Белешка од патувањето низ Германија на нашата дописничка од Прилеп

На улицата Осдорфер Штрасе 16, во Берлин, Германија, малку десно од патот се наоѓа црквата „Св. Климент Охридски“, чиј парохиски свештеник е Оливер Новески. Би рекле надворешно повеќе е како поголем параклис со помошна просторија. Просторот околу објектот е простран, широк, а во предниот дел има простор што се планира за градба на црква.

Македонците тука се собираат секоја недела од 10 часот, па натаму. Така беше и овој пат, кога ја посетив, со повод се разбира. И добив впечаток дека не е доволна само грижата на поединци за да се изгради убав божји храм. Потребна е системска поддршка и од МПЦ–ОА, од верниците, од добронамерниците… Треба да се обезбеди документација за градење и да се гради.

И тоа неделно утро имаше служба. Откако заврши службата, луѓето тргнаа кој на молитва, кој на причесна, а потоа следуваше заедничка дружба на нашинците што живеат во Берлин, а и пошироко во околните градови, бидејќи тоа е единствен македонски божји храм во тој регион.

Во дворот додека трчкаа дечиња, додека меѓусебно се дружеа пријателите, успеавме кратко да поразговараме со еден од членовите на црковниот одбор, Марјан Тасев, кој ни рече дека во Берлин живее веќе 12 години, а во последните години е дел од црковниот одбор.
– Храмот божји не е само молитва. Тука правиме крштевки, венчавки, свечености, празнуваме. Тука е и нашето катче каде што се собираме, се дружиме, разговараме… Се грижиме колку што можеме да го одржуваме тоа што го имаме. Сакаме да изградиме убава црква, што ќе биде дел од МПЦ во Берлин. Наскоро очекуваме да ја обезбедиме документацијата и потоа да почнеме да градиме. Но ни треба поддршка за тоа. Ги повикуваме сите добронамерници, кој колку може да донира за изградбата на црквата. Изградбата на убава црква е долгогодишен сон на Македонците што живеат тука. Овде е местото каде што ќе ги негуваме нашиот македонски идентитет, културата и верските обичаи – вели Марјан, посочувајќи дека со верба и труд ќе ја изградат црквата.

Објаснува дека македонската црковна општина „Св. Климент Охридски“ во Берлин има околу 10.000 члена. Тој ден, недела, иако облачно, сепак беа дојдени 30 Македонци, со семејствата, па дури и од други народи – православни.

Марјан и додека разговаравме се грижеше дружбата на Македонците да помине во убаво расположение, притоа потенцирајќи дека напорите за изградба на црква датираат од осамостојувањето на Македонија, кога бил формиран македонски клуб со црковен одбор. Местото каде што е сега црквата е сопственост на црковниот одбор. Ка.М.