Пожарот во Неготинско е на тешко пристапен терен, се апелира за поголема брзина и поголема ефикасност во гаснењето, вели во изјава за МИА, Васко Јованов – Ладна, доброволец во гаснењето и претседател на Месната заедница на неготинското село Тремник.
-Пожарот е во близина на неготинските села Калањево и Липа, во кои има викендички. Ако не се изгасне навреме пожарот, можно е тој да претставува опасност за викендиците. Утринава со заеднички сили на сите учесници во гаснењето, го изгаснавме огнот од тој дел кон овие две села, околу три часа беше смирен, но подоцна пак се активираше од ветерот. Гори нискостеблеста шума – појаснува Јованов, додавајќи дека во гаснењето на пожарот учествуваат и доброволци.
Командантката на Штабот за заштита и спасување Неготино, Гордана Јованова, инаку советничка во Совет на Општина Неготино, за МИА рече дека на населението што престојувало во објекти во села близу пожарот, во текот на вчерашниот ден им било кажано да се евакуира. Има и апел да нема движење во тие неколку села во близина на пожарот.
– Според нашите информации, точно е дека еден крак од пожарот е близу Калањево, но таму денеска интензивно се гасне од земја и воздух. Се очекува до крајот на денот пожарот во тој дел да биде локализиран – нагласи Јованова и најави нов состанок на Кризниот штаб за вечерва.