Фото: Макфакс

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, во завршниот говор бара ослободителна пресуда за предметот „Титаник 2“, кој се однесува на изборни нерегуларности.

Во повторното судење нему му е направена преквалификација на делото, па од злоупотреба на службената положба и овластувањето, сега тој се гони за повреда на избирачко право. Во почетокот на завршните зборови сакаше да го убеди обвинителот Гаврил Бубевски, кој му го поднесе обвинението, дека не е виновен. Судијата Огнен Ставрев му рече дека треба да го убеди судот.

„Не се чувствувам виновен, сакам, обвинителе, да ве убедам уште еднаш“, рече Тачи, на што возврати судијата Огнен Ставрев: „Сега треба судот да го убедите, а не обвинителот“.

„Немав никогаш намера да наштетам. Јас не сум наивен, јас сум имал многу можности да го информирам Ибраими. Јас немам намери, туку ставови како политичар. Јас имав став да ги убедам набљудувачите за нерегуларностите во Чаир. За Струмица, јас не знаев за кои избирачки места се зборува. Умисла немаше, намера немаше. Моите зборови се политички ставови. Другите работи што ги слушнав дека требало некој да губи, дека имало договор – мислам тоа не се однесува на мене“, рече Тачи, пренесува „Макфакс“.

И неговиот адвокат го кажа истото.

„Тачи не е виновен за ништо од обвинителниот акт. Барам од судот, бидејќи нема елементи за кривично дело, да има ослободителна пресуда за Мендух Тачи. Тој немал умисла, ниту се заканил ниту ветувал“, рече адвокатот.

Тачи додаде дека нема доказ кој покажува зошто би сторил кривично дело, односно која ќе биде неговата корист.

„Нема ниту еден доказ дека сум зел пари, дека сум заплашен, дека сум уценет. Нема врска. Личните кафеански муабети на одредени функционери на ВМРО-ДПМНЕ дека имаат договор со некого ги сметам како евтини маркетиншки трикови, кои не се прават само во Македонија туку и на Балканот“, посочи Тачи.