„Нова Македонија“ со повеќе написи објавува каде се и што работат нашите најдобри дипломци
ОБРАЗОВАНИЕ – Каде се нашите најдобри студенти?
Она што еден професор го прави најдобар е моќта да ги мотивира студентите. Поверојатно е студентот да биде ентузијаст за учење ако чувствува дека неговата работа е препознаена и вреднувана од професорот, вели 27-годишната Ерблина Зеќири од Тетово, која во 2020 година дипломирала на Институтот за математика на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на насоката Теориска математика со просек 9,8. Веќе од декември наредната година добила вработување како виш лаборант на Институтот за математика, онаму каде дотогаш се образовала.
Ерблина е на постдипломски студии на насоката Математички науки и примени. Се надева дека ќе има придонес во тоа да се задржи интересот на идните студенти за оваа фундаментална наука, за која се одлучуваат се помалку млади во Македонија, па во училиштата има недостиг од професори. Професори по математика се бараат и по училишта, и на социјални мрежи, а од ПМФ алармираа дека низ годините се забележува пад во интересот за нејзино изучување.
– Оваа работа е целта која ја поставив на почетокот на моите студии и која ме мотивираше да учам и да добивам високи оценки додека студирав. Се одлучив да останам и да ја продолжам кариерата во образование, зашто сакам да придонесам за формирање на општество со вистински вредности. За мене, влегувањето на универзитет беше просветлувачко искуство. Се восхитувам и ги почитувам академците кои ме воведоа во овој нов свет, па би сакала да имам таква улога во животот на идните студенти – вели Ерблина.
Смета дека секој млад човек треба да има идеја и цел за својата професионална определба.
Љубовта кон бројките пресудна за изборот на идната професија
Неа, уште од мала возраст омилени предмети и биле токму оние од природните науки, а посебно ја воодушевувала математиката.
Родители бараат наставници за училиштата и по Фејсбук, изгубените часови мора да се надокнадат
– Математика беше единствениот предмет во кој целосно уживав додека го учев. Постојано решавав различни задачи и никогаш не се чувствував уморна. Чувството после решавање на одреден математички проблем на кој се задржував со часови ме мотивираше уште повеќе – вели таа.
Ја прашавме што мисли за вечната дилема меѓу учениците за тоа дали секој може да научи математика.
– Математика е и љубов кон бројките, но и подготвеноста за постојано вежбање. Ако сакате да бидете навистина добри во математиката, треба да вежбате. Нема да научите ако верувате дека само вашиот вроден природен талент ќе го заврши најголемиот дел од работата наместо вас. Можеби овој став е против традиционалното мислење дека математиката е вештина со која едноставно сте родени. Причината зошто кај некои луѓе изгледа дека математиката не им е вроден талент или им изгледа невозможно да ја научат е затоа што имаат празнини во нивното знаење уште од мала возраст. Според моето искуство, на луѓе им е многу тешко да учат математика апстрактно, но ако им дадете практични задачи, тогаш тие брзо ќе ја совладаат проблематиката – објаснува младата математичарка.
Како се стасува до висок просек?
Ерблина вели дека времето на студии за неа биле досега најубавите години.
-Секој почеток е тежок, така и мене на почетокот на студиите ми требаше време да се научам во сосема нова средина, нов начин на учење, многу материјал поминат за кратко време и други предизвици. Секој предмет има своја убавина, но за мене омилени предмети во текот на студирањето беа математичките анализи – вели таа.
Континуирано посетување на предавањата и вежбите во текот на еден семестар, како и постојано учење и повторување на материјалот за еден испит е рецептот, според неа, како да се стаса до висок просек во студирањето.
-Не сум видела студенти кои учат во последниот час пред испит и добиваат добри оценки. Ако сакаме да бидеме успешни мора материјалот да се повторува на крајот на секоја недела. Кога ќе дојде испитот потребно ќе биде само еднаш да се помине материјалот, а не да се учи по прв пат – објаснува нашата соговорничка.
Неизмерна поддршка од професорите
Вели дека секогаш ќе се сеќава на професорите кои и предавале, зашто секој од нив на свој начин и помогнале да го постигне тоа што го сакала.
-Она што еден професор го прави најдобар е моќта да ги мотивира студентите. Поверојатно е студентот да биде ентузијаст за учење, ако чувствува дека неговата работа е препознаена и вреднувана од професорот – вели младата математичарка.
Со жар раскажува за случка додека студирала, која и дала сила да истраи и да постигне уште поголем успех. Во втората година од студиите се одржувал првиот семинар „Математика и примени“. Тоа бил период полн со колоквиуми и испити и Ерблина немала храброст да учествува мислејќи дека нема да може доволно да се подготви.
– Во тоа време ме исконтактира професорката Ирена Стојковска која ми предложи тема за семинарот и ми помогна да сфатам дека можам да се фокусирам истовремено и на испитите и на други активности. Професорката ме поттикнуваше да ги следам и другите семинари и активности паралелно со полагањето на испитите и ми помогнаа да стекнам големо искуство и од другите математички области – раскажува Ерблина.
Во четврта година работела и како демонстратор, т.е. држела вежби на математичките предмети на Градежниот факултет во Скопје, искуство кое и помогнало да го трасира понатамошниот професионален пат.
Повисоките плати во приватниот сектор ги привлекуваат математичарите
Ерблина ги посочува и причините поради кои математичарите не ја одбираат наставничката професија.
– Вистина е дека нема невработен математичар, зашто сите студенти кои завршуваат на Институтот за математика, па дури и пред завршувањето на студиите се вработуваат по основни или средни училишта, но и по компании. Секоја компанија има потреба од најмалку еден математичар, во зависност од работата. Тој недостиг на наставници во основните и средните училишта можеби се јавува заради големата потреба на математичарите по компаниите. Не можеме да го избегнеме фактот дека компаниите им нудат повисоки плати со што и ги привлекуваат математичарите да ја продолжат кариерата таму – смета Ерблина.
Сепак, вели и дека дел од студентите кои завршуваат математика се вработуваат во образование и покрај можноста за работа во компании за повисока плата.
– Тие се вистинските вљубеници во математиката и сакаат да ја шират љубовта кон математиката. За да ги поддржиме наставниците и ако сакаме да имаме генерации кои би сакале да работат во образование, треба уште од мала возраст учениците да изградат добро мислење за позицијата наставник, односно да ѝ дадат вредност на таа професија, без разлика за кој наставен предмет се работи – посочува таа.
Практичен пристап без суво предавање на предметите
Кога би имала можност да направи промена во образовниот систем, без разлика дали тоа би било во основното, средното или високото образование, вели дека би го направила секој предмет попрактичен, односно поприфатлив за разбирање на учениците.
– Би ја објаснила секоја задача преку реални проблеми, би ги направила часовите поинтерактивни, со повеќе самостојна работа на учениците. Да нема само суво предавање на материјалот, бидејќи на тој начин знаењето на учениците или студентите ќе им биде темелно вградено. На тој начин на долг рок ќе имаме генерации кои се подготвени да ги спојат знаењата како сложувалка во полињата каде што ќе продолжат професионално да се фокусираат – вели Ерблина.
На студентите им порачува дека ако се одлучат да останат во својата земја и да вложуваат труд во нивната работа можеби нема да биде лесно, но ќе биде вредно.
– Така ќе можат или ќе можеме да градиме здраво и силно општество и подобар живот за идните генерации – заклучува Ерблина.