Фото: Игор Бансколиев

ИЛЕГАЛНА ЗАРАБОТКА СО АНТИЧКИ ПРЕДМЕТИ ЗА КОЛОСАЛНА ИСТОРИСКА ШТЕТА

Илјадници артефакти со голема историска и финансиска вредност, вклучувајќи и предмети земени од гробови и археолошки ископувања од повеќе земји во Европа, се пронајдени во Италија по голема полициска операција. Македонија, како и сите други земји, има доста голем и сериозен проблем со нелегалните активност и ископувањето скриени богатства, факт што го потврдуваат и од нашето министерство за внатрешни работи (МВР), од каде што велат дека граѓаните што се во потрага по „скриени богатства“ најчесто одат на локации во близината на стари цркви, манастири, стари гробишта и други локации, а таму најчесто бараат златни монети и други златни предмети

Артефактите, античките предмети, црковните реликвии, уметнички дела и старо злато се само дел од предметите што се атрактивни за криминалните групи и организации, кои препродавајќи им ги на колекционери на црниот пазар заработуваат стотици илјади евра. И сето тоа го прават без да водат грижа какви се крајните последици, бидејќи сите тие предмети се дел од богато историско и културно наследство на одредена земја од каде што потекнуваат. Дека тоа е така, доволен доказ е и нашата земја, која неоспорно има огромен проблем со кражби на икони, цели иконостаси и разни предмети од културно-историско значење.

Италијанските власти открија 3.586 парчиња со непроценлива историска, уметничка и комерцијална вредност и од национално и од меѓународно потекло

Најсвеж пример за ова доаѓа од Италија, каде што неодамна илјадници артефакти со голема историска и финансиска вредност, вклучувајќи и предмети земени од гробови и археолошки ископувања, се пронајдени по голема полициска операција.
Од 51 осомничено лице по кои се трагаше, италијанската полиција уапси 21 осомничен, во операцијата во која учествуваа стотици полицајци, соопштија властите на во јужниот италијански регион Пуља.
– Тие беа уапсени како осомничени во истрагата за многубројни тајни ископувања, примање украдена стока и незаконско промовирање, на национално и меѓународно ниво, на многу важни археолошки наоди – рече Ренато Нити, главен обвинител задолжен за истрагата во Трани, Пуља.

Властите открија 3.586 парчиња со непроценлива историска, уметничка и комерцијална вредност. Полицијата пронајде и 60 детектори за метал и други предмети наменети за тајно копање, вклучувајќи долги метални шилци и лопати.
Во северната италијанска општина Лавис, откриени се 1.679 бронзени и сребрени археолошки монети – од „Magna Graecia“, римски и византиски ковачници – кои датираат меѓу 4 век пр. н.е. и 3 век од нашата ера. Стотици монети што датираат од Римската Империја се пронајдени во градот Чампино, во близината на Рим.

Тегови за разбој, бокали, чаши, чинии, минијатурни вазни и маслени светилки беа идентификувани меѓу богатиот список предмети пронајдени во јужниот град Спинакола.

Многу од артефактите биле земени од „томбароли“ – или ограбувачи на гробови и им биле продадени на колекционери низ Италија и во светот.
Повеќето од нив се недокументирани и никогаш досега видени парчиња, земени директно од неистражени археолошки ископувања.
– Истрагата овозможи да се утврди и спречи импресивна акција на „киднапирање“ на штета на археолошкото наследство, исклучително културно богатство – рече јавниот обвинител Нити.

Според експертите, оваа операција покажува дека сè уште има огромни неоткриени богатства во земјите, кои привлекуваат разбојници и бескрупулозни трговци.
Истрагата започна минатата година откако беа откриени неколку тајни ископувања во регионот Каноса во Пуља, од каде што се верува дека потекнуваат сите предмети.

Кражбата на античката уметност не е нов феномен

Излезе дека пандемијата на ковид-19 им отвори на крадците нови можности да упаднат во затворени археолошки локалитети, цркви и музеи во потрага по непроценливи артефакти. Тоа се случи, пред сѐ, бидејќи полицијата имаше задача да спроведува блокади, па не беше толку фокусирана на криминалот, затоа што според некои процени се очекуваше и криминалците да мируваат како последица на затворањето на светот. Но се покажа дека оваа безбедносна процена не беше најпрецизна.

Потврда за таквото тврдење дојде од еден од луѓето што се извонредно добро упатени во оваа проблематика. Артур Бренд, еден од најистакнатите европски уметнички детективи и автор на „Хитлеровите коњи: Неверојатната вистинска приказна за детективот што се инфилтрирал во нацистичкото подземје“, изјави за Си-ен-ен дека најмалку половина од античките римски артефакти на пазарот во тоа време биле украдени.

НЕПРОЦЕНЛИВИ ШТЕТИ ЕВИДЕНТИРАНИ И ВО ЗЕМЈАВА

Ниту Македонија не е имуна на вакви обиди за откривање скриени богатства. Според гласините што се шират меѓу луѓето што се занимаваат со оваа нечесна работа, планините околу Кичево се полни со закопани богатства од минатото, каде што се кријат разни бесценети предмети на кои тешко би можела да им се одреди вредноста.
Тие места се скриени и недостапни за човечка нога. Голем број приказни има и за југот на земјава и се верува дека околу Гевгелија треба само да се „копне“ и богатството ќе се појави. Трети имаат „сигурни“ мапи за пределите во Кумановско и Кратовско… И сите тие приказни несомнено мотивирале многумина да си ја пробаат среќата, па да заминат на авантура што би ги направила богати пронаоѓачи на злато.
Сепак, тоа во реалноста не е баш така. Токму тие наивни обиди, всушност се кривични дела бидејќи се на штета на културно-историското наследство на нашата земја.

А факт е дека Македонија, како и сите други земји, има доста голем и сериозен проблем со ископувачи на скриени богатства, факт што го потврдуваат и од Министерството за внатрешни работи, од каде што велат дека граѓаните што се во потрага по „скриени богатства“ најчесто одат на локации во близината на стари цркви, манастири, стари гробишта и други локации, а таму најчесто бараат златни монети и други златни предмети.
– На тие места граѓаните вршат незаконски археолошки истражувања и ископувања, без дозвола од надлежен орган, за што користат детектори за метал и рачен алат за копање. Таквите диви копачи ги откриваме врз основа на превенција и со употреба на полициски методи и тактики. Во зависност од ситуацијата во која се затекнати лицата и ископаните предмети, копачите се гонат поради постоење основи на сомнение за следните кривични дела: „прикривање“ по членот 261 и „оштетување или уништување добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ по членот 266 од Кривичниот законик. Кога станува збор за скриено богатство, најчесто се бараат златни предмети и монети од злато, сребро и бронза – информираат од МВР.

ИЛЕГАЛНИ ИСКОПИНИ И ИЛЕГАЛНИ АУКЦИИ

Археолозите велат дека штетите што дивите копачи ги прават се од непроценлива вредност. Тоа се штети што не влијаат само на археологијата како наука туку и на историјата на земјата, но и на нејзината иднина.
– Копаат за да остварат нелегална заработка. Толку од приказната. Нема тука никакви идилични сценарија како во филмовите со Николас Кејџ, кога тој станува национален херој. Во вистинските случаи, копачите се обидуваат да скријат дека откриле нешто, за да можат да црпат предмети и истите тие да ги продаваат на црниот пазар, најчесто на аукции илегално организирани. Е таму се остварува огромна нелегална финансиска корист за копањето. Вообичаено се крадат по нарачка од лица што имаат антикварници или се приватни колекционери, а кражбите се реализираат во цркви и манастири и локалитети, во делови каде што нема голема фреквенција на луѓе – најчесто во планински предели и во села, и тоа во вечерните часови – вели еден археолог.

Според него, најголем проблем е кога се краде од археолошките локалитети, бидејќи крадците не само што го крадат наследството туку и го оштетуваат, затоа што не се професионалци и не знаат како да пристапат на теренот.

Голем дел вака откриени предмети се продаваат низ светот, некои на музеи, а некои завршуваат и во приватни колекции, но севкупно надежта дека тие ќе се вратат во земјава, практично, е еднаква на нула.

[email protected]