Фото: Игор Бансколиев

Констатацијата дека Бугарија дрско и грубо гази врз принципите на меѓународното право не ја делат само домашните правни експерти, туку на истото тоа со години укажуваат и голем број европски тела и органи, како и невладини организации чија специјалност е токму следењето на состојбите во сегментот на правото. Оттаму е неопходно да се преземат конкретни мерки со кои целосно ќе се разобличи ваквата бугарска пропаганда и истовремено пред меѓународната заедница ќе се предочат вистинските факти. Или, со други зборови, против политиката на сила, која ја применува Софија, треба да се одговори единствено со силата на правните аргументи и меѓународното право, кои се на страната на Македонија

ПРОТИВ ПОЛИТИКАТА НА СИЛА ОД СОФИЈА ТРЕБА ДА СЕ ОДГОВОРИ ЕДИНСТВЕНО СО СИЛАТА НА ПРАВНИТЕ АРГУМЕНТИ

Последната реакција на здружението на Македонците во Бугарија, во која се вели дека за 10 дена Бугарија успеала да деградира и да дискриминира четири народи, три земји и милиони граѓани од Македонија, Србија и од Грција предизвика лавина одгласи во домашната, но и во пошироката јавноста, и истовремено наметна и куп прашања како да се застане на патот на ваквата политика на Софија, која се коси со принципите на меѓународното право.
ОМО „Илинден“ – Пирин во објава на социјалните мрежи сподели неколку вести за, како што велат, „добрососедската земја“ Бугарија и како таа гради „добрососедски односи“ со балканските држави. Па така, како примери за „бугарското добрососедство“ се наведува палењето знамиња на Албанија и Македонија, провокациите и инцидент со локалното албанско население во Скопје, бугарските извици на трибините со кои им посакува смрт на Албанците, навредите дека Македонија е бугарска земја, провокациите по повод одбележувањето на Илинден, негирањето на македонската историја, искажаните територијални претензии кон Македонија итн.
– Во присуство на највисокото претставништво на државата, јавно на ТВ, со тешка дискриминаторна реторика, јавно искажани територијални претензии кон Македонија и нималку добрососедски став го одбележаа Илинден како празник на бугарското востание, па и манипулирајќи го името со нивната измислица за некакво си илинденско-преображенско востание и претставувајќи го како востание на Бугарите. Нивната политика на дискриминација потоа ја свртеа кон Србија, на која исто така ѝ го дискриминираат српското малцинство во Бугарија и го декларираат како непостојно, на што веднаш добија одговор од Ивица Дачиќ дека и бугарското малцинство, кое изнесува само 0,29 отсто во Србија, нема да биде признаено. За пред неколку дена во градот Кавала, 35-годишен Бугарин да го отстрани грчкото знаме од јарбол и да постави бугарско извикувајќи: „Тоа е Бугарија!“ Генерации растени со лаги и фабрикувана историја многу лесно се манипулираат – се вели во реакцијата на ОМО „Илинден“ – Пирин.

БУГАРИЈА ЛИДЕР ВО ЕУ ЗА НЕПОЧИТУВАЊЕ НА ПРАВОТО

И покрај тоа што со ваквата нивна политика се деградираат и се дискриминираат четири народи, три земји и милиони граѓани, несомнено дека токму Македонија е најпогодена и трпи најголеми последици од ваквата бугарска политика на дискриминација и негација на сѐ што е македонско. Затоа е неопходно да се преземат конкретни мерки со кои целосно ќе се разобличи ваквата бугарска пропаганда и истовремено пред меѓународната заедница ќе се предочат вистинските факти. Со други зборови, против политиката на сила, која ја применува Софија, треба да се одговори единствено со силата на правните аргументи и меѓународното право, кои се страна на Македонија. Зашто досегашната наша политика на премолчување, попустливост и сервилност не дава резултати, туку уште повеќе ги разгорува тој бугарски антагонизам и историски нагон за асимилација на Македонија, тврдат правните експерти и познавачи на меѓународното право.
Тие предлагаат многубројните прекршувања на меѓународното право, кои Бугарија ги има направено кон Македонија, да се соберат на куп и да ѝ се предочат на јавноста.
– Идејата е целосно на место и тоа треба да го направи македонското министерство за надворешни работи. Токму МНР треба да направи една таква Бела книга, ако сака да го заштити идентитетот на македонскиот народ и на државата – велат правниците со кои се консултира нашиот весник за идејата, додавајќи дека ако МНР не може, тогаш треба да се ангажира една реномирана и влијателна странска експертска институција, која објективно, аргументирано и детално ќе ја напише книгата, ќе ја промовира и ќе ја застапува пред меѓународните фактори и институции.
Притоа тие посочуваат и редица клучни правни докази што треба да влезат во таа Бела книга – или поточно црна листа на бугарското газење врз меѓународното право. За ова има толку многу материјал што, веројатно, цел серијал бели книги или енциклопедии против Бугарија може да се подготват.
Констатацијата дека Бугарија гази врз принципите на меѓународното право не ја делат само домашните правни експерти, туку на истото тоа укажуваат и голем број европски тела и органи, како и невладини организации чија специјалност е токму следењето на состојбите во сегментот на правото. Според сите досегашни рангирања, Бугарија останува на врвот на листата земји-членки на Советот на Европа според бројот на неспроведени одлуки на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), што е дополнителна потврда дека официјална Софија целосно го игнорира меѓународното право, со што ја девалвира и самата ЕУ. Бугарија упорно одбива да спроведе 16 пресуди на Европскиот суд за човекови права во врска со регистрацијата на македонските здруженија во оваа земја, со што бројката на случаи во кои Советот на Европа го вперува прстот кон Софија за непочитување на пресудите на Европскиот суд за човекови права се искачи на вкупно 182. Самото наведување и предочување на оваа огромна бројка пресуди против Бугарија е веројатно доволно да се наполни цела Бела книга за бугарскиот правен јавашлак, без да се земат предвид и други примери и случаи, кои ги има безброј, согласни се експертите.
– Почитувањето на судските одлуки е од суштинско значење за владеењето на правото. Низ цела Европа, Конвенцијата за човекови права ги смени на подобро животите на луѓето, но за да продолжи позитивниот импакт, земјите-членки на Советот на Европа мора да покажат политичка волја и целосно и доследно да ги спроведат пресудите – вели генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ.
За Бугарија изгледа ова не важи, а Европа и понатаму е премногу толерантна и попустлива кон ваквото бугарско поведение, кое е на директна штета на угледот и на самата Унија.
Толерирањето на таквите дејства што ги прави Бугарија, со грубо прекршување на меѓународното право, може да доведе до ситуација една мала држава како Македонија и нејзиниот народ да се соочат со предизвикот да бидат збришани од светската мапа на посебност како народ, идентитет, јазик, историја, култура, јазик и сѐ што значи идентитетско обележје на еден народ.
– Затоа најдобар и единствен начин Македонија да им се спротивстави на бугарските уцени е повикување на меѓународното право, но и евидентирање и документирање на сите досегашни случаи на негово прекршување од страна на Бугарија. Почитувањето на правните норми и стандарди и враќањето на меѓународното право на пиедесталот на вредностите во општеството мора да биде императив за човештвото денес, во спротивно единствениот норматив по кој ќе се уредува светот ќе биде силата, а тоа е вовед во хаос и анархија – констатираат правните експерти.

ПРАВЕН СПОР ПРЕД МЕЃУНАРОДНИТЕ СУДОВИ

Дека има простор не само за Бела книга против Бугарија поради нејзините многубројни прекршувања на меѓународното право, туку и за многу повеќе од тоа, согласни се и реномирани европски невладини организации.
Германската невладина организација „Џаст аксес“, која е специјализирана за меѓународни правни спорови и заштита на човековите права, смета дека Бугарија ги злоупотребува ЕУ и меѓународните правни правила и смета дека Македонија би можела да поведе правен спор пред меѓународните судови поради тоа.
Во нивната опсежна анализа насловена „Негиран пристап до ЕУ и правдата“, која е посветена токму на бугарските прекршувања на меѓународното право и уцените кон Македонија, се вели дека односот на Бугарија кон Македонија претставува неразумно и штетно кршење на меѓународното право.
– Тврдењата на Бугарија се политички мотивирани со цел да извршат притисок врз нејзиниот сосед во клучен момент од нејзината историја. Ставот и постапките на Бугарија кон Македонија претставуваат форма на уцена со цел таа да се принуди да ги модифицира клучните елементи на нејзиниот идентитет и култура, што само по себе може да претставува кршење на клучните меѓународни правни принципи, особено принципите на самоопределување и на начелото на интервенција во внатрешните работи на другите држави – се вели во анализата. Во неа се наведени и редица други примери за тоа како Бугарија го крши Договорот за пријателство, потоа нејзиното насилно однесување на штета на македонското малцинство итн.
И оваа анализа е голем и силен аргумент што може да најде место во таканаречената Бела книга што Македонија би ја изготвила во однос на сите бугарски прекршувања на меѓународното право.
Во белата книга, секако, мора да има место и за сите досегашни бугарски провокации и јасно искажани територијални претензии кон Македонија, кои доаѓаат од највисоките бугарски политички кругови. Затоа наместо секојдневни политички препукувања во однос на (не)потребата од уставни измени, многу подобро е Македонија веднаш да пристапи кон изготвување Бела книга за бугарските прекршувања на меѓународното право.
Со тоа документирано и фактографски ќе дадеме цврсти докази пред светот за досегашното бугарско поведение и македонското трпение. Па светот и Европа нека оценат кој е за прогресивна Европа, а кој за враќање на сеништата од минатото и на соништата за санстефанска Бугарија.


Светски и домашни искуства со т.н. Бела книга на факти

Практиката на објавување таканаречени бели книги е широко распространета во светот.
Големите држави или одделни нивни министерства и органи често практикуваат да објавуваат опширни извештаи, насловени Бела книга, за различни геостратегиски прашања, кои сметаат дека се од нивен поширок интерес.
И тоа е пракса и во мирновременски и во воени услови. И Македонија има искуство со објавување Бели книги.
Така, на пример, по конфликтот во 2001 година беше објавена Бела книга за тероризмот на ОНА со хронологија на сите настани. Книгата содржи список на загинатите и повредените припадници на полицијата во времето на оружените дејства, список на загинатите и на повредените старешини и војници на АРМ, список на убиените и повредените цивили во терористичките напади на ОНА, список на физички нападнатите и измачувани граѓани од страна на припадниците на ОНА, како и список на киднапираните лица од ОНА. Таа содржи и преглед на терористичките напади и провокации на ОНА, поголем број фотографии од кои се гледаат криминалните дела на ОНА, како и 11 кривични пријави против раководните лица на ОНА поднесени од страна на МВР. Белата книга е издадена со цел доказите за злосторствата на ОНА да им се стават на располагање на телата и органите на меѓународната заедница. Бела книга има објавено и Министерството за одбрана пред неколку години, во која се наведени постигнувањата во одбраната, долгорочните развојни цели на одбраната и потребите за ресурси, како и визијата за натамошен развој на одбраната. Дали можеби сега е најдобар момент за Бела книга и од МНР или заедно во копродукција со Министерството за правда во однос на прекршувањата на меѓународното право од страна на Бугарија и последиците што ги трпи Македонија?