Во последниот период на европските притисоци се надоврзаа и САД, кои барем досега како наш стратегиски партнер се држеа некако настрана и работите во најголем дел му ги препуштаа на Брисел. Сега се чини дека и Вашингтон го менува пристапот и станува подиректен. Американскиот сенатор Крис Марфи, за време на неодамнешната посета на Скопје, предупреди дека неспроведувањето на измените во Уставот ќе се одрази на односите помеѓу САД и Македонија
Oд ден на ден продолжува да се интензивира притисокот врз Македонија што поскоро таа да ги направи уставните измени и да ги внесе Бугарите во Уставот, а како што се стеснува временската рамка во која треба да се случи целата уставна процедура, така и реториката на меѓународните претставници станува сè поостра и подиректна, па притисокот почнува да добива и друга форма и облик.
Вашингтон станува подиректен
Претставниците на Европската Унија веќе цела година континуирано ја повторуваат мантрата „уставни измени“, без прецизно да кажат дали тоа ќе биде последниот услов за продолжување на македонските евроинтеграции, а уште помалку дали постои некаква реална временска рамка кога земјава би можела да стане дел од европското семејство.
Во последниот период на европските притисоци се надоврзаа и САД, кои барем досега како наш стратегиски партнер се држеа некако настрана и работите во најголем дел му ги препуштаа на Брисел. Сега се чини дека и Вашингтон го менува пристапот и станува подиректен.
Американскиот сенатор Крис Марфи, за време на неодамнешната посета на Скопје, предупреди дека неспроведувањето на измените во Уставот ќе се одрази врз односите помеѓу САД и Македонија.
– Сакам да бидам јасен за влијанието врз односите со САД ако С. Македонија избере друг пат, ако се реши против уставни измени, ако заталка од патот кон ЕУ. Тоа би било загрижувачки за една членка на НАТО, земја за која се обврзавме дека ќе ја браниме врз основа на заедничките вредности. Се надеваме дека вашиот избор безбедносно да се приклучите во НАТО ќе се дополни со слична одлука да ѝ се приклучите на ЕУ – рече Марфи.
Многу прецизна во толкувањето на пораката на сенаторот Марфи беше американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер.
– Сметам дека неговата порака е важна, дека доколку тешките одлуки за напредување во евроатлантските интеграции не се направат до крајот на годинава, сигурно ќе има луѓе во САД, во Белата куќа, во Капитол… што ќе се прашуваат колкава е посветеноста на вашата земја во однос на евроатлантските интеграции и европскиот пат. Затоа нема потреба од толкување на неговата изјава, верувам дека беше многу јасен – одговори Агелер.
Динамизирани пораки и обраќања, со нови форми и облици
Соговорниците со кои се консултиравме сметаат дека притисоците врз земјава не само што се засилуваат туку веќе во нив може да се препознае и сосема подруг пристап.
Универзитетскиот професор, филозоф и публицист Ферид Мухиќ во пораката упатена од сенаторот Марфи препознава форма на притисок и не исклучува можност да има некакви помали реперкусии врз односите меѓу двете земји ако не се спроведат уставните измени.
– Несомнено пораката на американскиот сенатор може да значи некакво загрозување на американско-македонските односи ако не ги направиме уставните измени. Одредени импликации ќе има, ако не санкции, тогаш секако некои мерки, промена на ставови, некои проекти и олеснувања би можело да бидат стопирани или одложени, едноставно така оди тоа. Нормално дека е ова притисок бидејќи од нас сè се бара и ќе продолжат да ни бараат. Тие можат сè да бараат, да прифатиме и дека сме Бугари и дека јазикот ни е бугарски и тоа е услов за влез во ЕУ, а кој не го прифаќа тоа, значи е против Европа и не сака да влезе во Унијата. Не е влегувањето „карт бланш“, ќе направам сè што сакате, само за да влезам. Не може тоа така, треба да ги гледаме и сопствените интереси – вели Мухиќ.
За него целата оваа ситуација со меѓународните притисоци е предвидлива работа што корените ги влече уште од потпишувањето на спогодбата од Нивици.
– Сето ова е предвидливо уште од потпишувањето на договорот од Нивици, за кој исто така беше нејасно зошто требаше да се менува името за да се влезе во НАТО. Што има НАТО од тоа? Статусот наш во НАТО ќе беше ист како сега, а тоа значи статус на вазал. Нашиве политичари велат дека ние сме рамноправна членка, но тоа е далеку од вистината, ние не сме рамноправна членка бидејќи за ништо не решаваме, туку другите решаваат за нас. Ние сакаме тенковска единица, тие ќе ни кажат не може. Ќе посакаме пет авиони, повторно ќе ни кажат не може, тие ќе нè штителе. Па сето тоа можевме да го постигнеме и без да го менуваме името, да си останеше Република Македонија. Целата работа беше само да се задоволи еден член на НАТО, а тоа е Грција. Сега ЕУ бара да ги задоволиме барањата на Бугарија. Тоа е логика на апсолутна уцена – истакнува Мухиќ.
Хајредини: Нема да има последица по американско- македонските односи ако Бугарите не бидат внесени во Уставот
Уште поостар наш соговорник во оцената на настапот на американскиот сенатор Марфи е поранешниот гувернер на Народната банка на Македонија Петар Гошев.
– Ова е класичен притисок. Не може со заплашување да се туркаат работите. Се работи за крајно безобѕирна изјава. Се знае која е ориентацијата на нашата земја, тука нема дилеми. Нека даде таква изјава Марфи кон Бугарија или, пак, кон Грција. Светот нема да ги сака така, можеби ќе им се плаши, но секако нема да ги сака – истакнува Гошев.
Според него, за целото негово долгогодишно искуство во политиката ова е една од најнекоректните изјави што доаѓа од американска страна.
– Не ми се допадна тоа што го слушнав и сметам дека тоа е една од најнекоректните изјави. Сум разговарал со многу американски амбасадори, уште од 1990 година, никој не се истрчувал со такви арогантни изјави. Нашле каде што е тенко да притиснат, а од друга страна говорат за вредности. Многу е лицемерно сето тоа – заклучува Гошев.
Поранешниот министер за финансии и коментатор на политичките збиднувања во земјава, Џевдет Хајредини, лично не верува дека изјавите на сенаторот Марфи имаат некаква реална основа, а уште помалку дека ќе се остварат.
– Нема да се случи тоа, сигурно – коментира кратко Хајредини, осврнувајќи се на потенцијалните проблеми што би настанале во американско-македонските односи ако Бугарите не бидат внесени во Уставот.