Во Европа сè поотворено се прифаќаат фракциите, кои дури одржуваат и свои конгреси. Кај нас не се согледуваат добрите страни на фракцијата, пред сè што токму различното мислење нуди надградба или алтернатива на доминантната идеја, а притоа може да биде коректив и со неа може да се јакне динамиката на внатрепартискиот живот

Партиите тешко се соочуваат со поинакво мислење во своите редови

Последните парламентарни избори покажаа дека двете најголеми партии од македонскиот блок загубија по 100 илјади гласачи, поради што и во двата табора сѐ погласно се изразува незадоволството од актуелните партиски политики што довеле до раситнување на гласачкото тело.
И во едната и во другата партија постојат еден вид латентни фракции, кои своите позиции обично ги изразуваат пост фестум, најчесто по завршувањето на некој изборен циклус, но и откако ќе се подели победничкиот колач при што некои ќе останат со „празни чинии“.
Тоа доаѓа до израз во периодот што следува кога се договара кој ќе формира влада, која партија што ќе добие, дали некој ќе биде министер, директор или заменик, а оние што ќе останат без функции често незадоволството го насочуваат кон раководствата на партиите, понекогаш собирајќи поголема група истомисленици, кои почнуваат да дејствуваат како фракционери.

Политичките дивергенции или разминувања со мејнстримот на партијата се
нестатутарни

Партиските статути на крупните партиски играчи на македонската политичка сцена не нудат многу простор за самостојно дејствување, настрана од политиката што ја креира потесното раководство.
ВМРО-ДПМНЕ неодамна со одлука на Извршниот и на Централниот комитет го промени партискиот Статут, со што се овозможува примена на начелото на непосредна демократија при носењето на партискиот став, односно поединците да можат да размислуваат поинаку од раководството. Претходните обиди во оваа партија за фракционерско дејствување досега завршуваа со исклучувања од партијата од една страна, и со формирање нови партии и движења, од друга страна.
Вакви партиски екстракти имаше и од СДСМ, кои исто завршија со формирање нови партии.

– ВМРО-ДПМНЕ се определи за Статутот следејќи ги современите искуства на големите европски десничарски партии, со што од партијата огромни надлежности се пренесуваат на членството и на органите на партијата. Работата на партијата и нејзините органи и тела е јавна и транспарентна, во духот на внатрепартиската демократија. Новите измени се револуционерни во насока на поголема демократија во водењето на партијата, повеќе право на одлучување на комитетите и членовите во водењето на политика – изјави Ружица Николовска од ВМРО-ДПМНЕ.
Ниту Статутот на СДСМ не предвидува многу политички дивергенции и разминувања со мејнстримот на споменатата партија.
Во членот 15 од нивниот Статут се наведува дека членувањето во СДСМ, меѓу другото, престанува и ако поединецот работи и дејствува спротивно на Статутот и програмата на партијата, не ги почитува одлуките и ставовите на органите на партијата и со своето дејствување му нанесува штета на угледот на СДСМ.

Партиските статути недемократски?!

Според Марко Трошановски од Институтот за демократија, проблем е што во Македонија сите партии според статутите се недемократски.
– Кај нас работата е во тоа што статутарно сите партии се мошне недемократски. Од тука таа вертикална хиерархија не кореспондира со фракциите. Кога партиите сакаат да му угодат на врвот, фракцијата се гледа како закана по самата партија – вели Трошановски.
Тој додава дека во Европа тоа не е случај и дека статутите кај европските партии се многу подемократски и дозволуваат фракционерско дејствување како еден нов квалитет на партијата, а не како закана по нејзиното постоење.
Политичките аналитичари со кои се консултиравме велат дека партиите без оглед на декларативните заложби за демократско однесување во рамките на партијата, сè уште му се апсолутно подредени на лидерот, а на фракциите се гледа како на чекор кон формирање нова партија.

– Во Европа сè поотворено се прифаќаат фракциите, кои дури одржуваат и свои конгреси. Кај нас не се согледуваат добрите страни на фракцијата, пред сè што се нуди алтернатива на доминантната идеја и се јакне динамиката на внатрепартискиот живот – велат аналитичарите.
Во Европа веќе е одомаќинето фракционерското однесување во партиите и повеќето партии го дозволуваат тоа како можност за нудење на повеќе решенија за актуелните проблеми. Фракционерството се третира како нормална појава и во Европскиот парламент.