Фото: принтскрин

Министерството за образование и наука, во врска со информацијата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за „Состојбата со обезбедување на учебници во основното образование за учебната 2023/24“, укажува дека изработката на учебници е комплексен процес што зависи од повеќе фактори, независни од системско влијание. Согласно законските и подзаконските акти, навремено се започнати и извршувани активностите од наша надлежност за изработка на учебниците, усогласени со важечката наставна програма.

Нема 43 од 126 учебници, КСЗД може да го тужи МОН за дискриминација

-Министерството нема законски механизми да влијае на пријавувањето на повиците за авторски тимови и повиците за рецензенти за нов учебник по одреден предмет. А секој неуспешен повик, повлекува негово повторување, нови рокови и одолговлекување на постапката. Во меѓувреме, се случува да се неопходни корекции во текстовите на предложените учебници, што исто така води до пролонгирање на процесот. По рецензентската проверка, текстот на учебникот до конечното одобрување, треба да го помине и филтерот на 17-члената Национална комисија за учебници – велат од МОН.
Учебникот, како едно од наставните средства што се користи за постигнување на целите на воспитно-образовниот процес, велат оттаму, треба да овозможи постигнување на националните стандарди на знаење, учење со разбирање и подигнување на креативноста, иновативноста и критичкото размислување кај учениците.
-Нагласуваме дека во тек е темелна реформа на образованието која наметнува одредени неусогласености да се надминуваат во од. За да можеме да ја финализираме реформата, издигнувајќи го квалитетот на образованието, очекуваме од сите засегнати чинители да дадат поддршка, затоа што нашата цел, а веруваме и на сите останати – родителите, институциите, граѓаните, е учениците да стекнуваат знаења и вештини кои ќе ги направат рамноправни со нивните врсници од развиените земји –додаваат од МОН.

Инаку, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврдила дека Министерството за образование и наука (МОН) не ја отстранило констатираната повреда на правото на еднаков пристап до квалитетно образование до 31 август, што било нивна законска обврска, информира денеска на прес-конференција претседателката на КСЗД, Весна Бендевска.

Како што посочи таа, повикувајќи се на известување од МОН, од вкупно 126 учебници по задолжителните предмети, нема дури 43. Само учениците во прво и второ одделение ќе ги добијат сите учебници.