Фото: Маја Јаневска-Илиева

Може ли да им се даде прошка на политичарите, и од власта и од опозицијата, во услови кога државата едно по едно ги губи своите суштествени идентитетски обележја, а чувството на бесперспективност станува сѐ поголемо кај граѓаните. Христијански е да се простува и тоа е едно возвишено чувство. Но од друга страна, не смеат да се занемарат ниту да се заборават сите неправди, деструкции и обезличувања што беа направени врз македонскиот народ и држава. Зашто во спротивно повикот за простување може да прозвучи и само како празна желба вербално да се исчисти совеста разјадена од злото што било генерирано во општеството

Повеќе од една година во состојба на пандемија, економска и здравствена криза, политички реторики на длабоки поделби по сѐ и сешто, постојани политички кавги и расправии, без изградено национално единство по суштествени прашања за иднината на државата и граѓаните. Меѓусебни обвинувањa за предавници и патриоти, говор на омраза што е ставен во петта брзина, општа атмосфера на деструктивност и непочитување. Накратко вака може да се опише актуелната политичка слика, пред големиот христијански празник Прочка, в недела, кога сите ќе зборуваат за помирување, за проштевања, за единство. Традицијата ќе биде испочитувана, „Прости ми, нека ти биде простено“, но дали духот и суштината на оваа христијанска доблест ќе бидат исполнети со оглед на многуте наталожени проблеми и поделби. Можно ли е во вакви политички и општествени околности да има помирување или поконкретно простување на гревовите и грешките што им се нанесени на граѓаните и државата од страна на политичарите? Може ли да им се даде прошка на политичарите, и од власта и од опозицијата, во услови кога државата едно по едно ги губи своите суштествени идентитетски обележја, а чувството на бесперспективност станува сѐ поголемо кај граѓаните. И конечно, колку политичарите го знаат значењето на зборовите помирување и простување? И дали на големиот христијански празник Прочка поимите проштевање и прочистување на гревовите може да бидат злоупотребени и да послужат само за нова политичка манипулација?
Јавноста оправдано ги поставува овие дилеми, особено што и за овој верски празник политичарите ќе бидат тие што ќе повикуваат и ќе бараат простување од граѓаните, но и меѓу себе.
Професорот Звонимир Јанкуловски во својата колумна за „Нова Македонија“ вели дека се помируваме за да можеме да заборавиме, или се помируваме за да простиме, но не и да заборавиме.
– Да се помириме и да веруваме дека нема повторно да ни наштетат, да веруваме дека се способни да го одржат својот збор. Откако го прекршија безброј пати.

Затоа повикот за помирување е само празна желба вербално да се исчисти совеста разјадена од злото што било генерирано во општеството. Да се помириме е застрашувачки концепт за жртвите на политичкиот прогон. Зашто почнуваме да мислиме дека ако простиме го оправдуваме она што го сторија, дека го охрабруваме злото на тој начин. Тоа значи да најдете изговори, или да се преправате дека нешто и не било толку лошо како што било. Нема изговор што ќе може да ве оправда што сте одбрале да се пазарите со злото – посочува Јанкуловски.
Според него, во изминатите триесет години измачувани од длабоко нефункционална демократија и обидот да се избрише злото на политиката од нашата колективна меморија заборавивме како беше да се живее нормално, постојано под присила на власта.
– Денес, повеќе од порано, сфаќаме дека нашите слободи не смееме да ги земаме здраво за готово. Ако однапред се покориме на злото помирувајќи се со него, ако ги затвориме очите пред него, правиме поголемо зло. Затоа, вистина и правда пред помирување. Ако уште некој воопшто верува дека е тоа можно со џелатот и неговите наследници – пишува професорот.

Трнлив пат за помирување

Според аналитичарите, политичкото помирување во Македонија е сложен процес, пред сѐ поради екстремната поделеност на општеството, за што се виновни и самите политичари, но и немањето искрена намера за градење национален консензус по одредени прашања и здрав политички дијалог.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека во моментов изгледа дека нема можност за некакво политичко помирување, зашто и двете најголеми политички партии се гледаат низ оптика на меѓусебна недоверба.
– Исто е и во блокот на албанските партии. Но состојба на можно политичко помирување ќе се врати на агендата кон крајот на годинава. Зошто? Затоа што политичарите ќе бидат упатени од меѓународниот фактор да прават политички консензус за правење системски реформи за кои ќе треба двотретинско мнозинство. Во меѓувреме ќе мора да се прават и домашни реформи, ако сакаме преговорите со Европската Унија да траат пократко – објаснува Арсовски.
Според него, граѓаните немаат проблем со тоа двете партии да работат заедно, да имаат политички дијалог.

– На граѓаните им е преку глава од односот на партите. Затоа многу често може да се сретнат ставовите на граѓаните, во смисла, престанете да се кошкате – додава аналитичарот.
Александар Кржаловски, аналитичар и директор на МЦМС, вели дека повеќе од потребно е политичко помирување по примерите на поуспешните земји, зашто силата е во единството, како што тоа се слогани во САД и во Обединетото Кралство. Истите слогани ги има и во Србија и во Бугарија.
– Тоа го укажуваат и резултатите на последните избори, во насока на потреба од широка коалиција. Но тоа, за жал, не се направи и ги донесе последиците да нема функционално собрание. Тоа не може да продуцира развој. Реториката останува поларизирачка. За да се промени тоа, потребна е поинаква политичка култура – посочува Кржаловски.
Сѐ уште има навреди и обвинувања за криминал што, според аналитичарот, не помага да се смири ситуацијата.
– Далеку е состојбата од помирување, барем елементарна соработка да има меѓу партиите. Граѓаните го бараат тоа и поделбата е голема во општеството – додава Кржаловски.

Пад на моралните вредности

Професорот по социологија на религиите Зоран Матевски вели дека Прочка е религиски празник, не е државен.
– Во таа насока прво се очекува од религиските поглавари да дадат порака. Тоа е најбитно. Тие треба да дадат пораки за политичко помирување. Де факто религијата треба да го искористи моментот и да ги повика сите овие политички елити да се помират меѓу себе – објаснува професорот.
Според него, пристапот на политичко помирување што води до простување е многу тешко, особено во општество во кое има криза на морални вредности. И тоа е карактеристика не само на Балканот туку и на Европа.
– Наместо љубов како највисока морална вредности, има омраза во повисок интензитет. Наместо емпатија, има егоизам. Наместо солидарност, има себичност, наместо чесност, има криминал. И сега се добиваат антиподи на моралните вредности. Кога се слуша реториката на политичарите може сево ова да се забележи. Денес граѓаните не знаат што е вистина, што е лага, не можат да го препознаат тоа. Граѓаните се инфицирани, бидејќи не функционираат ни семејните вредности, има криза на образовни институции и тие не се подготвени за некакво простување или помирување. Нема подготвеност, ниту кај политичарите, ниту кај граѓаните, зашто нема морални вредности – додава Матевски.
Според него, празникот функционира само кај убедените верници, кои се помируваат.


Духовно чистење за Прочка

Зборот „прочка“ доаѓа од словенски збор „проштение“ – простување или од „проштати“ – проштева. За Прочка се смета дека е духовната метла со која ја метеме нашата душа од гревовите.
Според традицијата, на Прочка, помладиот бара прошка од постариот. И секој секому му вели: „Прости ми“, а тој одговара: „Простено да ти е од мене и од Бога“. Така прави секој кон секого, и машко и женско, помладиот кон постариот, но и постариот кон помладиот
Прочка го означува почетокот на велигденскиот пост. Таа е потсетник на духовниот карактер на постот. Целта на празникот е со проштевањето, со покајанието и со чиста душа да се започне велигденскиот пост.