Илустрација/Фото: Маја Јаневска-Илиева

Заради заштита на јавното здравје и превенција од коронавирус, Нардоната банка апелира да се избегнува користење готовина и плаќањата да се вршат со платежни картички.

Исто така, НБРМ апелира да се избегнува посета на експозитурите/филијалите на деловните банки, како и на штедилниците и менувачниците и банкарските услуги да се користат преку сервисите за електронско, мобилно и телефонско банкарство.

За упатување прашања, консултации и дописи до Народната банка, да не се доаѓа лично во просториите на Народната банка, туку тоа да се оствари преку е-адресата [email protected], преку официјалните страници на Народната банка на социјалните мрежи или на телефонските броеви 02/3108 108; 02/3108 219; 02/3108 212. За информации поврзани со кредитните работи со странство или други прашања во доменот на Дирекцијата за статистика на Народната банка, комуникацијата може да се оствари преку е-адресата [email protected] или преку телефонскиот број 02/3215-235, локал 123, 128, 120, 129, 126, 121 или 125.

Од НБРМ информират дека се откажани учествата на вработените во Народната банка на конференции, семинари и обуки организирани од страна на надворешни субјекти, откажани се сите настани организирани од Народната банка, како и состаноците со надворешни субјекти.

Други мерки кои ги презема Народна банка како превенција од ширењето на коронавирусот:

– Музејот и Библиотеката и архивот на Народната банка ќе бидат затворени за посетители;
– Нема да се одржуваат организирани посети за финансиска едукација;
– Приемот на налози за извршување плаќања за државата и државните органи ќе се врши до 11 часот. Подигањето документи за подигање ефектива од трезорот ќе се врши во редовните термини од 13 до 14 часот исклучиво преку писарницата на Народната банка;
– Исплатата и приемот на девизи од овластените лица на државните институции ќе се врши секој работен ден од 14 до 15 часот, исклучиво преку писарницата на Народната банка;
– Издавањето извештаи за податоци од кредитниот регистар ќе се врши само во вторник и четврток од 15 до 16 часот, исклучиво преку писарницата на Народната банка;
– Приемот на странки за замена на оштетени пари, за купување книжни и ковани пари за нумизматички потреби, како и на странките заинтересирани за купување ковани пари за колекционерски цели ќе се врши единствено во понеделник, во периодот од 12 до 13 часот.

– Народната банка на редовна основа го анализира ризикот од ширење на заразата со вирусот ковид-19. Доколку е потребно, овие правила ќе бидат променети – се наведува во соопштението.