Деновиве се одржа првото онлајн-судење во кавадаречкиот суд во земјава, по што и невладините организации повикаа да се зачести оваа практика. Во меѓувреме, правните експерти со кои се консултиравме велат дека онлајн-судењата се добра новост, но тие тешко можат да профункционираат бидејќи има многу дилеми што треба да се решат законски
ПРВО ОНЛАЈН-СУДЕЊЕ ВО КАВАДАРЕЧКИОТ СУД
Дали пандемијата поврзана со коронавирусот и задолжителната самоизолација може да го променат начинот на кој функционира правосудниот систем во земјава? Оваа дилема стана актуелна во јавноста откога се одржа и првото онлајн-судење во кавадаречкиот суд во земјава, по што и невладините организации повикаа да се зачести оваа практика.
Коалицијата „Сите за правично судење“ ги повика надлежните служби, вклучувајќи ги судовите, Судскиот совет, Министерството за правда, Управата за извршување на санкции да користат информатичко-компјутерска технологија за спроведување јавни судења без физичко присуство на учесниците во иста просторија, за заштита од ковид-19.
Оттаму во оваа насока го пренесуваат и обраќањето на високиот комесар за човекови права на Обединетите нации, во кое се повикуваат државите да ги преземат сите неопходни чекори за да ги заштитат здравјето и животот на лицата што се во притвор и во други затворени установи, здравјето на нивните семејства што доаѓаат да ги посетат, како и здравјето и животот на лицата вработени во овие установи и нивните семејства
Во меѓувреме, експертите со кои се консултиравме велат дека онлајн-судењата се добра новост, но тие во практиката тешко можат да профункционираат на долги патеки, додека не се променат законите во земјата, кои во моментов не ја предвидуваат оваа можност.
Поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев вели дека иницијативата за водење интернет-судења преку видеоврски е спроведлива во нашите судови, но не секаде, туку само во големите градови и во оние судници во кои има технички услови за спроведување на судењата.
Илиев потсетува дека овој начин на дејствување не е новост за македонските судови, бидејќи на овој начин се вршело земање изјави од сведоци, кои поради безбедносни или други причини не биле во нашата држава или им била скриена локацијата од која се јавуваат.
Сепак, Илиев оценува дека во суштина вршењето на овие судења доаѓа во судир со законите, бидејќи кај нас сѐ уште нема пропишано законски мерки за водење на процесите на овој начин.
– Јас лично дополнително не гледам голема корист од овој тип водење на процесите, но истовремено верувам дека науката и практиката во правото треба да прогресираат – вели Илиев.
Тој вели дека ако државата одлучила да спроведува вакви студења, тогаш треба и да ги оспособи судовите да функционираат како оние во големите градови, затоа што во сегашните услови сѐ уште имаме судници во кои записниците се изработуваат со машина за чукање.
Адвокатот Александар Тортевски вели дека тој е правник од постар ков, па токму затоа овие најави за онлајн-судења ги зема со одредена доза на резерва.
– Јас сум приврзаник на традиционалниот начин на спроведувања на судењата, бидејќи верувам дека треба да се придружуваме до нашите закони, кои во овој момент не предвидуваат ваква законска практика – вели Тортевски.
Адвокатот смета дека во моментите кога се даваат изјавите и се вршат распитите на онлајн-начин има многу неодговорени дилеми, кои треба да се решат законски.
– Имено, кога сега се врши распит, не можеме да бидеме сигурни дека некој не му ги дава одговорите на лицето што дава исказ пред камера, односно дали го подучува и дали е тој сам во собата од која се јавува. Натаму, не може да се забележат јазикот на телото и движењата, кои многу се битни во процесот на вршење распит, бидејќи со нивна помош може да се оцени дали некој ја говори вистината или не – вели Тортевски.
Тој проценува дека кога ќе се завршат немилите состојби поврзани со пандемијата, судењата што започнаа да се спроведуваат на овој начин ќе паднат пред повисоки судски инстанци токму поради дел од неговите забелешки.