Засега нема потреба од дополнителни рестриктивни мерки, бидејќи состојбата се стабилизира по иницијалното зголемување на бројот на заразени од коронавирус, истакна министерот за здравство Венко Филипче, додавајќи дека бројот на новодијагностицирани се стабилизираше на речиси десет проценти од вкупниот број направени тестови, по иницијалното зголемување кое беше особено нагло изминатата недела.

– Контролите на случаите и увидот во епидемиолошките анкети засега не оставаат простор за паника, односно нема најава за неконтролирано ширење на вирусот, што би требало да наметне потреба за дополнителни рестриктивни мерки. Искрено се надевам дека ниту нашата земја, ниту целиот регион нема да се соочиме со таква ситуација да треба да препорачаме рестрикција – рече Филипче, одговарајќи на новинарско прашање по одбележувањето на Светскиот ден на срцето.

Според министерот, првиот чекор би бил некоја форма на поблаги рестриктивни мерки. Тој нагласи дека маските на отворено засега не се задолжителни, но додаде дека доаѓа есенскиот и зимски период кога луѓето треба да се штитат и од настинки.