Министерот за здравство Венко Филипче на попладневната прес-конференција објави дека во земјава е регистриран првиот смртен случај од коронавирусот. Станува збор за жена од Куманово на возраст од 57 години.

Како што соопшти министерот, се покажало дека жената е позитивна на вирусот по постхумно спроведен тест, откако докторите се посомневале поради тоа што нејзината здравствена состојба драстично се влошила, иако претходно два теста се покажале како негативни.

Претхотно додека била подложена на третман, таа била во изолација.

– Во однос на приемот и третманот во кумановската болница е постапено согласно сите протоколи на изолација, навремено се земени 2 теста и двата покажале негативен резултат. Но, и поркрај тоа што имала негативен резултат, болеста била типична на коронавирусот – појасни министерот.

Заедно со сега починатата бил хоспитализиран и нејзиниот 33-годишен син, кај кого од вчера има влошување на здравствената состојба, па бил префрлен на Инфективната клиника и сега е во стабилна состојба.

Во последните 24 часа бројот на новозаболени од коронавирус во земјава се искачи на 114 лица, откако во овој период беа детектирани 29 новозаболени.