Бугарската држава работеше – македонските власти спиеја

Резултатите од пописот се примени со изненадување во Македонија, но не се неочекувани за Бугарија и Албанија. Бугарската држава искачи сто планини и преплива сто мориња за да стигне речиси до секој Македонец албански државјанин и на разни начини да го асимилира. Македонските власти на тие бугарски напори гледаа незаинтересирано, лежерно и отсутно

Зошто голем број Македонци во Албанија се попишаа како Бугари

Панде Колемишевски

Не треба да се наведуваат многу примери за да се потврди катастрофалната надворешна политика што ја водеше владата на Социјалдемократскиот сојуз во коалиција со Демократската унија за интеграција (ДУИ). По силните, зашеметувачки удари што ги претрпе во односите со Грција и Бугарија, на ред дојде и жешката шлаканица што македонската држава и дипломатија ја добија од соседна Албанија. Таму, откако е формирана државата Албанија во 1912 година, во пописот одржан минатата година, за првпат се попишани Бугарите како национално малцинство. И тоа не мало.
Во сите досегашни 11 спроведени пописи ниту еден жител на Албанија не се изјаснил како Бугарин. Таму отсекогаш имало Македонци – никогаш Бугари. Но ако и натаму спие Република Северна Македонија, утре – задутре, ќе има само Бугари, ќе нема Македонци. Знаејќи ја бугарската офанзива кон Албанија отворено стои прашањето дали ќе се зачува македонскиот идентитет или ќе биде присвоен, асимилиран и згаснат како што е во Грција и во Пиринска Македонија.

Што бараше Бугарија од албанската држава

Резултатите од пописот се примени со изненадување во Македонија, но не се неочекувани за Бугарија и Албанија. Бугарската држава искачи сто планини и преплива сто мориња за да стигне речиси до секој Македонец албански државјанин и на разни начини да го асимилира. Македонските власти на тие бугарски напори гледаа незаинтересирано, лежерно и отсутно.
Во јавноста во Македонија малку се знае дека Декларацијата што Народното собрание на Бугарија ја усвои на 10 октомври 2019 се однесува на Македонија и на Албанија. Кон овие две земји Декларацијата е упатена како еден заеднички текст. Во неа за унапредување на односите на Македонија ѝ се посветени 99 отсто услови и уцени, на Албанија ѝ е поставен само еден. Тој документ е всушност „црниот список“ на кој се наведени условите што треба да ги исполни Македонија за да почнат преговорите со ЕУ, но не и како гаранција за нејзин прием во Унијата. За потсетување, во него, меѓу другото, е назначено дека Бугарија никогаш нема да прифати постоење на македонски јазик или на самостојна македонска историја пред 1944 година. „Ниту еден документ во процесот на пристапување не може да се сфати како признание од бугарска страна за постоењето на т.н. ‘македонски јазик’ различен од бугарскиот“ – пишува во Декларацијата.
Но и оној еден единствен услов упатен од Бугарија кон Албанија има врска со Македонија и Македонците.
Имено, преку Декларацијата се бара од Албанија навремено за го спроведе законот за малцинства, а во таа смисла, „да се ​​гарантира во целост правото на бугарското национално малцинство да го изучува литературниот бугарски јазик како мајчин јазик во регионите што ги населуваат традиционално, како што се Голо Брдо, Гора, Преспа, Корча, Кукс, Елбасан, Поградец и на други места на територијата на Република Албанија, каде што живеат во моментот; Спроведување попис на населението во согласност со највисоките европски стандарди“.
Тие беа налозите што Албанија треба да ги исполни за да добие поддршка од Бугарија за нејзината интеграција во Европа. Како што може да се забележи тоа се истите региони што Македонија и македонската држава ги смета за локалитети населени со Македонци, не со Бугари.

Побарано – добиено

Бугарските власти тоа што го напишаа го остварија, тоа што го побараа го добија. Со државна дипломатија, со ангажман на институции, со пари, дел со принуда, но секако со голема ангажираност, посветеност и финансиски вложувања ги постигнаа своите цели и на отворена сцена ја понижија неспособната македонска држава.
За разлика од македонските власти, кои спиеја на едно уво и додека министерот за надворешни работи Бујар Османи повеќе се грижеше за Косово одошто за Македонија, бугарската држава преку официјални лица, преку агентури и преку наводни невладини организации изврши своевидна успешна асимилација на Македонците во пределите каде што живеат со векови.
Една мала хронологија ќе ни покаже дека околу прашањето за пописот беа ангажирани и највисоките власти. Претседателот Румен Радев, лани, на средбата со својот албански колега Илир Мета рече дека остварувањето на правата на бугарското малцинство во Албанија е еден од нивните основни критериуми за поддршка на албанскиот европскиот пат. Подоцна, при посетата на министерот за надворешни работи на Албанија, Гент Цакај, во Софија, заменичката на Радев, Илијана Јотова, наведе дека е убедена дека албанската држава ќе ги вложи сите напори да нема притисок врз малцинствата да ја кажат својата бугарска етничка припадност. Истата Јотова не жалеше пари, волја и сила да ги посети Голо Брдо и Големо Острени за да отвори бугарско училиште и да се запознае со подготовките на пописот што ќе го спроведува албанската влада. Бугарската потпретседателка промовираше книга и ги запознаваше тамошните жители со начинот на спроведувањето на пописот.
Во овој контекст треба да се потсети дека албанската влада во 2017 година го има признаено официјално постоењето на бугарското малцинство на својата територија, посебно во регионот на Мала Преспа, Голо Брдо, Гора и околу градот Корча. Тој податок не е за чудење ако се знае дека во последните дваесет години голем број лица од споменатите краишта, освен албански и македонски пасоши, земаат и бугарско државјанство за да можат полесно да најдат работа во некоја европска земја. Најголем број од нив својот економски и социјален спас најчесто го бараат во Грција, прва соседна земја, но не е мал бројот на оние што се иселиле во Италија и во Америка.

Точни или претерани бројки

Бугарски демографи и новинари бројот на Бугарите во Албанија го формираат во рамките од 50 до 170 илјади, исто толку колку што се и претераните бројки што ги спомнуваат и некои македонски квазиистражувачи. Според пописите од 1950 до 2011 година бројот на албански граѓани што се изјаснувале како Македонци се движи од 2,5 до 5, 5 илјади. Вистинскиот број на Македонците никогаш не бил утврден или официјално објавен. Иако Албанија уште пред децении признава дека постои македонско малцинство, нивниот долгогодишен водач Енвер Хоџа знаел да рече дека „во Албанија има Македонци колку во една поголема задруга…“.
Најголемиот дел од Македонците во Албанија живеат во областите Мала Преспа, Голо Брдо и во Гора. Во Преспа се 10 села со центар и општина Пустец (Ликенас е официјалното име), во повеќе села во Голо Брдо, во областа Гора живеат Македонци муслимани, а неколку села се и во општината Девол. Мала Преспа се граничи со Грција и Македонија, Голо Брдо е голем појас што ги дели Албанија и Македонија од Струшко до Дебарско и погоре.
Колку за куриозитет и за интересност на текстот вреди да се каже дека скопско Дебар Маало во најголем дел е населено од луѓе што се доселиле токму од Голо Брдо, тие на почетокот на 20 век биле основачи на денес популарното скопско маало. Таква, таканаречена, Дебарска Маала има и во Тирана, но не толку популарна како скопската каде што повеќе од сто години се одвива дел од градскиот живот.

Сегашната граница е стара сто години

За работите да станат појасни да се послужиме со кратки податоци од историјата засновани на постојни документи.
По формирањето на албанската држава во 1912 година, по потпишувањето на Букурешкиот договор во 1913 кога е поделена тогашната турска провинција Македонија, прашањето за границата се решавало меѓу Србија, Грција и Бугарија, при што се внимавало да бидат испочитувани интересите на Албанија. Конечната распределба била во 1924 – 1925 кога според меѓународен договор областите Горица и Преспа ѝ биле дадени на Албанија. При тие историски околности голем број Преспанци ја напуштиле Албанија и се населиле во Македонија – главно во Ресен, во кавадаречки и неготински села, каде што денес живеат нивните потомци.
Во првичните решенија на Албанија ѝ припаднал и манастирот „Свети Наум“, кој сто години бил под јурисдикција на Власите од блиското Москополе. Но српската влада, по долги преговори го вратила во границите на тогашна кралска Југославија во 1926 година. Спорот за границата и манастирот траел повеќе од десет години, речиси секоја година се држел некој состанок на меѓународната заедница со точка за разгледување на ова прашање.
Во тие спорови, во битката за добивање територија и јурисдикција врз манастирот во ниту еден балкански или европски документ, воен или цивилен, не се спомнува интерес на Бугарија за ова високоценето светилиште на Охридската архиепископија.

Меѓун. Терор и раселување

По завршувањето на Втората светска војна во периодот од 1944 до 1948 година, кога Албанија имала добри односи со ФНРЈ, македонското малцинство било признаено. Исто како и во Пиринска Македонија, така и во Албанија биле отворани училишта каде што се учело на македонски јазик до четврто одделение. Меѓутоа, по Резолуцијата на Информбирото, Македонците во Албанија ја изгубија културната автономија. На малцинствата им биле одземени сите права. Дел од Македонците биле малтретирани, прогласувани за шпиони и соработници на Југославија, добивале долги затворски казни. Македонците биле лишени од основните човекови права. Тие не смееле да го напуштат местото каде што живееле без одобрување на локалната полиција, но голем дел бил раселуван од огништето и населуван во подалечни села и градови. Се вршела страшна, брутална контрола од страна на полицијата. Тие немале право на вероисповед, ниту можеле да изберат место каде што можат да живеат.
Границата меѓу Југославија (Македонија) и Албанија беше една од најзатворените граници во Европа. Сето тоа се промени по смртта на Енвер Хоџа, по падот на суровиот комунистички систем кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век. Во 1990 година Албанија се отвори кон светот, а македонското малцинство започна да излегува од изолација. Македонците, најмногу преку граничниот премин кај Стење, навалија кон Македонија, во месноста Царина беше организиран државен прифатен центар. Се обновија контактите со роднините во татковината Македонија. Многумина се населија во Ресен, а оттаму во Битола, Скопје, Америка и во други земји.

Бугарија и Албанија – можни соседи?

Кога во 1961 година Албанија излегуваше од членството во Варшавскиот договор го задржа билатералниот договор со НР Бугарија за заемна помош и соработка. Во тој договор, кој до ден-денес не е анулиран, границите меѓу Албанија и Бугарија би се допирале.
Се поставува прашањето дали офанзивната бугарска кампања за оспорување на Македонците како нација, а со тоа и на Македонија како нивна држава, има цел, во крајна линија, Бугарија и Албанија да бидат соседи, да се допираат граничните линии меѓу двете држави? Таа надеж можеби постои во некои скриени намери на двете држави, кои би искористиле некој наметнат проблематичен спор или судир на македонска територија.

[email protected]