Фото: Принтскрин

Претседателот на Судски совет, Александар Камбовски, по денешната објава дека пратеници на ВМРО – ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива за разрешување на членовите на Судски совет,  порача дека секој има право да поднесува иницијативи, како и сите власти во државата мораат да делуваат согласно закон и Устав.

– Во повеќе наврати сум дал изјави мислења во поглед на постапка за разрешување на членови на Судскиот совет. Единствено место каде што тоа е предвидено е во Законот за судски совет. Иницијативи може да се поднесуваат до Собранието, секој има право да поднесува иницијативи – рече Камбовски.

Прашан што доколку бидат разрешени членовите на Советот, одговори  дека не сака да шпекулира но оти нема да причина да се сомнева дека Собранието и Владата работат согласно закон и Устав.

– Сите работиме согласно на закон и Устав. Немаме причина да се сомневам дека и Собранието и Владата работат согласно на тие принципи – рече Камбовски кој е дел од групата во Министерството за правда што го подготвува законот за Судски совет.

На прашање дали би го поканил премиерот Христијан Мицкоски на средба за да се расчистат дилемите, Камбовски  одговори дека „кај него нема дилема доколку се зборува за законско постапување“.

– Секогаш сум отворен за разговор и за соработка со останатите две власти во државата. Не заради мене, не заради судската власт, туку за граѓаните – изјави Камбовски.

Очигледно е, подвлече тој, дека постои некое незадоволство спрема одделни членови во Судски совет. Но, посочи,  сите власти во државата мораат да делуваат согласно законот и Уставот.