Дури и под претпоставка дека поимот „европски вредности“, како и многу други, не е даден еднаш засекогаш, сепак, осцилациите во неговото користење поврзано со Македонија се навистина големи и недозволиви. Ова особено важи кога се работи за елементи од јус когенс на меѓународното право, како што се: правото на самоопределување и интегритет, правото на правна и суверена еднаквост и правото на државен и територијален суверенитет и интегритет, правото на политичка независност, правото на немешање во строга внатрешна надлежност, правото на недерогирање на елементите од правниот субјективитет, правото на недискриминација на државите, правото на заштита на основните човекови поединечни и колективни права и слични егзистенцијални права. А во врска со нашата држава, може да се набројат низа примери каде што ЕУ практикува „недоследности на европските вредности“

КАДЕ Е МАКЕДОНИЈА ВО КОНЦЕПТОТ НА КОЈ СЕ ТЕМЕЛИ ЕВРОПСКАТА УНИЈА

По интензивирањето на дијалогот помеѓу Македонија и Бугарија заради, како што беше речено, враќање на довербата и надминување на разликите меѓу двете земји и изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дека очекува разговорите да бидат во духот на европските вредности, а „со почитување на двете држави и на достоинството на нивните граѓани“, се наметна прашањето за опсегот и значењето на поимот „европски вредности“.
Тоа особено важи поради впечатокот дека, и покрај тврдењата за универзалноста на овој поим, тој досега се покажал како мошне еластичен материјал, кој се обликува по желба на посилниот, особено во случајот при евроинтегративниот процес на Македонија. Дури и под претпоставка дека поимот „европски вредности“, како и многу други, не е даден еднаш засекогаш, сепак, осцилациите во неговото користење поврзано со Македонија се навистина големи и недозволиви. Ова особено важи кога се работи за елементи од јус когенс на меѓународното право, како што се: правото на самоопределување и интегритет, правото на правна и суверена еднаквост и правото на државен и територијален суверенитет и интегритет, правото на политичка независност, правото на немешање во строга внатрешна надлежност, правото на недерогирање на елементите од правниот субјективитет, правото на недискриминација на државите, правото на заштита на основните човекови поединечни и колективни права и слични егзистенцијални права. А во врска со нашата држава, може да се набројат низа примери каде што ЕУ практикува „недоследности на европските вредности“.

Некој во ЕУ ја утнал некаде патеката, особено во случајот на Македонија

Ако се тргне од почетната, визионерска идеја за Европската Унија „втемелена врз неделивите, универзални вредности на човечкото достоинство, слобода, еднаквост и солидарност, врз начелата на демократијата и владеењето на правото…“ и ако се има предвид дека „Унијата придонесува за зачувувањето и развојот на овие заеднички вредности, притоа почитувајќи ја разноликоста на културите и традициите на народите на Европа, како и националните идентитети на земјите-членки…“, како што се наведува во Повелбата за основните права во Европската Унија, тогаш, според многумина, некој во Унијата ја утнал некаде патеката, и тоа не само во случајот на Македонија.
– Вистина е дека ЕУ обично се смета за заедница што почива на вредности и на право, но и во нејзиниот случај може да се види разликата меѓу нормативното (вредносното/декларативното) и стварното (она што е). Кога станува збор за нашето чувство на онеправданост и на примена на двојни стандарди, дел од проблемот е во нашата идеализирана претстава за ЕУ. Тоа е Унија што се заснова на интереси (првенствено корпоративни и бизнис-интереси, па и геополитички), а дури потоа на вредности. Тие вредности главно се однесуваат на нејзините граѓани, а не на оние во трети држави. Во последно време, дури и нејзините граѓани (главно Ромите и други од одредени националности или малцински и класни групи) се предмет на дискриминација, па му се обраќаат на Судот во Стразбур (а не на тој во Луксембург). Наместо очекување ЕУ да се држи до критериумите што им ги наметнува на кандидатките, додека некои од нејзините членки се далеку од нивното исполнување, ние треба да научиме дека треба да ги браниме сопствените национални интереси и да не живееме во илузии. Како геополитички актер, ЕУ користи политика на двојни стандарди и се солидаризира со своите членки, а не со оние што се послаби, надвор од неа и не баш од големо значење. Тоа беше случај во односите со Грција, а сега и со Бугарија – објасни универзитетската професорка Билјана Ванковска.

Словенија признава дека во ЕУ има двојни аршини и дека ќе се бори против тоа

Слични критики сѐ почесто може да се слушнат и од самата ЕУ. Јанез Јанша, премиер на Словенија, која е членка на Европската Унија, неодамна рече дека неговата земја ќе се бори против двојните аршини во Европската Унија.
– Знаеме што работи, а што не, знаеме дека двојните аршини се патот до распаѓање и ќе се бориме за еднакви правила за сите – нагласи Јанша.
Дека ЕУ не го испорачува она што се очекува од неа констатираа пред некој ден и коизвестувачите за постмониторинг-дијалог со Македонија при Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ). Во нивниот последен извештај се вели дека „и покрај позитивниот сигнал добиен од Европската Унија во 2020 година, разочарувачки е што ЕУ досега не ги исполни ветувањата и сè уште не успеа да ги отвори пристапните преговори со С Македонија“.
А помеѓу ветеното и реализираното, идеите на Европската Унија и нивното спроведување, како што е познато, стои администрацијата на Унијата, која, како што многупати досега е пишувано, освен што е гломазна, скапа, затворена во себе, расипничка и, како и секоја друга, неотпорна на корупцијата, упорно применува двојни стандарди во политиките што ги реализира, пред сѐ кон земјите што претендираат да станат нејзини членки. Администрацијата во Брисел, според некои видувања, можеби и има желба, но дефинитивно нема идеја како да ги усогласи и да ги спроведе стандардите и принципите за кои се залага, особено кога станува збор за интегрирањето на земјите од Западен Балкан во Унијата.

– Тие признаваат дека работите не одат добро во процесот на пристапување на Балканот. За жал, тие не знаат што да прават во врска со тоа. Србија и Црна Гора денес не се поблиску до пристапување отколку пред пет години. Косово и Босна ги нема никаде. И дури и ако на Албанија и Северна Македонија конечно им се дозволи да отворат разговори, по години на неправедна опструкција, тие ќе страдаат од нефункционален процес, без реална цел на повидок. Доколку не се промени ова, а би требало брзо да се стори, стабилноста на регионот останува во опасност – изјави за ТВ Нова Гералд Кнаус од Европската иницијатива за стабилност.
Кога на сето тоа ќе се придодадат веќе видените тешкотии со меѓусебните усогласувања на членките на Унијата по разни основи, како и длабоко вкопаната позиција на бугарските власти во однос на можноста на надминување на спорот што ѝ го наметнаа на Македонија, барем во овој момент, е неблагодарно да се даваат какви било прогнози за македонската европерспектива. Д.М.М.