Надлежни институции, постапувајќи по допрен глас дека се поставуваат реквизити за забавен парк без соодвети дозволи и документација на локација во општина Карпош, вчера излегле на терен. По направениот увид се најавуваат конкретни мерки во насока на отстранување на неправилностите, престанување со вршење на активноста, како и дислоцирање на реквизитите.
-Постапувајќи по допрен глас дека во Скопје, на подрачјето на Општина Карпош, поточно пред спортскиот центар Борис Трајковски без соодветни документи и потребни дозволи се поставени реквизити за забавен парк меѓу кои и панорамско тркало, на 20 мај 2024 година единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје во координација со службени лица од Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи и градежен инспектор од Општина Карпош излезе на лице место и презема конкретни соодветни мерки и активности од делокругот на својата надлежност и овластувања – информираат денеска од МВР.
Оттаму појаснуваат дека од страна на инспекциските служби по преземените мерки и активности и констатираната фактичка состојба изготвени се записници за констатирана состојба, додека од страна на овластен градежен инспектор од Општина Карпош поведена е постапка за констатираните неправилности.
По ова велат од МВР, ќе бидат преземени конкретни мерки во насока на отстранување на неправилностите, престанување со вршење на активноста, како и дислоцирање на реквизитите.