Фото: Игор Бансколиев

Во Македонија подолго време е во подготовка политичкоправна инфраструктура за креирање различен карактер на државата од сегашниот

Основните карактеристики на нашата унитарна или проста држава се: единствен устав и единствен законодавен дом, единствена централна власт, единиците на локалната самоуправа не се суверени, туку потчинети на централната власт, на државен план, централната власт ја води меѓународната политика, постојат единствени вооружени сили, единствен судски систем, единствен економски систем и валута… Но она што одамна, по оружениот конфликт во 2001 година, се сакаше да се направи со брутална воена сила, со години оттогаш помалку или повеќе забележливо, се турка низ различни иницијативи, пишани и непишани правила, востановена практика, новосоздадени процедури, измени и дополнувања на закони итн., со што се обликува политичкоправна инфраструктура за разбивање на унитарниот карактер на Македонија. И сегашната, а и некои досегашни иницијативи при отвoрање на Уставот, секако за разлика од предизвиканата војна, овој пат низ легални форми и методи се насочени кон разбивање на Македонија онаква каква што ја познаваме

Министерот за правда Кренар Лога неодамна во јавноста се пофали со новиот извод од матичната книга на родените, во кој, и покрај сите забелешки и предупредувања дека е во спротивност со сите европски и меѓународни практики, сепак додаде графа за националност, во која наведува дека е „Албанец“.
Претходно некои од албанските партии во земјава најавија дека ќе инсистираат на бришење на терминот „20 отсто“ од Уставот околу употребата на албанскиот јазик, така што и ова барање веќе е на маса и прашање е само кога ќе биде реализирано.
Во контекст на случувањата на терен, но и најавите што доаѓаат од албански политичари од Албанија, се удираат институционалните темели на посебна албанска држава во Македонија, што треба да значи заокружување на процесот на создавање „голема Албанија“ и конечно затворање на албанското прашање во регионот со припојување делови од Македонија, Црна Гора, Србија и од Грција во кои живее албанско население.
Она што во последно време е евидентно во земјава е дека се прави политичкоправна инфраструктура за разбивање на унитарниот карактер на Македонија, а според консултациите со повеќе соговорници, сето тоа оди во насока на дисолуција на Македонија, што е исклучително сериозно, како што велат, и „во насока на создавање нова албанска држава“!?
Политичката инфраструктура е веќе воспоставена уште пред 30 години, кога сите политички партии формирани од Албанците во земјава имаа етнички предзнак и, што е најважно за нив, исклучиво етничка агенда на линија на сеалбанско обединување. Во ниту една партија формирана од Албанците во земјава нема идеолошки предзнак, туку исклучиво етнички обележја и наративи во кои се зборува само за правата и придобивките за Албанците, но не и за другите граѓани што живеат во државата.

Правната инфраструктура вистински почна да се воспоставува со потпишувањето на рамковниот договор, кога стана повеќе од јасно дека тој договор потпишан во Охрид никогаш нема да има рамка кога станува збор за барањата на Албанците и тоа се потврдува во пракса. Под притисок на албанското малцинство во земјава беше донесен Законот за територијална поделба онака како што нему му одговараше, под притисоци и закани беа носени и законите за употреба на знамињата со што знаме на туѓа држава стана етнички симбол во Македонија и се вее на територијата на половина држава, така беа носени и сите други закони, Законот за употреба на јазиците, за лична карта, за државјанствата и сега промената на изводите со додавање на графата за националност. Ако на тоа се додаде и фингираниот попис, повторно според желбите на албанската етничка заедница во земјава, што резултира со барањето за бришењето на формулацијата „20 отсто“ од Уставот, сликата станува покомплетна.

Преземање на државата Македонија и поставувањето на темелите на нова албанска држава се гледа и преку целосното девастирање и омаловажување на сите државни институции и наметнувањето на потребата да се изградат целосно нови институции, што оди повторно во прилог на албанската кауза, бидејќи следното барање ќе биде формирање паралелни институции бидејќи и сега веќе има кадровски паралелизам во секоја институција, односно во секоја институција мора да има Албанец, или на чело или како заменик.

Гледајќи ги процесите во рамките на една поширока геостратегиска слика и низ призмата на историските собитија, кои секогаш се повторуваат низ речиси прецизни временски интервали, Бугарија токму сега го испорачува барањето за внесување на Бугарите во македонскиот устав оти е свесна дека во Македонија почнува институционалниот процес на заокружување на „голема Албанија“.
– Тоа е проект што Албанците го туркале отсекогаш. Уште од самостојноста на Македонија тие туркаа некаков паралелизам, правеа референдум за „Илирида“, истакнуваа знамиња на Албанија, отвораа посебни образовни институции, едноставно ја поставуваа сета логистика што им беше потребна. Никогаш во овие три и кусур децении не отстапија од сонот за сеалбанско обединување, а поделбите меѓу Македонците само им го олеснија тој пат. Веројатно уште ќе слушаме дека „идеја за посебна трета албанска држава“ во Македонија не постои, но фактите на терен го говорат сосема спротивното, дека не само што постои туку веќе и функционира. Вистинското прашање е дали ќе опстои единствената македонска држава – заклучуваат соговорниците, коментирајќи ги ставовите околу можноста да се реализира идејата за „голема Албанија“ на штета на Македонија, Црна Гора, Грција и Србија. С.Т.