Фото: Фејсбук/Рената Дескоска

Одлуката на Уставниот суд да почне постапка е добра вест, изводот не мора да ги содржи сите податоци од матичната книга, смета професорката и ексминистерка за правда, Рената Дескоска.

Таа образложи дека етничката припадност спаѓа во групата сензитивни податоци, кои подлежат на посебна заштита во согласност со правилата за заштита на личните податоци. Други такви податоци, вели Дескоска, се податоци за религиозна припадност, политичка определба, здравствена состојба, сексуална ориентација.

„Мислам дека е добра веста што дојде од Уставниот суд дека ќе го искористат судскиот активизам и ќе поведат постапка за оцена на уставноста на упатството. Би била одлична вест доколку како епилог на таа постапка, Уставниот суд го поништи новото упатство, а го укине спорниот дел од законот повикувајќи се на меѓународните акти, кои ги имаме потпишано и ратификувано“, вели професорката.

Дескоска очекувала дека надлежното министерство ќе предложи измена на Законот за матичната евиденција заради усогласување со меѓународните обврски, а не измена на упатството за примена на законот.

Оценува дека ова што се случува сега е ретрограден процес и непочитување на меѓународните обврски што сме ги презеле како држава.