Фото: Архива

Според статистиката, која изминативе денови се гледа дека е „богата со кривични дела“ што се вршат во ноќните клубови во земјава, се поставува прашањето дали со пандемијата овие места за забава „се одметнале“ од вообичаениот начин на работење и станале „легла“ каде што не се почитуваат законите на државата. Колкав период се функционирало на овој начин и колку долго истите тие не биле контролирани?
За граѓаните, ова е навистина сериозна ситуација, бидејќи ова е прашање за безбедноста, односно сигурноста на нивните деца, кои иако се полнолетни, сепак, не треба да бидат дел од вакво опкружување

Дали ноќните клубови се трансформираат во инкубатори за непочитување на законите

Ноќниот живот во земјава се чини дека добива малку подруга нота од она што вообичаено е асоцијацијата за него: друштво, музика и добра забава до раните утрински часови… Имено, сѐ почесто билтените на Министерството за внатрешни работи регистрираат појави на масовни физички пресметки и бруталности во ноќните клубови, загрозување на безбедноста на посетителите, нелегална продажба и уживање во наркотици, но и непочитување на законите и прописите од областа на деловното работење на ноќните локали, како и непочитување на безбедносните здравствени мерки…

ЗА последниве НЕКОЛКУ ДЕНА, во ДЕСЕТИНА објекти регистрирани извршители на криминални дела и прекршоци

Во два угостителски објекти лоцирани на Широк сокак во Битола, полицијата пронашла шест лица без ковид-сертификати, едно со лажен сертификат, марихуана и таблети екстази, а дополнително биле регистрирани и прекршувања на јавниот ред и мир. И тоа, ова се само некои од недозволените поведенија што полицијата заедно со Управата за јавни приходи и Државниот пазарен инспекторат ги откриле во два угостителски објекти во Битола.
Според информациите од полицијата, во објект лоциран на Широк сокак биле пронајдени марихуана во две пакувања и три таблетки, а било приведено едно лице, додека уапсени биле уште осум други за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги. Од Државниот пазарен инспекторат биле констатирани пет лица без ковид-сертификати, за што оттаму најавија дека ќе следуваат санкции.
Во друг објект, исто така во Битола, лоциран на улицата Партизанска, надлежните откриле прекршоци на јавниот ред и мир, при што биле приведени три лица. Уапсено било уште едно лице за спречување службено лице при вршење должност. Од Државниот пазарен инспекторат констатирале присуство на едно лица без ковид-сертификат и едно лице со лажен ковид-сертификат.
Во Скопје, пак, од Министерството за внатрешни работи, УЈП и ДПИ, беа затворени пет ноќни клубови и дискотеки. Од МВР информираа дека имале сознанија оти во работењето на клубовите и дискотеките има нерегуларности, како неиздавање фискални сметки, пропуштање лица без сертификат за вакцинација, непочитување на протоколите за справувaње со ковид-19, присуство на малолетни лица во објектите, непоседување лиценци за лица од обезбедувањето.
Во локал на улицата Јордан Мијалков, од УЈП е констатирано неиздавање фискални сметки, а единицата за интервентна полиција приведела пет лица без лични карти. Во локалот биле пронајдени две лица што поседувале фалсификуван сертификат за вакцинација и 15 лица без сертификат за вакцинација. Од ДПИ е составен записник за затекнати лица во објектот без сертификат за вакцинација, за што ќе бидат издадени прекршочни платни налози за наплата на глоба, а објектот привремено е затворен.
Во угостителски објект кај железничката станица, при извршената контрола е констатирано дека девет лица не поседувале сертификат за вакцинација, а затечено било и едно малолетно лице. Од УЈП е констатирано дека има нерегуларности во готовинскиот промет, за што ќе им биде изречена парична глоба. Од ДПИ било констатирано дека во објектот не се почитува законот за пушење, не се постапува по здравствени протоколи, затекнати биле лица без вакцинален сертификат, за што ќе бидат изречени прекршочни глоби со издавање прекршочни платни налози, а објектот привремено е затворен.
Во угостителски објект на улицата Анастас Митрев, при извршената контрола, освен што биле регистрирани кривични дела исти како и кај другите локали, биле забележани и три лица што биле обезбедување, а немале соодветни лиценци за работа. Слично било и во другите два локала што биле затворени во главниот град.

ЗАБАВАТА во ноќните клубови не подразбира уживање во дрога и
наркотици

Според статистиката, која изминативе денови се гледа дека е „богата со кривични дела“ што се вршат во ноќните клубови во земјава, се поставува прашањето дали со пандемијата овие места за забава „се одметнале“ од вообичаениот начин на работење и станале „легла“ каде што не се почитуваат законите на државата. Колкав период се функционирало на овој начин и колку долго истите тие не биле контролирани?
За граѓаните, ова е навистина сериозна ситуација, бидејќи ова е прашање за безбедноста, односно сигурноста и безбедноста на нивните деца, кои иако се полнолетни, сепак не треба да бидат дел од вакво опкружување, посебно во услови на пандемија, кога спасот и излезот од неа се гледаат исклучиво во вакцинацијата, а клубовите се преполни со невакцинирани посетители.
– Пред само петнаесетина години ноќниот живот беше многу побезбеден во земјава. Забавите беа поделени на јуниор, медиум и сениор, односно на јуниор одеа малолетните до 23 часот, на медиум-забавите одеа поголемите, но сепак помали од возрасните, на возраст од 17-18 години до 20, а на сениор-забавите одеа повозрасните, од 25-26 години, па нагоре. Сега сѐ е измешано, во ноќни клубови одат и дилери и фалсификатори и разни криминалци.
Иако сега изгледа смешно, па дури и интересно кога ќе чуеме дека некој влегол со фалсификуван сертификат, другпат којзнае што ќе направи тоа лице – вели Тони Трајковски.
Дополнително загрижува фактот што во ноќните клубови се пуштаат и малолетни лица, а и тоа што сѐ почесто се забележуваат физички пресметки во ноќните клубови.

ФАЛСИФИКУВАНИТЕ ТЕСТОВИ И СЕРТИФИКАТИ ГИ ОТВОРААТ ВРАТИТЕ НАСЕКАДЕ

Со лажните сертификати и докази за прележана болест на луѓето им се отворија врати насекаде, не само во ноќните клубови. Македонија, за жал, со лесниот и брз начин на фалсификување, го држи рекордот.
Според истражувања на некои медиуми од регионов, Македонија е рекордер во нелегално лиферувани антиковид-потврди. Тоа се всушност документите што од пред извесно време се нужни за влез во јавните објекти низ земјава, но и за преминување на границите на голем број европски земји. Правењето лажен документ или менувањето на постоен документ без дозвола е криминално дело, но уште пострашно е што на тој начин се доведува во опасност безбедноста на луѓето во околината и се загрозува и нарушува јавното здравје.
Независно дали станува збор за сертификат за имунизација со две дози на вакцината против ковид-19 или за потврда за прележана болест во изминативе 45 дена, регионални медиуми, повикувајќи се на наоди од сеопфатно истражување, објавуваат дека на европскиот простор најголем број лажни антиковид-потврди го носат насловот на македонското министерство за здравство. Европските полициски служби веќе откриле неколку мрежи што ги фалсификуваат потврдите за вакцинацијата и дигиталните сертификати. Притоа, како најбизарни примери на лажните сертификати се посочуваат тие што биле издадени на имињата: Адолф Хитлер, Сунѓер Боб, Мики Маус… Според експертите, причината за тоа е недоволната заштита на интернет-страниците на надлежните државни институции што на фалсификаторите им овозможува да ги изработуваат лажните исправи.