Фото: Игор Бансколиев

Потребна е нова почетна точка во градењето на македонско-бугарските односи, која би почнала со извинување на Бугарија за злосторствата сторени од фашистичката окупациска влада во Македонија за време на Втората светска војна. Европски и цивилизиран манир, како израз на добра волја за градење добрососедство и европска иднина, е она што го направија повеќе германски политичари, кои се извинија за злосторствата сторени во Втората светска војна од националфашистичката влада на Хитлер, а го признаа и холокаустот. Дали Бугарија се смета за европска држава
и има таква доблест за таков општоцивилизациски манир?

Бугарија бара гаранции за спроведување на Договорот за добрососедство?!

Пристапувањето на Македонија во Европската Унија сѐ повеќе личи на загатка, зад која со дипломатски речник се затскрива недозволиво прекршување на универзалните човекови и колективни права, како и на основните стандарди на кои се темели современото демократско општество. Трагедија е што ЕУ со своите постапки на „неправење ништо“ одобрува Бугарија да го блокира прифаќањето на преговарачката рамка за преговори со ЕУ, сѐ додека Македонија не ги исполни условите за прифаќање на „бугарските корени на македонската нација“?! Во истиот контекст, официјална Софија дури наметнува „европски став“ дека со Договорот за добрососедство, македонската страна „прифатила и се обврзала да го спроведе процесот на бугаризација на Македонија“!? Од таква позиција, бугарскиот претседател Румен Радев дури порача преку еврокомесарот Вархеи дека „повеќе не се прифаќаат декларации и ветувања во дијалогот со Македонија и повика да се преземат јасни и правно обврзувачки решенија што би довеле до ’одржливи резултати’ во бугарско-македонските односи“. Згора на тоа, уште една историска вистина сега „Европејците“ ја препакуваат во наш говор на омраза?! Имено, Македонија е наклеветена за говор на омраза, кој бугарската страна го препознава во синтагмата „бугарски фашистички окупатор“, која се сретнува на спомениците во Македонија посветени на личности и настани од Втората светска војна, како и во учебниците во македонскиот образовен систем.

Најпрвин извинување на Бугарија за злосторствата во Македонија од Втората светска војна

Македонската страна, т.е. македонскиот премиер Зоран Заев на ваквата „бугарска вознемиреност“ реагираше со своевидно ветување дека ќе биде избришана етничката квалификација „бугарски“ пред „фашистички окупатор“, но одредени македонски историчари изнесуваат мислења дека на бугарската страна не ѝ пречи толку придавката „фашистички“, туку именката „окупатор“ во целата зборовна конструкција. Имено, квалификацијата „окупатор“ е сосема спротивна на бугарската автоперцепција за нивната улога на територијата на Вардарска Македонија во Втората светска војна како „ослободители“. Разговорите во мешаната историско-образовна комисија, формирана токму како обврска од Договорот за добрососедство од 2017-та, се уште не стигнале до тој период од историските односи на Бугарија и Македонија, но несогласувањата на историчарите од двете страни се драстични и за претходните периоди од минатото, како и за националната припадност на историските личности. Главниот проблем во т.н. преговори меѓу Македонија и Бугарија е различната перцепција на одредбите од Договорот, а најмногу моментот на шизофрената кованица „заедничка историја“, која се споменува во македонската верзија од Договорот (која, патем споменато, ниту е добро преведена од англиската оригинална формулација), за што бугарската страна смета дека македонската страна треба да го прифати бугарското видување на минатото. Додека македонската преговарачка страна „заедничката историја“ ја гледа како споделена историја, односно некакво тангирање на судбините на народите во некој историско-политички контекст, според бугарската страна, по Втората светска војна, е прекинат континуитетот на „бугарскиот идентитет на Македонија и Македонците“. За Македонија, пак, прифаќањето на „бугарското гледиште“ значи целосно бришење на македонското национално постоење во минатото и за иднината.
Во такви услови, ноторен факт е дека работите треба да се ресетираат и да почнат од почеток. А најдобар начин на почеток за градењето на македонско-бугарските односи е извинување на Бугарија за злосторствата сторени од фашистичката окупациска влада во Македонија за време на Втората светска војна. Токму онака како што направи европска и цивилизирана Германија за злосторствата направени во Втората светска војна. Тоа е идентично со злосторствата направени над Македонците, но и сите други што живееле во Македонија, од страна на бугарскиот фашистички окупатор. А ете, и историчарите, но и Еврејска заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија веќе јавно ги повикаа Владата на Бугарија или државните официјални избрани политички авторитети (премиерот, претседателот, претседателот на парламентот) да се соочат со вистината за холокаустот врз Евреите во окупираните територии во Втората светска војна, за кој пронацистичката влада во Царството Бугарија од тоа време е директно одговорна, и да се извинат и да ја прифатат одговорноста.
– Колку поскоро демократска Република Бугарија се соочи со болните и мрачни моменти од своето минато, помирувањето е можно, бидејќи негирањето на злосторствата е прв чекор кон нивно повторување – изјавија од Еврејската заедница и Фондот, со инсистирање дека „овој став во никој случај не смее и не може да биде протолкуван како антибугарски кон денешна демократска Република Бугарија и нејзиниот народ“.
А да потсетиме повторно, денешните бугарски политичари позитивен пример што би ги поттикнал на чин на извинување до Македонија, како израз на добра волја за градење добрососедство и европска иднина, може да најдат кај повеќе германски политичари по Втората светска војна, кои го признаа холокаустот и се извинија за злосторствата сторени во Втората светска војна од националфашистичката влада на Хитлер.

Зошто Договорот за добрососедство е форматиран како израз на стратегиската цел на Бугарија

– Многу малку е веројатно дека бугарските политичари ќе се согласат да биде раскинат Договорот за добрососедство и градењето на македонско-бугарските односи да започне од нова точка. И самото инсистирање од бугарска страна на спроведувањето на тој договор е показател дека тој е израз на нивната долгогодишна стратегиска цел за национална, јазична, духовна, културна и територијална асимилација на Македонија. Таа стратегија е прифатена и потврдена од сите бугарски партии, прифатена во нивното собрание, Владата… Јасно е дека Договорот е во нивна корист и не би се откажале од таквата предност. Исто така и извинувањето за окупацијата и злосторствата сторени во Македонија за време на Втората светска војна не изгледа како реална опција што може да се очекува како гест од бугарските политичари. Тоа би значело уривање на сиот политички капитал на кој се темели нивната национална стратегија за присвојување на Македонија. Бугарските политичари се свесни дека во историската наука не можат да најдат аргументи за својата стратегија и дека таквите национални амбиции можат да ги остварат само со политички „аргументи“, кои сега ги имаат како членка на ЕУ – вели универзитетскиот професор по филозофија Ферид Мухиќ.
Професорот Мухиќ решението за македонско-бугарските односи го гледа во претежнувањето на ургентноста за реализација на стратегиските цели на Македонија (да стане членка на ЕУ) и на Бугарија (со политички притисок да ја „бугаризира“ Македонија).
– Личи на интелектуална загатка прашањето дали на Македонија ѝ е поургентно потребно да стане членка на ЕУ, или на Бугарија ѝ истекуваат времето и предноста да ја реализира својата вековна амбиција за духовно, етничко и историско асимилирање на Македонија и Македонците. Навидум, нам ни е поитно да почнеме преговори за членство во ЕУ и да станеме дел од Унијата. Но иако бугарските политичари велат дека имаат време за чекање и блокирање на Македонија на патот кон ЕУ, се чини дека минува времето и за таквите нивни шанси. Иако изгледа како да е во бугарска полза, нерасположението на ЕУ за проширување ги прави беспредметни и бугарските идентитетско-историски уцени спрема Македонија, колку што би биле бесмислени и македонските отстапки спрема Бугарија за да го одблокираат почетокот на преговорите за членство во ЕУ. Во таков контекст, непромислено е какво било попуштање на бугарските уцени од наша, македонска страна, во име на каква било европска перспектива. Дојдовме до таа точка во односите со Бугарија, па и со ЕУ, што каква било отстапка значи признавање и прифаќање на целосната бугарска позиција за некаков „бугарски карактер на Македонија и Македонците“. Евентуалното прифаќање на бугарските корени на македонскиот јазик повлекува целосно бугарско претопување на македонскиот идентитет. А што ќе ни е евроинтегрираност без национален идентитет – констатира професорот Мухиќ.
За најновите изрази на скептицизам за проширувањето на ЕУ од четири земји-членки, професорот Мухиќ не ја исклучува опцијата да е дел од сложената политичка игра со „интелектуална загатка“, како скриен притисок до земјите од Западен Балкан (секако и до Македонија) да ги направат отстапките што се бараат од нив за да го „фатат последниот воз“, пред ЕУ да заврши со проширувањето.
– Личи на интересна игра како интелектуална загатка, но во суштина е недостоинствено и недозволиво прекршување на универзалните човекови и колективни права, како и на основните стандарди на кои почива современиот либерален свет, од страна на ЕУ, преку скриена лицемерна дипломатија – проценува професорот Мухиќ.

Излез од ќор-сокакот е раскинување на Договорот за добрососедство?

Одредени политички процени на можноста за раскинување на Договорот за добрососедство говорат дека со секој нареден документ Бугарија само би ги радикализирала своите услови, максимално користејќи ја позицијата на членка на ЕУ. Но постојат и мислења на правни експерти по меѓународно право што укажуваат дека само со раскинување на Договорот, Македонија може да се повика на принципите и аргументите на меѓународното право.
– Во ЕУ постои политика да не се увезуваат конфликти. Но ние со Бугарската спогодба (2017) признавме дека имаме спор со Бугарија. Ова е слично како и со Привремената спогодба со Грција од 1995 година. И, нормално, сѐ додека не се реши спорот, нема да добиеме членството во ЕУ… Овој спор нема решение, освен ако не признаеме дека имаме бугарски корени и дека сме Бугари. Оваа година, бугарските услови станаа истовремено и услови на ЕУ, поради фактот што ЕУ не увезува спорови. Тоа се случи со португалското претседателство! Но од оваа бугарска спогодба произлегува дека ние не можеме да се повикуваме на немешање во внатрешните работи, суверенитетот и самоопределувањето, бидејќи самите се откажавме од основните принципи на меѓународното право. Во неа се става на маса „заедничка историја“, што подразбира заедничка национална култура и јазик – наведува во својата анализа на ситуацијата експертот по меѓународно право Игор Јанев.
Но, според професорот, спогодбата од 2017-та е правна основа за меѓународен спор.
Впрочем, тој вели дека тоа е исто како и нашата нереакција на Резолуцијата на ОН 817 (1993), со која се констатира дека имаме спор со Грција, па потоа наседнавме на иста стапица и со Привремената спогодба од 1995-та, во која се согласивме дека имаме спор.
– Ако сакаме да ја решиме оваа ситуација, прво мора да се раскине спогодбата со Бугарија. Дури потоа можеме да се повикуваме на меѓународното право, т.е. самоопределување, суверена еднаквост, политичка независност, немешање во внатрешната јурисдикција, недискриминација и забрана за асимилација (етноцид), чија крајна цел во случајот со нашата држава е поделба на Македонија (меѓу Бугарија и Албанија-Косово) – вели Јанев.