Фото: Маја Јаневска-Илиева

Она што останува како неодговорена дилема по секое одбележување на празниците поврзани со македонската државност е дали може да се пронајде заеднички именител или, пак, како што издвојуваат нашите соговорници, дали имало „најмал заеднички содржател“ во пораките за национално обединување и надминување на поделбите искажани од македонските носечки политички фактори.
Дали политичките опоненти во своите пораки мислат на ист вид обединување, на исти цели? А ако мислат исто, зашто не се случува тоа обединување, туку, напротив, во реалноста поделбите се продлабочуваат?

Имаше ли заеднички именител во празничните пораки од политичарите на државниот празник Денот на револуционерната борба на македонскиот народ?

Со празнувањето на 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, за оваа година се заокружи оној летно-есенски период на одбележување значајни датуми поврзани со градењето на свеста и борбата за создавање на македонската државност – почнувајќи од двата Илиндена на 2 Август (Крушевската Република и АСНОМ), 8 Септември – Денот на независноста, 11 Октомври – Денот на народноослободителното и антифашистичко востание. И за сите овие празници, вклучувајќи го и последниот, беа упатени пригодни мотивирачки пораки од политичарите во Македонија (и од власта и опозицијата), во кои носечка поента е повикот за национално обединување, по примерот на оние од клучните моменти во македонската историја.

Кога ќе ги водиме секојдневните битки во животот заедно, сплотени и единствени, со иста цел?

– Како и пред 130 години, мора да ги надминеме поделбите и да се обединиме така и сега околу заедничката цел – демократска и функционална правна држава со еднакви можности за достоинствен живот и напредок на секој нејзин граѓанин – порача во честитката по повод 23 Октомври, претседателот на државата, Стево Пендаровски.
Секако, честитка со порака за обединување упати и Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, актуелна најголема опозициска партија, која овој датум на кој се одбележува Денот на македонската револуционерна борба го смета и за датум од кој започнува историската традиција на нејзиното постоење.
– Формирањето на МРО, кое подоцна ќе прерасне и во народот ќе остане запаметено како ВМРО е симболот на пркос на Македонецот, воден од желбата за подобро утре… Време е како пред 130 години да се обединиме под знамето на Македонија и да тргнеме напред, да ѝ кажеме не на власта, која нѐ турка надолу, и да го реализираме сонот за просперитетна држава – беше наведено во пораката на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Настојувајќи да даде поширок контекст на значењето на празникот 23 Октомври и претседателот на Собранието, Талат Џафери, во својата празнична порака потсети на „споменот на старите битки што нѐ довеле до тоа што сме сега, нека биде потсетник и наш учител за новите секојдневни битки што ги водиме во животот заедно, сплотени и единствени како граѓани на современа, демократска, напредна и безбедна Република С. Македонија“.
Она што останува како неодговорена дилема по секое одбележување на празниците поврзани со македонската државност е дали може да се пронајде „најмалиот заеднички содржател“ во пораките за национално обединување и надминување на поделбите искажани од македонските носечки политички фактори. Дали политичките опоненти во своите пораки мислат на ист вид обединување, на исти цели? А ако мислат исто, зашто не се случува тоа обединување, туку, напротив, во реалноста поделбите се продлабочуваат?

Пораките за обединување не можат да звучат искрено и убедливо, кога одамна не се случило политичарите во Македонија да застанат во една линија за македонската кауза, и власта и опозицијата

– Навистина, во политиката, полабави се границите за прецизност во изразувањето, особено во одредени важни празнични пригоди. Но, во Македонија, ми се чини дека таа „дозволена лабавост“ во празничното изразување е прерасната до степен на лицемерство, особено кај политичарите што подолго време се на власт. Кај секој граѓанин, кога ќе се слушне како официјален политичар критикува одредени состојби во општеството (на пример, корупција) и повикува на обединување за нивно надминување, спонтано се поставува прашањето: па што работеше ти како официјален политичар на власт досега? Во последниве години, пак, на секое празнување на националните празници се надоврзуваат и расправи за историјата, кои преминуваат во еден гласен наратив што наведува на преиспитување на идентитетот, што никако не смее да се доведува во прашање. Но самото јавно артикулирање на овие теми создава едно трауматско доживување на граѓаните поврзано со националните празници, како тестирање на национално-идентитетската психологија. Можеби како придобивка од овие „тестирања“ е зацврстувањето на идентитетската свест на македонскиот народ, но политичарите не можат да си го припишат тоа како заслуга, иако би се обиделе да го искористат. Што се однесува за пораките за обединување и надминување на поделбите, тие не можат да звучат искрено и убедливо, кога одамна не се случило политичарите во Македонија да застанат во една линија, и власт и опозиција, и да покажат дека барем за тој еден празничен ден успеваат да ги надраснат политичките разлики, во име на тој заеднички национален интерес – вели универзитетскиот професор по социологија Илија Ацески.

Апсурд: Неказнивоста за инкриминираните дела е обединувачки елемент за
политичарите!?

По секое одбележување на државните празници, впечаток е дека се повторуваат истите пораки за обединување, повеќе како некаква апстрактна цел. Таквата, пак, „апстрактност по инерција“ на политичарите, ги наметнува прашањата: колку е реално да се очекува дека длабоко поделеното македонско општество може да се обедини, односно што би било тоа што евентуално би ги сплотило македонските граѓани?
– Празничните пораки и честитки што ги упатуваат политичарите во Македонија се стандардни „веќе слушнати“ поенти, кои ниту се промислени, ниту се реални. Ако им се посвети вистинско внимание (зашто граѓаните речиси и да не ги слушаат таквите пригодни пораки), секако ќе останеме зачудени, кому, на кој народ, на кои граѓани им се обраќаат македонските политичари. Многу често, однесувањето и одлуките што ги носат политичарите на власт се во спротивност со празничните пораки што ги упатуваат, што наведува на сомнеж за биполарност на нивниот политички хабитус и, секако, недоверба кај граѓаните. Поделеноста на општеството произлегува од фактот што сите политички опции имаа шанса да ги покажат своите идеи и реални капацитети за водење на државата, кои главно создадоа разочараност кај граѓаните и расположение во кое не се гледа некоја обединувачка тема. Од друга страна, она што ги „обединува“ политичарите се криминалот и корупцијата, односно постигнување неказнивост за нивно практикување – вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.