ и во НАТО?

И едно многу логично прашање: ако предлог-закон, по предлог на овластен предлагач, не биде донесен во Собранието, може ли да важи? Па како можеше Собранието да го применува Договорот Димитров – Коѕијас, ако одлуката на референдумот НЕ БЕШЕ ДОНЕСЕНА, потврдено со извештај на Државната изборна комисија?! Владата и пратениците извршија флагрантно кршење на уставнопоравниот поредок на државата Македонија, извршија повеќе кривични дела: велепредавство, геноцид врз македонскиот народ и злосторство против човештвото што не застарува!
Но кога ВМРО-ДПМНЕ и Левица веќе решиле да иницираат референдум, тоа требаше да биде задолжителен дополнителен референдум на државно ниво на целата територија на Република Македонија по прашањето: „Дали сте за Договорот меѓу Република Македонија и Република Бугарија од 1 август 2017 година?“ со одговори ЗА и ПРОТИВ. Со цел, преоценување на Договорот Заев – Борисов, кој е во спротивност со меѓународното право, бидејќи врши флагрантно кршење на суверенитетот и интегритетот на државата: со погрешна примена на Договорот Заев – Борисов се менува идентитетот на македонскиот народ како носител на државноста на државата Македонија! Сите што беа против предлог француската преговарачка рамка (која не е донесена, бидејќи сѐ уште не е одржана прва меѓувладина конференција ЕУ – Македонија, а ќе се одржи доколку Бугарите се инкорпорираат во преамбулата на Уставот на Македонија), која го вклучува Договорот Заев – Борисов од 1 август 2017 година и протоколот со сите идентитетски и историски прашања за спроведување на договорот од 17 јули 2022 година, ќе гласеа ПРОТИВ, во согласност со кампањата од протестите што се водеше со слоганот НЕ, а коалицијата СДСМ – ДУИ не ќе можеше да го бојкотира референдумот (во стилот на слоганот „Некои прашања не заслужуваат одговор“ како за референдумот од 7 ноември 2004 година за територијалната организација на локалната самоуправа), ќе мораа да гласат ЗА и да влијаат за успешноста на референдумот, затоа што самите го склучија договорот на 1 август 2017 година, во кампањата ќе мора да ги правдаат договорот и протоколот и резултатите од нив, кои, за жал, вршат целосна бугаризација на името, јазикот, културата и историјата на македонскиот народ и државата Македонија.

Неуспешен референдум на вакво референдумско прашање „Дали сте за Договорот меѓу Република Македонија и Република Бугарија од 1 август 2017 година?“ ќе беше пораз на Владата, на СДСМ и ДУИ, затоа што не успеале да ја анимираат јавноста за валиден референдум по договор што самите го склучиле, тие ќе мораа да ја потврдат валидноста на договорот и да гласаат ЗА на референдумот!
Епилогот од референдум, какво и да е прашањето, не ја суспендира слободно изразената волја на пратениците да не гласат за измени на Уставот поради инкорпорирање на бугарско малцинство во преамбулата и членот 78! „Етнички Бугари“ во државата Македонија, Албанија и Косово НЕМА! И затоа, неприфатливо е софиски врховисти и колаборационисти како „етнички Бугари“ да бидат инкорпорирани во Уставот на државата Македонија! Тоа внатрешно ќе ја демонтира државноста, затоа што долгорочно ги менува името, јазикот, културата и историјата на македонскиот народ, кој за Софија НЕ ПОСТОИ! За Софија, Македонците се Бугари, македонскиот јазик не постои бидејќи го сметаат за дијалект на бугарскиот јазик, во ЕУ депонираа посебна декларација за непризнавање на македонскиот јазик, нѐ рекламираат за производ на Сталин, Тито, Комунистичката интернационала и Комунистичката партија на Југославија! И таа приказна како неизживеана романса за санстефанска Бугарија од 3 март 1878 година, со злоупотреба на ветото, ја туркаат во Европската Унија! Француската преговарачка рамка ги прифати сите барања на парламентот на Бугарија за Македонија и македонскиот народ!

Може ли со вака формулирано прашање да се блокираат евроинтегративните процеси на Македонија и какви меѓународноправни дејства би предизвикало тоа

Владата води преговори за кои нема легитимитет од народот, од граѓаните, од избирачите, работи спротивно на суверенитетот на државата Македонија, спротивно на одлуките на референдумите од 8 септември 1991 година и 30 септември 2018 година!

Се разбира, неодложно е еднострано раскинување и на Договорот Димитров – Коѕијас од 17 јуни 2018 година и продолжување на членството во ООН под единственото име Македонија. Но, сега, актуелен во односите со ЕУ, извор на сите деформации е Договорот Заев – Борисов! Ако го раскинеме Договорот Заев – Борисов, веднаш и еднострано, поради негова погрешна примена: престанува да важи Договорот Заев – Борисов; престанува важноста на протоколот од 17 јули 2022 година; престанува важноста на преговарачка рамка предложена од францускиот претседател Макрон на 23 јуни 2022 година, коригирана со дополнителните четири услови од бугарското собрание, на 30 јуни 2022 година (меѓу кои и впишување на Бугарите во Уставот на државата Македонија); се распушта меѓувладината комисија за ревизија на македонската историја; престануваат да важат сите записници, протоколи и препораки на меѓувладината македонско-бугарска комисија за ревизија на македонската историја; престануваат да важат заклучоците по француската преговарачка рамка донесена од Собранието на седницата одржана на 16 јули 2022 година; престанува примената на таканаречената „рамковна позиција“ на Софија за почеток на преговорите на Македонија и Албанија со Европската Унија, усвоена од бугарската влада на 9 октомври 2019 година, а потврдена со парламентарна декларација на 10 октомври 2019 година…

Во членот 1 од Договорот Заев – Борисов пишува: „Двете Договорни страни ќе развиваат сестрани односи помеѓу себе во согласност со основните принципи на меѓународното право и добрососедството“, но целиот текст на договорот го суспендира правото на самоопределување и самоидентификација како универзално неотуѓиво, неприкосновено и неотстапно веќе апсолвирано право на Македонскиот народ!
Македонците се за историско македонско-бугарско помирување и за Договор за траен мир и добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија, но врз основниот принцип на меѓународното право на „суверена еднаквост“, што значи: заемно разбирање и почитување, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусебните односи! Што за Бугари во Македонија, истото за Македонците во Бугарија!

Договорот Заев – Борисов може да се раскине веднаш и еднострано, со нота од претседателот или премиерот или министерот за надворешни работи, поради суспензија на домашното и меѓународното право, бидејќи е во спротивност со Виенската конвенција за договорно право од 1969 година. Но од позиција на опозиција може да се проба и пред смена на власта, која поради килавост на опозицијата прашање е кога ќе се случи. Се разбира, по референдумско прашање што го преоценува Договорот Заев – Борисов, но не со почеток на прашањето „Дали се против Договорот…“ или „Дали сте за престанување на Договорот…“ туку „Дали сте за Договорот…“! Затоа што само тоа е прашање што не може да ја наведе власта на бојкот и негативна кампања против договорот што самите го склучиле! Владините коалициски партнери ќе гласат „ЗА“, а сите други „ПРОТИВ“ договорот!