Фото: Игор Бансколиев

Состојбата со безбедноста на мотоциклистите во сообраќајот дополнително загрижува ако се има предвид фактот дека во земјава мотоциклите претставуваат околу 2 отсто од вкупниот број возила учесници во патниот сообраќај, а во 2020 година околу 15 отсто од вкупниот број загинати лица во сообраќајни незгоди се мотоциклисти

СО СОНЧЕВИТЕ ДЕНОВИ „НИКНАА“ МОТОРЏИИТЕ, А СО НИВ И ПРОБЛЕМИТЕ

Нема ниту две недели откако временските услови се подобрени и температурите се повисоки, мотоциклистите веќе ги извадија своите мотори од гаражите за да уживаат во нивното возење, а со тоа паднаа и првите жртви возејќи ги своите мотори, но и казни од страна на сообраќајната полиција. Со повисоките температури и сончевото време се појавија старо-новите проблеми и за едните и за другите учесници во сообраќајот. Непочитувањето на сообраќајните правила и прописи, непочитувањето на сите учесници во сообраќајот, ги дава крајно непотребните жртви, кои доколку состојбата би била поинаква, воопшто не би се случиле.

ИНВАЗИЈА НА ДЕЦИБЕЛИТЕ

Со првото сонце, низ улиците излегоа и првите моторџии, кои веднаш почнаа да предизвикуваат главоболки за другите соучесници во сообраќајот, но и за сите жители. Високите и силни звуци буквално ги малтретираат жителите на Скопје, кога некој со мотор со силна кубикажа ќе ја „оптовари“ гаста на моторот, па од твој звук се тресат прозорците и болат ушите.
Сѐ почесто е таква сликата изминатите денови на Партизанска, но и на Христијан Тодоровски-Карпош, каде што жителите реагираат дека моторџиите освен што возат, во вечерните часови организираат и трки, од кои не можат ниту да се спие.
– Најголем проблем во пролетните и летните денови се токму моторџиите со силни мотори, од кои ушите болат кога возат. Возат брзо, намерно за да бидат бучни, бидејќи го обожаваат тој звук, а не сфаќаат колку тој звук ни пречи на сите нас, а особено на малите деца и бебињата, чиј слух сѐ уште е во развој. Многу од малите дечиња се плашат од звуците, па плачат, значи непотребно доживуваат трауми – вели Марко Стефковски.
Според Александар Трајкоски, пак, кога има мотоциклисти пред него или зад него во сообраќајот, тој задолжително ги избегнува, затоа што многумина од нив не учествуваат во сообраќајот во согласност со правилата и прописите.
– Моторите, барем оние помалите, се полесни за во сообраќај, бидејќи лесно можат да се проврат помеѓу метежот и возилата. Но тоа не им дава за право да излетуваат пред автомобилите, да прелетуваат, да се пикаат… недопустливо е. Многумина од нив не ни носат заштитни шлемови, со што директно си го ризикуваат животот. Па, и ние ако удриме некој мотоциклист, целиот живот ќе сме осудени од нашата совест. Возат по пешачки премини, по велосипедски патеки, во метежи се лепат до возилата, на семафори се местат први. Навистина ништо не почитуваат – вели тој.

ДА ГИ СПРЕЧИМЕ КОБНИТЕ НЕСРЕЌИ

Месецов, за жал, како последица на примамливите временски услови, се случија неколку несреќи, во кои повредени завршија мотоциклисти, а досега беа санкционирани и неколкумина мотоциклисти од страна на полицијата.
Тешко повреден заврши мотоциклист од Скопје, откако пред неколку дена изгубил контрола и паднал на регионалниот пат Демир Капија – Неготино. Како што се наведува во соопштението на МВР, Б.А. (37) добил тешки телесни повреди, констатирани во Јавната здравствена установа во Неготино. Увид на местото извршила екипа од полициската станица во Неготино.
Деновиве исто така во Велес се случи сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген голф“, управувано од И.Ј. (51) од Велес, и мотоцикл „јинганг“, управуван од И.И. (56) од с. Бузалково, Велешко, двете со велешки регистарски ознаки. Во несреќата тешки телесни повреди добил мотоциклистот, кои биле констатирани во Општата болница во Велес.

ЦРНАТА СТАТИСТИКА ЗАГРИЖУВА

Според Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, црната статистика за настрадани мотоциклисти во сообраќајни незгоди загрижува.
– Статистичките податоци за 2020 година покажуваат дека 125 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди, од кои дури 18 се мотоциклисти. Поточно, во 2020 година, на патиштата во Република Северна Македонија, загинале четворица возачи на мопед (зафатнина на моторот до 50 кубни сантиметри), четворица возачи на мотоцикл со зафатнина до 125 кубни сантиметри и десет возачи на мотоцикл со зафатнина над 125 кубни сантиметри. Покрај тоа, во 2020 година, тешки телесни повреди добиле: 55 возачи на мопед, 19 возачи на мотоцикл со зафатнина до 125 кубни сантиметри и 84 возачи на мотоцикл со зафатнина над 125 кубни сантиметри, односно во 2020 година тешко повредени се вкупно 158 мотоциклисти – стои наведено на интернет-страницата на РСБСП.
Како што е наведено, состојбата со безбедноста на мотоциклистите во сообраќајот дополнително загрижува ако се има предвид фактот дека во земјава мотоциклите претставуваат околу 2 отсто од вкупниот број возила учесници во патниот сообраќај, а во 2020 година околу 15 отсто од вкупниот број на загинати лица во сообраќајни незгоди се мотоциклисти.

– Дополнително треба да се потенцира дека, и покрај тоа што не постојат законски ограничувања, сепак, поради временските услови, мотоциклистите учествуваат во сообраќајот само шест месеци во годината – потенцираат оттаму.
Токму затоа, неодамна, односно на 24-ти месецов, претседателката на РСБСП, м-р Гордана Кожуваровска, секретарот Владимир Лазаров и претставници од мотоклубот „Безбедност“ одржаа работен состанок. Целта на состанокот беше да се започне со реализација на заедничкиот настан „Тренинг за безбедно управување со мотоцикли“. Тренингот ќе го вршат сертифицирани тренери од Република Северна Македонија и Република Србија. Тие ќе го пренесат своето знаење за правилно користење мотоцикл, за зголемување на безбедноста на мотоциклистите, како едни од најранливите учесници во сообраќајот.