Бојан Јовановски и друг затвореник што шетал со него, вчера биле нападнати од Т.М. и О.А. на шеталиштето во „Идризово“, каде што осудениците го користат слободното време за прошетка на отворено, информира Управата за извршување на санкции.
Напаѓачите на Јовановски и на другиот затвореник им задале удари во телото и главата, по што веднаш било интервенирано од страна на затворската полиција, кои го обезбедуваат шеталиштето, а затворениците биле разделени.
Жртвите на нападот веднаш биле спроведени во затворската амбуланта за укажување на помош, а била повикана и екипа на итна медицинска помош која препорачала да бидат прегледани и во Клиничкиот центар – Скопје, по што биле спроведени.
Во вечерните часови осудените лица дале писмена изјава за нивното видување на инцидентот.
– Против осудените лица кои го извршиле физичкиот напад се комплетира документацијата за спроведување постапка за дисциплинска одговорност. За овој настан, службени лица од Управата за извршување на санкциите ќе извршат и вонреден надзор на установата со цел да се утврди фактичката состојба. Во текот на денешниот ден осудениот Б.Ј. е спроведен и на дополнителен преглед во Клиниката за абдоменални болести – се наведува во соопштението на Управата за извршување на санкции.