Да нема страв ниту еден граѓанин во државата. Не може да се изгласа преговарачка рамка, ако ние не кажеме „да“. Со сила преговори под вакви услови никогаш не се случиле, изјави вечерва претседателот Стево Пендаровски.
Зборувајќи околу предлогот на француското претседателство со ЕУ во емисијата „24 анализа“, Пендаровски рече дека ние до денеска немаме видено пишан документ.
– Не знам, Бугарите веројатно имаат добиено зашто се земја-членка на ЕУ. Тоа што Французите го направиле како предлог е доставено на КОРЕПЕР. Од вчера од 19 часот навечер почна сесијата по тој предлог. Бугарија овие денови е во хаотична ситуација, а тие повторно изнесувале вчера барања кои се апсолутно небулозни. Закажана е седница на комисијата за надворешна политика во бугарското Собрание и не знаат дали ќе се одржи. Во Софија, според нашите информации, Петков ќе сака да се гласа за доверба на неговата влада, а потоа да се стави на седница тој документ – изјави Пендаровски.
Нашиот појдовен став, вели Пендаровски е дека не сакаме да видиме никаква ѕвездичка или дообјаснување за македонскиот јазик.
Поголема гаранција за јазикот, нагласи Пендаровски, од тоа да стои во Прегоаврачката рамка нема.