Фото: Влада

Премиерот Димитар Ковачевски се сретна со Филипе Донкел, нерезидентен амбасадор на Големото војводство Луксембург за земјава, придружуван од Петар Арсовски, почесен конзул на Луксембург во нашата држава.

На состанокот, како што соопшти владината прес-служба, се потврдени добрите пријателски односи на земјава со Луксембург и заедничката определба за унапредување на соработката на сите нивоа.

-Пренесен е и поздрав до премиерот Ковачевски од премиерот на Луксембург Ксавиер Бетел, како и целосна поддршка на евроинтеграциите на Република Северна Македонија. Оценето е дека нашата држава во пракса применува европски вредности, што го покажа и со имплементацијата на политиките на линија на Европската Унија, на коишто се постави во однос на ситуацијата во Украина. Исто така се смета дека државава има направено голем напредок во реформските процеси за кратко време, што се почитува и поради што, како што е соопштено, продолжува силната поддршка за скорешно отворање на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ. Притоа, заеднички е констатирано дека почетокот на преговорите на Северна Македонија и на Албанија со Европската Унија е во функција на стабилноста на Западен Балкан и дека сега е моментот за тоа – наведува Владата.

Премиерот Ковачевски се заблагодари за големата поддршка од Луксембург и за искреното пријателство кое што се интензивира.

-Владата е посветена кон потребите на граѓаните и предизвиците по војната во Украина. Северна Македонија се постави стопроцентно на линија на политиките на НАТО и на ЕУ во однос на војната во Украина и со тоа на вистинската страна на историјата. Разговорите со бугарскиот премиер Петков се водат на принципиелно ниво. Во голем дел го хармонизиравме домашното законодавство со европското. Тоа сега треба да се валоризира од ЕУ, бидејќи е значајно и за регионот и за ЕУ – рече премиерот Ковачевски.