Во моето ателје сум сам со својата работа
Откако се воведоа мерките за превенција од ширење на вирусот и образовните институции се затворија, јас и моите колеги од ФЛУ се обидуваме да ја продолжиме наставата колку што е можно поефективно преку интернет-комуникација. Со оглед на тоа што мојата настава е практична, сега засега, од студентите очекувам планови за работа и скици за тоа што сакаат да го прават кога кризата ќе заврши.
Како резултат на овие промени, најголемиот дел од времето го поминувам во домашна изолација каде што се обидувам секојдневно точно да се информирам за текот на настаните, притоа јас и целото семејство се обидуваме максимално да работиме на зајакнување на нашиот имунитет.
Сепак, си дозволувам да излезам и да одам во моето ателје каде што работам на своите проекти, без притоа да се изложувам на контакт со други лица. Таму сум сам со својата работа, што наедно и помага ментално да се изолирам од паниката што владее во земјава.