Фото: Игор Бансколиев

Претседателот на Европскиот Совет и чешкото претседателство ги испратија официјалните покани до сите земји учеснички во Европската политичка заедница (ЕПЗ), меѓу нив и Македонија, јави дописничката на МИА од Брисел.

На шести октомври во Прага ќе се одржи првиот состанокот на шефови на држави и влади на Европската Политичка Заедница, освен 27-те земји членки на ЕУ во ЕПЗ учествуваат и Ерменија, Азербејџан, Босна и Херцеговина, Грузија, Косово, Лихтенштајн, Молдавија, Црна Гора, Македонија, Норвешка, Србија, Швајцарија, Турција, Украина и Обединетото Кралство.

Целта на Европската политичка заедница е да се создаде платформа за политичка координација за сите земји на широкиот европски континент, да им се овозможи да се координираат и комуницираат за сите теми за кои имаат заеднички интерес. Сѐ со цел да се обезбедат стабилноста и безбедноста на континентот, велат од ЕУ.

На самитот на ЕПЗ сите лидери ќе имаат еднаква тежина, а дипломатите во Советот се надеваат дека овој формат ќе може да се одржува редовно во иднина, еднаш или два пати годишно.

Дипломатите во Брисел инсистираат дека ЕПЗ во ниеден случај нема за цел да ги замени постоечките организации, структури и процеси на ЕУ, и не планира да создава нови. Не се предвидени ниту формални декларации, ниту формални заклучоци на крајот на овој самит.

Состанокот на лидерите на ЕПЗ ќе започне со пленарна седница во еден часот попладне со тркалезна маса во која се поканети да учествуваат шефовите на држави и влади, а се очекува да трае до 4 часот попладне. На тркалезната маса темите ќе бидат безбедноста, енергијата, климата, економијата, миграцијата и мобилноста. Потоа лидерите ќе имаат прилики за билатерални средби, а завршната седница ќе се одржи на заедничка вечера од 19.30 часот.

Идеите за Европска политичка заедница интензивно почнаа да се подготвуваат по почетокот на војната во Украина и апликацијата за членство на оваа земја, како и на Грузија и Молдавија, во ЕУ. Со оглед на бавноста на процесот на проширување, голем број лидери и дипломати оценија дека воспоставувањето на нов формат како ЕПЗ ќе овозможи подобра и побрза координација на сите земји на континентот.