Македонија, заедно со Естонија и Узбекистан, е посочена како светла точка во најновиот извештај „Нации во транзиција“ на американската невладина организација „Фридом хаус“.
– Најголемата шанса за демократски напредок во Европа денес се наоѓа во Македонија. Иако мала земја, шансата е голема: успех во Македонија би значел крај на една деценија заробена држава и мирно решавање на билатералните спорови што го спречуваат политичкиот и економскиот напредок во регионот – се наведува во извештајот.
Според „Фридом хаус“, промената на власта во Македонија во јуни лани овозможи да запрат годините на заробеност на државата и да почне решавањето на споровите со соседите.
– Променетата политичка клима што беше драматично потврдена на локалните избори во октомври, отвора можности новата Влада да ја спроведе ветената реформска агенда. Оваа година веројатно ќе биде тест за заложбите на СДСМ и ДУИ за реформи. ВМРО-ДПМНЕ, која на крајот на минатата година реши да го бојкотира Парламентот, исто така може да има решавачки придонес во реформскиот процес. Нормализацијата на параламентарната работа со целосно учество и на власта и на опозицијата, ќе биде клучно прашање во 2018 – се вели во извештајот.
Прв клуч на успехот за коалицијата предводена од СДСМ, укажува „Фридом хаус“, е решавањето на прашањето за името со Грција што понатаму ќе го отвори патот до членство во ЕУ и НАТО и ќе и даде голем меѓународен поттик на земјата.
– Ако се реши прашањето со името, тогаш почнува тешката работа. Ќе биде тешко за новата коалиција да ги размонтира клиентелистичките мрежи на ВМРО-ДПМНЕ изградени во текот на годините, а тоа ќе биде уште потешко заради борбата против злоупотребите во своите редови. Новата Влада заслужува силна поддршка од САД и ЕУ, вклучително и притисок кон Грција за решавање на прашањето со името и поддршка за болниот процес на ослободување на заробената држава – се нагласува во извештајот.
„Фридом хаус“ како земји во кои е забележано најголемо назадување во изминатата година ги издвојува Полска, Унгарија и Србија.