Фото:Принтскрин

Без оглед на најавените царини од страна на новиот претседател на САД Доналд Трамп за Европската унија, за земјава е важно да ги задржи двете клучни патеки – евроинтегративниот пат кон ЕУ и стратешкото партнерство со САД, истакна  амбасадорот Ѓорѓи Филипов во изјава за медиумите пред отворањето на работилницата “Дијалог со граѓанското општество за промени во Западен Балкан”.

Според амбасадорот Филипов, земјава е мала и треба да ги следи своите интереси, а тоа е следење на двете линии – јасната определба за приклучување кон ЕУ, и задржување на статешкото партнерство со САД.

-Ние сме толку мали што можеме да си ја гледаме нашата работа односно да си го задржиме стратешкото партнерство со САД, имаме договор и треба да се придржуваме. Исто така, имаме јасна определба за приклучување кон ЕУ. Тоа на нас не треба да влијае многу. Значи ниту една американска влада не го поништи тој Договор. ЕУ останува на убедувањата, тоа ќе видиме како ќе заврши со нашите предлози што ги дава новата влада. Нас тоа не би требало да не загрижува. Ние ќе ги следиме тие два пата. Географски сме во Европа и мораме да бидеме со Европа и економски сме поврзани со Европа. Од друга САД е стратешки партнер, што значи НАТО, поврзани сме со НАТО. Тоа нема да влијае тоа на нас, туку ќе си ги гледаме нашите работи и не заземаме специјално страна- вели амбасадорот Филипов, кој е претседател на Советот на Амбасадори на Македонија.

Прашан во однос на најавените политики од страна на Трамп, Филипов потсетува дека Трамп, како и во минатиот негов мандат, исто така почна многу остро, па се смири ситуацијата на крај, а очекува така да биде и сега.

-Гледате дека најсилните бизнисмени, да ги наречам претприемачи на САД беа околу него. И тие имаат свои гледишта. Може и Европа да воведе царини, може Европа да забрани Фејсбук или „Х“ ако треба, така што нема никаква смисла САД да „војува“ со Европа бидејќи гледам дека сака да војува со Кина и со Русија и со сите, сепак премногу ќе биде. Европа и САД, мислам дека ќе останат сојузници- подвлекува Филипов кој беше амбасадор во Германија и во Австрија.

Амбасадорот Халили, прашан за најавените американски царини за ЕУ и како ние ќе постапуваме со оглед дека имаме стопроцентна усогласеност со надворешната политика на Унијата, а САД се наши стратешки партнери, уверува дека односот САД – ЕУ не не засега нас, бидејќи ние не сме членка на Унијата.

-Ние не сме полноправна членка на ЕУ, и односот САД – ЕУ не се однесува за нашата земја, особено што нашите партнери и Американците се свесни дека нашата економија не може да ги издржи овие работи. Тоа е вистината дека ние не сме членка, ние сме кандидат. Тоа што ЕУ секогаш на разни настани ја поканува и нашата земја, тоа е друга работа. Тоа се односи меѓу Република Македонија и ЕУ- вели Халили кој беше македонски амбасадор во Белгија.

За посетата на премиерот Христијан Мицкоски на САД и присуството на инаугурацијата на Трамп, Халили очекува по враќањето во земјава, за нивната агенда да брифираат од Владата.

Амбасадорот Ружин, пак, посочува дека како што најави Трамп царините ќе се однесуваат и на пријателски и на непријателски држави, а препоставува, вели, дека во пријателски држави спаѓаме и ние, па очекува нашето стопанство да ја дели судбината на останатиот свет.

-Секако дека во еден таков контекст кога бараме да влеземе во ЕУ, а истоворемно имаме стратешко партнерство со САД, сепак мислам дека економските интереси на Доналд Трамп ги надминуваат овие два интереса. И затоа мислам дека нашето стопанство ќе ја дели судбината со тоа што значи наметнување на даноци врз целата ЕУ и за останатиот свет. Со други зборови, ќе треба голема мудрост, голема умешност на нашиот политички врв, пред се, на дипломатијата да плови меѓу овие два големи предизвици. Од една страна мораме да го задржиме правецот кон ЕУ, а од друга страна да ги негуваме и натаму односите со САД. И конечно тоа е времето коешто ќе одлучи, бидејќи како што најавуваше Трамп наводно ќе биде до 60 отсто даноци за Кина, пред некој ден кажа дека почнува со 10 отсто.Така што, би заклучил, кога размислувате за Трамп очекувајте да се случи она што не може да го очекувате да се случи- вели Ружин.

На прашањето за евроинтегрциите и што може да очекуваме од посетата на државниот врв на САД, Ружин оценува дека е тоа добар потег, но не е оптимист дека Вашингтон може да помогне, оти Брисел силно стои на ставот за исполнување на обврската за уставните измени за одблокирање на европскиот пат на земјава.

-Јас сметам дека тоа беше добар потег, иако не беа директно бидејќи малку светски политичари беа таму. Секој потег за приближување кон САД е добар, бидејќи можеби Трамп и не знае, но неговата администрација ќе биде известена, да речеме и од Американската амбасада овде дека нашиот премиер бил таму со своја екипа. Не верувам дека може сега да се случи нешто значајно. Трамп е оптоварен со светските прашања. Можеби за некоја година да размислуваме, но јас сум сепак песимист во однос на ова прашање, бидејќи ЕУ цврсто е решена да го истера до крај тоа што е потпишано, односно да дојде до смена на Уставот, доколку сакаме да продлжиме со преговорите со ЕУ- вели Ружин кој беше амбасадор на земјава во НАТО.

Тој вели дека треба да бидеме реалисти во однос на можноста да се издејствуваат уставни измени со одложено дејство преку дипломатија, оти такво нешто во моментов, вели, не е можно.

-Јас би сакал, мислам треба да бидеме реалисти. Јас би сакал тоа да се случи, меѓутоа сепак не верувам дека е можно во овој момен. Еве пример ќе ви кажам. Во тимот на претседателката на ЕК (Урсула фон дер Лајен), сега е втор човек Александар Адам, кој беше прв советник на Макрон. Тој ја тера таа агенда, односно тешко дека ЕУ ќе попушти во однос на ова прашање- потенцира Ружин.

За тоа дали можеме да очекуваме поместување на ставовите во Софија по изборот на новата бугарска влада, Ружин нагласува дека „ние немаме проблем овде со Бугарија, имаме проблем со ЕУ. Така што, прашањето е за двајца играчи – ЕУ и нашата држава“.

Советот на амбасадори во соработка со Советот на амбасадори на Албанија и учество на партнерските организации – Атлантски совет од Босна и Херцеговина, Институт за одржлив демократски развој од Косово и Нов хоризонт од Црна Гора, денеска во Скопје организира работилница под наслов: „Дијалог со граѓанското општество за промени во Западен Балкан”, со акцент на вештините во дипломатсата комуникација, како и комуникацијата меѓу граѓанските организации и граѓанските општества во земјите на ЗБ за промени во позитивна насока.  Работилницата е дел од регионален проект поддржан со грант од ЕУ/ Фонд за Западен Балкан.